Изгледот, бојата и тонот на гласот, изразот на лицето, гестикулациите и говорот на телото се исклучително важни за професијата политичар. Доколку сакаат да постигнат успех, политичарите мораат да знаат како да станат експерти во познавањето на два јазика, на вербалниот и на говорот на телото, велат психолозите. Но какви сигнали испраќаат домашните политички лидери во кампањата и при своето обраќање пред јавноста

НАВИДУМ СПОРЕДНИ, НО МНОГУ ВАЖНИ ЕЛЕМЕНТИ ВО КАМПАЊАТА И НАСТАПИТЕ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ

Долги години во Македонија не можеше да се види телевизиски дуел на политичките лидери, но во последно време политичарите ја сфатија моќта на медиумите при нивната промоција и затоа ги користат во голема мера, но она што од настапите го оставаат како впечаток кај гледачите е огромната доза на нервоза.
Говорот на телото, гестикулацијата, изразот на лицето кога се изнесува став, се клучните елементи преку кои политичарот сака да остави впечаток пред гласачите дека станува збор за сигурен и способен човек, кој е подготвен да го оствари она што го ветува пред јавноста.
Своевремено убедливиот, пријатен и насмеан демократ Џон Кенеди и уморниот, блед и нервозен републиканец Ричард Никсон го обележаа првиот во живо емитуван телевизиски дуел на политичари пред 59 години, а од вербалниот двобој на Кенеди и Никсон пред ТВ-камерите политичарите низ светот станаа свесни дека изгледот, гестикулациите и говорот на телото се исклучително важни за нивната професија. Но какви сигнали испраќаат домашните политички лидери во кампањата и нивните обраќања пред јавноста?

Познавачите на состојбите велат дека она што политичките лидери го оставаат како впечаток во кампањата пред потенцијалните гласачи е исклучително нервозниот настап, како и вулгарниот речник.
– Она што досега можеше да се забележи кај сите политички лидери во нивните ТВ-дуели и јавни настапи остава крајно негативен впечаток кај луѓето. Мнозинството се екстремно нервозни и употребуваат вулгарен речник – вели Синиша Пекевски, пиар-експерт, коментирајќи го однесувањето на политичарите и нивниот говор на телото за време на јавните настапи.
Според него, ретко кој од актуелните политичари што настапуваат во кампањата можат да се пофали со говор на телото.
– Употребата на ниски, вулгарни зборови на некој начин претставува ниска култура, што ја отсликува ситуацијата во целата земја. Ги гледаме само нервозните настапи на лидерите, но потребно е да се видат на дебати и луѓето од вториот, третиот ешалон. Генерално гледано, ретко кој политичар би можел да го издвојам што употребил соодветен говор на телото. Едноставно, тешко е да се најде пример на политичар за кого би се рекло дека се однесувал како господин или госпоѓа – додава Пекевски.
И според социологот Илија Ацевски јавните настапи на политичките лидери во земјава може да се оценат како несигурни и нервозни.

– Од она што можев да го забележам на телевизиските дебати меѓу лидерите, но и на нивните јавни настапи во текот на предизборната кампања, постои една очигледна несигурност и многу голема нервоза кај нив. Сè се сведува на тоа само да се оцрни политичкиот соперник. Често ја губат контролата, избувнуваат, а згора на тоа, нема и многу логика во она што го кажуваат – смета Ацевски.
Тој додава дека политичарите со своите настапи ветуваат разни чуда, но начинот на кој го соопштуваат тоа пред луѓето изгледа само како празно ветување.
– Мој личен впечаток е дека од 1990-тите години наваму, низ неколкуте изборни циклуси, говорот на телото на политичарите на луѓето ништо не им значи. Ветувањата дека ќе направат автопатишта, фабрики, инвестиции го затапија чувството кај гласачот дека оној што се бори за власт всушност нешто и ќе направи. Токму затоа зборовите на политичарите, без оглед на нивниот говор на телото или гестикулација, звучат празно – нагласува Ацевски.
Психолозите со кои се консултиравме, а кои посакаа да останат анонимни, се согласуваат дека е забележлива нервозата во настапите кај политичките лидери, кои воопшто не се обидуваат да го скријат тоа.

– Од досегашниот тек на кампањата и учеството на политичките лидери на ТВ-дуелите и јавните настапи, забележлива е нервозата, но уште повеќе немањето чувство таа нервоза да се контролира и да се задржи коректното ниво на комуникација. Доколку сакаат да постигнат успех, политичарите мора да знаат како да станат експерти во познавањето на два јазика, на вербалниот и на говорот на телото – вели психолог што посака да остане анонимен.
Според него, политичарите мора да ја заведат масата со своите идеи и убедувања, поради што е важно да знаат како да ги изразат дури и кога не зборуваат.
– Изразот на лицето, бојата на гласот и говорот на телото се важни за сите аспекти на политичкото дејствување, особено за јавните настапи и соработката со медиумите.

Секогаш анализирам дали она што го прават и го изразуваат со гестикулација се поклопува со нивните уверувања. Од настапите на нашите политичари, освен изразената нервоза, друг впечаток не може да се добие. Можеби неизвесноста околу корона-кризата ја внесува таа дополнителна нервоза, но, генерално, ова што сега го гледаме открива само неубедливи, нервозни и несигурни политичари. Ниту во телевизиските спотови ја нема онаа харизма што треба да ги освои потенцијалните гласачи, туку сè се сведува на меѓусебно оцрнување – вели психологот со кој се консултиравме.


Кенеди – Никсон, соочување што се памети

Првпат два кандидата на американските претседателски избори се соочија пред телевизиските камери. Дебатата се одржа во студио во Чикаго и беше прва во низата од четири дебати, колку што имаше таа година.
Иако анкетите и истражувањата на јавното мислење му даваа предност на Ричард Никсон, по ТВ-дуелот поддршката за Џон Кенеди почнала вртоглаво да расте.
Главни теми на дуелот беа националната безбедност, спротивставувањето на комунизмот, јакнењето на американската војска и иднината на Америка. Ја следеа 70 милиони Американци, нешто помалку од четвртина од жителите на САД.

Иако Никсон беше активен во кампањата и патуваше низ Америка, во студиото дојде уморен и со повредено колено.
Луѓето од пиарот на Кенеди баш затоа инсистираа кандидатите да стојат додека говорат.
Постои и приказна дека со снимателите успеале да се договорат лицата на кандидатите при обраќањето да се зумираат. Никсон имал проблем со потењето, па гледачите лесно можеле да ги забележат неговите крупни капки пот.

Никсон одбил уште еден трик на сценскиот настап – не се согласил на шминка. Следниот момент отспротива го имал сончаниот Кенеди.
На тие избори Кенеди влезе во Белата куќа како најмлад претседател на САД, на возраст од 44 години.