Владејачките партии во Хрватска, Србија и во Македонија, во услови на епидемија, беа поуспешни во подобрувањето на перцепцијата кај гласачите, кои при одлуката на денот на гласање се раководеа и од други локални специфики
Во услови на пандемија, во земјите на Балканот владејачките партии беа перципирани како поуспешни кај гласачите на изборите
Изборниот процес за парламентарните избори во трите земји од Балканот, кој беше спроведен во период на најголемите врвови на епидемијата на коронавирусот, е завршен. Хрватска 17 дена од изборите ја добива новата влада под водство на ХДЗ, која го продолжува претходното владеење во Хрватска. Во Србија лидерот на СНС Александар Вучиќ ги завршува консултациите со парламентарните партии за составување на новата влада, иако сама може да формира нова влада, во која тој ќе го поседува апсолутното право за носење одлуки. Во Македонија се во тек жалбените постапки од незадоволните партии, кои учествуваа на изборите, на кои владејачката коалиција на СДСМ освои предност од два пратеника и можност прва да составува влада. За разлика од Србија и од Хрватска, во Македонија предноста на владејачката партија е најмалку убедлива, но сепак за сите нив е заедничко што победата ја остварија од позиција на власт и во вонредни услови за одржување избори.
Редакцијата на Би-би-си на српски јазик направи анализа за тоа дали здравствената криза и прикажувањето на успешноста во справувањето со коронавирусот им помогна на владејачките партии да ја зачуваа предноста што им ја дава позицијата на власт и да освојат победа. Џејмс Кер-Линдзи, од Лондонскиот универзитет за економија и политички науки, смета дека врската со пандемијата и добрите резултати на владејачките партии во Србија, Хрватска и во Македонија не може да се разгледува поедноставено.
– Ова се вонредни околности и тешко е да се каже како влијаат тие на различните процеси во општеството. Мора да се разгледуваат локалните специфичности. Во Македонија изборите се спроведоа по постигнувањето на Преспанскиот договор и по зачленувањето на земјата во НАТО или отворањето на преговорите со ЕУ, што го насочија и гласањето на граѓаните. Во Србија долго време пред пандемијата се знаеше дека владејачката структура ќе победи на изборите и тоа не беше изненадување, покрај бојкотот на дел од опозицијата.
Црна Гора е пред избори и ако резултатите од мерките против короната бидат лоши, тие ќе се манифестираат и на изборниот исход. Но кога ќе се споредат односите во балканските држави со тие во Европа и во светот, многу фактори влијаат на изборната атмосфера и на резултатите – вели Кер-Линдзи.
За професорот на Факултет на политички науки во Загреб, социологот Дражен Лалиќ, не постои дилема дека на балканските простори тој што управува со кризата победува на изборите.
– Тоа е аксиом во политикологијата. Александар Вучиќ, Андреј Пленковиќ и Зоран Заев се најистакнати политички личности во своите земји. Кризите во земјите од Западен Балкан не се предизвикани само од коронавирусот, туку и од внатрешните фактори во општеството. Успехот на изборите се должи и на клиентелизмот, што во политичките науки се објаснува како давање поддршка во политиката во замена за одредена корист, најчесто лична. Клиентелизмот дополнително доаѓа до израз во услови на низок одзив, кога пресудна улога имаат силната партиска организација и користа од мотивација на гласачите. Во Хрватска испраќањето сигнали за сигурност во услови на епидемијата (поради влијанието на туризмот) беше клучна за ХДЗ да ја добие довербата од гласачите, иако се виде дека епидемијата не е победена – објаснува Лалиќ.
Како ќе се одрази некоја криза на власта често зависи од начинот на кој таа ќе го претстави сопственото управување со таа криза, вели Далибор Петровиќ, социолог и професор на Универзитетот во Белград.
– Доколку тие што се на власт успеат да ја наметнат перцепцијата дека некоја криза е надмината, можат на некој начин да го капитализираат тоа на денот на изборите. Србија е екстремен пример за тоа дека борбата против вирусот се претвори во изборна кампања, која траеше цело време од појавата на епидемијата. Во Хрватска работата на кризниот штаб беше опишуван како политички мотивиран. ХДЗ оствари убедлива победа над опозицијата, а употребата на кризата во политичката борба беше во рамките на дозволените граници – вели Петровиќ.
Според неговото мислење, во земјите каде што постои директна контрола на медиумите и каде што не постои плурализам на политичкиот живот, а политиката е претворена во имагинарна претстава на животот, подоминантна е претставата за тоа како „успешно“ се борат со кризата, а со тоа вештачки се создава атмосфера за победа. Таму каде што струката била доминантна, а вирусот навистина се смируваше, победата на изборите е втемелена на реалната состојба на теренот, а тоа се покажа и во Хрватска, каде што две недели по изборите бројот на новозарзаени не експлодира, заклучува социологот Далибор Петровиќ.