Љиљана Смајловиќ колумнистка на „неделник“ за актуелните случувања во соседството
По насилните протести во Белград, јас не гледам дека некој се залага или повикува на некаков консензус, полицијата мора да ги чува институциите, јас како граѓанин мора да знам дека некој ги заштитува институциите и дека некој ги заштитува јавниот ред и мир, вели српската новинарка Љиљана Смајловиќ, која е претседателка на Судот на честа во Здружението на новинарите на Србија, колумнистка на „Неделник“ и поранешна главна и одговорна уредничка на весникот „Политика“. Таа во јавните настапи на телевизиите даде свој поглед за причините, поводот и последиците од последните протести во Србија, кои беа иницирани од граѓаните, по најавите за воведување нови мерки за заштита од ширењето на епидемијата.
Дали е воопшто јасно што е основното барање на демонстрантите, со оглед на тоа дека тие бараат и смена на претседателот на Србија, смена на Кризниот штаб, се зборува и за 5Г-мрежата итн.?
– Јас не сум сигурна дека тие имаат барања, но она што ми е јасно е дека насилството го предизвикува една група млади и многу бесни луѓе, кои поверуваа во неколку работи. Ќе цитирам неколку работи од Твитер: „’Налудничав лидер‘ ја води државата, Државата не се грижи за граѓаните, организирани се „избори заради избори“ иако постои опасност од корона…“ Тие се луѓе што не веруваат во короната, тие се против вакцина, тие поверуваа дека претседателот ќе го предаде Косово. Овде со години се зборува дека претседателот Александар Вучиќ останува на власт, бидејќи ја има поддршката од Запад, бидејќи оној што го поставил на власт од него очекува да го предаде Косово. Јас ова го нарекувам „студена граѓанска војна“, зборувајќи за овие претходно споменати лесно фрлени обвиненија, зборувам за овој брутален говор на политичките противници каде што едни со други се обвинуваат за најлоши можни работи, убиства, кражби, предавства итн. Дали сега треба да се изненадиме што имаме една маса гневни луѓе што поверувале во сето тоа и кои се подготвени да ја уриваат власта и да ја уриваат стабилноста на државата по секоја цена? Ние видовме ескалација на методите на оние што насилно протестираат. И тогаш имате поголема употреба на сила од страна на полицијата. Мислам дека во Белград има многу загрижени луѓе, уплашени луѓе, кои се прашуваат дали е ова почеток на вистинска граѓанска војна и што ќе се случува понатаму? Никој не може да одобрува ни рушење, ни палење на Белград. Ова сериозно внесува страв за тоа како ќе живееме ние во иднина, како ќе се излегува накрај и со короната и економските тешкотии?! Тоа се работи за кои навистина треба да се има одредено ниво на заедништво. Кога се во прашање економските проблеми треба да имате заеднички дух дека на народот мора да му помогнете, дека таму каде што може треба да се исплаќаат минимални плати, кај короната луѓето мора да ви веруваат. А овде секојдневно се зборува дека лекарите ве лажат, Кризниот штаб ве лаже, дека тоа се измамници!? Тоа во одреден момент доведува „да се случи народ“.
Дали во овие моменти е можно да се избегнат судирите меѓу полицијата и демонстрантите. Видовме каменување, факли, солзавец. Што мислите дали полицијата ги зачува јавниот ред и мир и дали во овој момент има простор за консензус и договор за излегување од сево ова?
– Јас не гледам дека некој се залага или повикува на некаков консензус. Го слушнавме црковниот лидер, кој е популарен, школуван, кога и тој низ шега кажува: „Ако јас го организирам ова, вие не ќе можете ни да дадете изјави“. Е, тоа не е повик за „ајде да седнеме и да се договориме и да видиме за што сте вие во право и за што сме ние во право“. Јас не го гледам тоа. Ако влезат демонстрантите во Собранието, не можеме ние да кажеме: „Ајде да не ги чепкаме, за да не предизвикаме насилство“. Полицијата мора да ги исфрли од Собранието, полицијата мора да ги чува институциите, јас како граѓанин мора да знам дека некој ги заштитува институциите и дека некој ги заштитува јавниот ред и мир. Од друга страна, ако имате бесна група што е дојдена само да ја испровоцира полицијата, мислам дека зад овие гневни луѓе стои десната опција, која одамна зборуваше дека „не помагаат мирни протести со години ништо не постигнавме со мирните протести сега е моментот да го уништиме статус квото, да ја уништиме стабилноста, да ја натераме полицијата да употреби против нас прекумерна сила и тогаш да се сврти јавноста против власта, која не е во состојба да го зачува мирот низ улиците и против коалицијата, која ги тепа демонстрантите“. А полицијата, барем тоа го видовме во сите земји на светот, кога ќе тргне кон сузбивање насилни протести тогаш употребува и солзавец и палки, а таа глетка е ужасна.
