Новата студија спроведена на универзитетот „Јејл“ открива дека интровертните личности се подобри социјални психолози. Студијата објавена во списанието „Сошл псајхолоџи“ се обидела да ги испита вештините на социјалната психологија – со други зборови, колку некој има способност да го предвиди однесувањето на луѓето во социјален амбиент.
Илјадници луѓе учествувале во истражувањето, предводено од Антон Голвитцер и од Џон Барг, двајцата психолози на „Јејл“. Тие сакале да проценат како некои луѓе се однесуваат и се чувствуваат при различни социјални сценарија.
Дуото притоа спровело серија експерименти насочени кон идентификување на карактеристиките на луѓето, кои правилно одговориле на прашањата на квиз преку интернет, што мери дали луѓето се добри социјални психолози.
Некои од прашањата биле: дали луѓето работат подобро во групи или како поединци и дали луѓето се чувствуваат поодговорни за нивното однесување во групи или како поединци.
Тие сакале да проценат дали има индивидуални разлики во социјалната психологија, кои психолошки варијабли предвидуваат вештина на социјална психологија, дали психолошката вештина има врска со интуицијата и самоизмамата и дали психолошката вештина е поврзана со проценувањето на постапките на други лица. Откриле дека срамежливите или интровертните лица имаат поголема веројатност точно да одговорат на прашањата на тестот од екстровертните. Психолозите сметаат дека тоа може да се должи на фактот дека овие лица поминуваат повеќе време сами и ги набљудуваат другите, што укажува дека тие имаат подобро разбирање на психологијата на другите луѓе во социјалното опкружување.