Земјите од регионот се наоѓаат на втората половина од светската листа за конкурентност на националните економии и на работната сила
Земјите од Западен Балкан минатата година стагнирале во однос на конкурентноста на националните економии и се наоѓаат на вториот дел од листата на најновите истражувања за потенцијалите што ги нуди некоја земја за привлекување работна сила и инвестиции. Најдобро рангирана е Србија, која се наоѓа на 72-то место, со индекс на конкурентност од 60,9, која во споредба со 2018-та забележала и пад од седум места. Едно место под неа е Црна Гора, со индекс 60,8. Албанија е на 81-то место, со индекс 57,6, веднаш по неа следува Македонија со 57,3, а најслаба конкурентност во регионот има Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 92-то место, со индекс од 54,7. Во истражувањето на Светскиот економски форум се опфатени 141 економија, а Глобалниот индекс за конкурентност 4.0 ја означува националната конкурентност, која се дефинира како збир на економски фактори, политики и мерки, преку кои се определуваат и потенцијалите на некоја земја за економски раст и развој.
„Јутарњи лист“ ги анализира податоците од ова истражување и заклучокот на економските аналитичари во Хрватска е дека работната сила во оваа земја има неповолна позиција во светот според индексот за конкурентност. Хрватска е рангирана на 55-то место од 125 земји, според најновото истражување „Светскиот индекс на конкурентност на човечкиот потенцијал за 2019 година“. Во ова истражување се анализира состојбата на работната сила во одделни земји, земајќи ги предвид параметрите како што се работните услови, образованието, можноста за напредување, начинот на вработување. На врвот на листата за конкурентноста на работната сила се наоѓа Швајцарија. Во регионот, според овој параметар, најдобро е рангирана Словенија.
Владимир Бениќ, директорот на загрепскиот „Кариера центар“, вели дека податоците за Хрватска не се за пофалба.
– Иако ние сакаме да се споредуваме со некои слични земји на Хрватска, во некои категории таа се наоѓа на многу ниско ниво. Ова објаснува зошто многу млади лица сакаат да ја напуштат Хрватска и затоа е тешко овој тренд да се смени – вели Бениќ за „Новац.хр“.
Меѓу другите фактори, Хрватска има слаби резултати и во категоријата „професионалност на менаџментот“. Ова значи дека сѐ уште на раководни места се доаѓа преку лични познанства наспроти стручноста. Исто така, односот на работодавец – вработен во Хрватска е на најниско ниво во светот.
Како позитивен фактор за Хрватска се наведува најмалата разлика во платите меѓу мажите и жените и, според овој критериум, се наоѓа во првите 20 земји во светот. Хрватска има и високо учество на жените со висока стручна спрема и со бројот на запишаните ученици во стручните училишта.
– Развојот на вработените, поттикнувањето на соработката, односот на ефектот и платата се основа врз која може да се гради конкурентна и успешна организација. Ако тие се слаби, не може да се спроведат развојни проекти – вели Бениќ.
Истражувањето покажува дека културата на една нација или земја има поголемо влијание на културата на организација, па затоа од голема важност е како комуницираме, какви вредности, однесувања и очекувања се вградуваат во организациите и институциите. Економскиот експерт Бениќ посочува на многуте слабости во системот и нагласува дека одговорноста е уште поголема за оние што имаат знаење, вештини, економска сила и идеи да влијаат и да ја менуваат сегашната состојба.