Негувателките од Источна Европа што се ангажирани за грижа на германските пензионери работат 24 часа на ден, без слободно време и со договори со кои се платени за шестчасовен работен ден
Бугарија
Стотина илјади негувателки од Источна Европа се грижат за германските пензионери во нивните куќи. Тие им се на располагање 24 часа во денот, а се платени само за неколку часа во денот. Една од нив е и бугарката Добрина Д., која сега преку суд бара да ѝ се исплати неплатеното работно време. Таа во текот на целиот ден била задолжена за готвење, миење садови, чистење на кујната, била ангажирана и за носење лекови, за дневните набавки и за пеглање на алиштата. Во нејзините задолженија била и придружба на старицата кога одела на лекар, кога се дружела со пријателите на кафе, а морала да ѝ прави друштво во вечерните часови дома. Нејзиниот работен ден не престанувал и кога пензионерката ќе ѝ посакала „добра ноќ“, па негувателката од Бугарија често станувала во ноќта за да ѝ ги смени пелените на старицата или да ѝ даде од лековите.
Добрила деноноќно ѝ била на располагање на 96-годишната старица. Таа живеела во станот на старицата.
– Морав да бидам на располагање 24 часа на ден. Немав слободни денови, ни време за себе – вели таа, во разговор за „Дојче веле“.
Таа се вратила во Бугарија, но сеќавањата на 2015 година кога во Берлин негувала една старица и натаму ја мачат. Добрила смета дека била измамена од нејзината фирма, која посредувала во пронаоѓањето на работата во Германија. Според работниот договор со бугарската посредничка агенција за вработување, Добрила требало да биде ангажирана шест часа дневно. За толку била и платена, односно 950 евра месечно нето.
Таа поднела тужба против својот работодавец пред германскиот суд, кој пресудил во нејзина корист. Работодавецот мора да ѝ исплати уште 42.000 евра. Ова е сумата што е соодветна за работа за дежурство од 24 часа на ден, што исто така мора да биде платено со минимална саатница, одлучил Судот за работни спорови во Берлин.
Бугарската агенција поднела жалба на пресудата, а судијата во второстепена постапка предложил спогодбено решавање на спорот, односно Добрила Д. да добие 10.000 наместо 42.000 евра. Нејзиниот адвокат го прифаќа тоа, затоа што за неа е подобро да добие помал износ порано, отколку да се соочи со долготраен судски процес. Бугарската агенција сѐ уште размислува за понудата, затоа што се плаши дека нејзиното прифаќање ќе предизвика бран од нови слични тужби.
Јустина Облацевиќ од Германскиот сојуз на синдикатите, четири години ги советува луѓето од Источна Европа, особено жените што се ангажирани како негувателки на околу 300.000 германски пензионери во нивните куќи и станови. Приказните како на Бугарката Добрила ги слуша секој ден.
– Се радувам што конечно некој се одлучи да поднесе тужба. Со години има такви забелешки од негувателките, кои остануваат кратко време во Германија. Тие се целосно посветени на обврските, слабо зборуваат германски и не ги знаат своите права – вели Облацевиќ.
Негувателките не поднесуваат тужби плашејќи се од отказ. Меѓу нив се зборува дека тие што ќе се побунат ќе бидат ставени на „црната листа“ за вработување во Германија. Агенциите за вработување го користат моделот за ангажирање на негувателките што се базира на разликите во висината на платите во рамките на Европската Унија и можноста за вработување работници на привремена работа во странство. Тоа функционира на следниот начин. На пример, една негувателка од Полска склучува договор со полска агенција за посредување при работа. Германското семејство склучува договор со германска агенција.
Потоа двете агенции меѓусебно склучуваат договор за соработка. Негувателката се ангажира на еден или до три месеци во Германија. По одбивањето на провизиите просечно добива 1.300 евра месечно нето-плата. Според Јустина Облацевиќ, преку овој модел профитираат агенциите за посредување, а негативните последици ги сносат жените што во германските домаќинства се вработени како привидно самостојни претприемачи.
Повеќето жени во разговор за „Дојче веле“ кажуваат дека имаат проблеми доколку бараат слободно време. Но доколку дојдат во спор со „работодавецот“ тогаш за кратко време мораат да бараат нова работа.
Германската држава долго време избегнува да се посвети на прашањето за домашна нега, а акутната потреба за негувателки го отежнува префрлањето на амбулантната нега. Германците не можат без негувателките од Источна Европа, кои работат без правна заштита и без договори.