Видовме разни лидери на движењето на опозициските страни, десничари, странските медиуми еднодушно известуваат дека екстремните десничари направија хаос во Белград, ја испровоцираа и полицијата. Кој е всушност титуларот на протестите?
– Доаѓањето на опозициските лидери на протестите јас повеќе го гледам како некаква нивна желба, иако тие велат дека сакаат да се придружат кон мирните граѓани што протестираат. Јас верувам во тоа, но на некој начин гледам и дека тие се обидуваат да кажат и дека „ова е наше“ и „ние сме со овие луѓе“. Од друга страна, не би ги обвинувала опозициските лидери што се колнат во демократските идеали, дека тие ги убедувале да фрлаат запалени факели на Собранието, да превртуваат автомобили… Кога го гледавме влегувањето првата вечер во Собранието го видовме Срѓан Ного. Претпоставувам дека тој беше во првата група што влезе во Собранието, него го препознаваат како лидер, бидејќи него не го исфрлаат од протестот, можеби некои граѓани извикуваа „Ного оди дома“, но тој навистина не беше исфрлен од тие бесни луѓе. Меѓутоа, од друга страна, кога во првите редови се придружи Вук Јеремиќ, тој од таму беше исфрлен. Разбеснетата толпа го избрка Вук Јеремиќ, а вчера го избркаа и Сергеј Трифуновиќ, иако Сергеј вели дека власта му го наместила тоа… Но кога ги слушате младите што протестираат, кога скандираат „не даваме мигрантите овде да се населат, нема корона, вакцините се опасни, мигрантите се ужасни, сите лекари лажат, претседателот е злобен лудак што ќе го предаде Косово“ итн., токму по тоа вие знаете чија е таа реторика! Токму тоа може да се нарече екстремна десница.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека во протестите се вмешани странски служби. Како гледате вие на таа негова изјава?
– Јас не знам со какви информации располага тој. Овде се во прашање многу интереси, големите сили имаат големи интереси. По начинот на кој западните медиуми и Брисел веднаш рекоа дека она што во протестите не е добро се десничарите. Не демонстрираа луѓето што зборуваат дека Србија треба да биде попустлива во преговорите со Косово. Не верувам дека западните (безбедносно-разузнавачки) агенции се вмешани да го изведат овој начин на говор. Но од друга страна, на сите овие сили што менаџираат со преговорите за Косово им одговара послаб претседател (на Србија), тие би сакале навистина претседателот да биде гарант на секој постигнат договор, да биде доволно силен, но од друга страна да не биде пресилен и нечувствителен на притисоци. Поаѓајќи од тоа, кој сега од нас може да каже дали некоја служба е вмешана или не, без повеќе информации. Но може секако да ја разберам логиката дека на ова парче европска земја постојат сериозни интереси, дека овде постои еден нерешен конфликт и дека одредена голема сила постигнува нешто ако на онаа другата (ривалска голема сила) ѝ ги искомплицира работите и интересите. Логично ми е да се надминуваат не само различните политики туку и нивните служби.
Медиумите се секогаш цел на напади, напаѓани се новинари и новинарски екипи. Како да му се застане на патот на сето тоа?
Јас се солидаризирам со новинарите во Србија, особено со оние што известуваат од улица, што е опасно, опасно е за снимателите, новинарите… Кога луѓето излегуваат бесни и се тепаат со полицијата, тие нема да кажат, еве, ова се новинари и нив ги почитуваме и ќе ги поштедиме. Јас гледам и следам што се случува во светот не само во Америка, туку и во Европа, не гледам дека некому му појде од рака да ги убеди граѓаните дека новинарите се непристрасни, дека тие работат за јавниот интерес, тоа е таа логика на студената граѓанска војна: „Мразиме и го сметаме за свој најголем непријател секој што не го зборува тоа што сакаме да го чуеме“. И тука новинарите страдаат.