Владо Ѓорески од Заводот и музеј во Битола, осврнувајќи се на влијанието на корона-кризата врз културата, посочи и на одржаната изложба на Валерија Бертесина во истиот град
Во Македонија постепено се враќа одржувањето настани од областа на културата и уметноста во објекти и на јавни простори, кое беше прекинато со почнувањето на пандемијата на коронавирусот. Некои од таквиот вид содржини беа, но и сѐ уште се достапни онлајн, како и впрочем генералното виртуелно консумирање култура во овој период во светот.
Меѓу настаните што ќе останат меморирани за време на кризниов период е и самостојната изложба на италијанската сликарка Валерија Бертесина, одржана во Битола во јуни во организација на меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ и Меѓународното графичко триенале од истиот град. На неа потсети Владо Ѓорески, уметничкиот директор на Триеналето и кустос во тамошниот Завод и музеј, кој осврнувајќи се на влијанието на корона-кризата врз културата во земјава укажа на овој редок настан, опишувајќи ја Валерија Бертесина како исклучителна сликарка од Ломбардија, која, пак, ја нарече „центар на европскиот ужас во овие тешки денови“.
– Таа жена, и покрај сѐ, организира меѓународни собири, ликовни и книжевни, а изложбата во Битола беше всушност еден вид наше вклучување во величествениот „оркестар“ на човечката креација, еден вид химна за полифонијата на нашата заедничка симфонија, подалеку од сите виртуелни испразнети глобалистички замки – рече тој.
Ѓорески, кој со свое дело во овој период учествуваше на Меѓународното графичко триенале во Белград, истакна меѓу другото и дека поезијата е единствениот вистински говор останат длабоко во нас што суштествува, од времето на одамна заборавениот наш дом, кој сѐ уште постои во бескрајот на соsвездијата. Тој укажа и дека во време на трагични моменти, уметноста и културата успеале да се сместат и на интернет, кој, според него, не бил наменет за тоа.
– Скоро сите сме поврзани неинституционално, бирократски, програмски, калкулантски, сите сме искрено, директно, постојано, без никаква „поддршка“ поврзани, во нешто што со својата првична суштина имаше цел демонско маргинализирање и обледнување на културата, творештвото, поезијата. Во моментов се создава уште еден трезор на човечката духовност, кој длабоко се спротивставува на „кршливоста“ на човечката нежна судбина. Пред скоро половина век, еден од многубројните балкански генијалци, Данило Киш, во расказот „Енциклопедија на мртвите“, пророчки ја најави, ја осозна денешната ситуација и го жртвува пред неа единственото што можеме да го имаме – смислата. Денес, што е друг збор за трагичност, катаклизмичност, неизвесност, обездушеност, бесчувственост, тој најави еден друг момент, бескрајна „книга“ во која е испишана севкупната, бесконечна, неповторлива поетика на секој човечки живот.
Го најави новото време на поезијата, наспроти сѐ. Денес, голем број сонувачи на надежта ги испишуваат неговите отворени страници, не преку интернет, кој веќе сѐ помалку функционира како цел и алатка технолошки задоволна сама со себе преку неговите „рекламни упатства за посреќен живот“, туку преку заветот што го носиме од времето кога бевме светлина или збор. Шекспировските генерации секогаш се раѓаат во време на големи трагедии и безизлези, носејќи го небесниот клуч на Киш за нашата поетска вечност – вели Владо Ѓорески.