Ни искусниот режисер не успеа да го спаси филмот за авантурите на младиот Хан Соло
Понекогаш и Рон Хауард пцуе. Да, во повеќето од времето, овој 64-годишен режисер е фин, пристоен, добродушен тип што глуми и снима со децении. Тој е докажан режисер на филмовите како што се „Аполо 13“ и „Прекрасен ум“.
Но на прашањето зошто се одлучил за „Соло: Приказна од Војна на ѕвездите“ откако првобитните режисери се отпуштени, маската на пристојност на Хауард за миг се симнува. „На некој начин тоа беше нешто како кој ги е…“ – и овде си дозволи сочно да опцуе.
Ако Хауард успее да го спаси „Соло“, некогашниот суперсигурен летен хит, кој сега е „извалкан“ со разните приказни за хаос, тоа би ја зацементирало неговата репутација на професионалец што нема промашувања и може да успее во сите филмски облици и жанрови. (Првичните критики се согласуваат дека Хауард го спаси филмот од сигурна катастрофа, но заработката на благајните е разочарувачка.)
Победничкиот исход ќе ја потврдеше суптилната филозофија според која се води Хауард. „Соло“, чија премиера се случи во мај и ги следи раните авантури на Хан Соло пред да стане бунтовниот, интерпланетарен шверцер, кој го глумеше Харисон Форд, можеби на прв поглед и не изгледа како очигледен избор за режисер од рангот на Хауард.
Додека Соло (го игра Алден Еренрајх) во филмот е немарен, Хауард е внимателен и методичен. Ги надрасна своите први режисерски обиди од типот на „Плисок“ и „Ноќна смена“ – да не ја спомнуваме стигмата за тоа дека глумеше како дете – и стана почитуван добитник на „оскар“. Основач е на „Имеџин ентертејмент“, продуцентската компанија што стои зад неговите филмови, но и сериите како „Империја“ и „Гениј“.
– Ја имам и онаа страна што сака ризици, иако не зборувам премногу за неа – вели Хауард.
Можеби не ја споделува со „Соло“ љубовта кон хипербрзите возила и бегствата во последен момент, но не може да му одолее на истражувањето за почетоците на овој лик, затоа што, како што вели, „не може природно да се идентификува со него“.
Хауард го презема „Соло“ дури во јуни, а околностите беа сомнителни и налудничави. Снимањето на проектот (во кој глуми и Доналд Гловер како младиот Ландо Калрисијан) почна минатиот јануари и како што се приближуваше крајот на главниот дел од снимањето, „Лукасфилм“ се реши за шокантен потег.
Режисерите Фил Лорд и Кристофер Милер, зад чии имиња стојат „21 Џамп стрит“ и „Лего филм“, добија отказ и на нивното место дојде Хауард, кој требаше да го заврши филмот и да се погрижи за постпродукцијата.
По известувањето дека Лорд и Милер си заминуваат поради конфликтот со Кејтлин Кенеди, претседателката на „Лукасфилм“, режисерите изјавија дека нивното заминување е резултат на „креативните разлики“ и додаваат:
– За жал, нашата визија и процес не им одговараа на нашите партнери во овој проект – вели Кенеди.
Според неа, на филмот му треба некој што нема да изгледа застрашувачки и ќе умее да соработува, а и она што е најважно во овој случај, некој што вистински длабоко ги разбира актерите и нивната работа, личност со која екипата би се чувствувала пријатно и безбедно.
Хауард тврдеше дека не го загрижува млакиот прием на неговите скорешни филмови, како историската драма „Во срцето на морето“ (2015) или „Инферно“, неговата адаптација на романот на Ден Браун (2016).
– Ако не направите барем неколку погрешни чекори и не доживеете никакви разочарувања, веројатно не се трудите премногу – вели тој.
Хауард изјави дека бил уплашен од перфекционистичката страст на љубителите на „Војна на ѕвездите“ и од галаксијата населена со „ликови, кои се поголеми од животот, но за кои морате да верувате дека постоеле“.
Вели дека кон проектот го привлекло сценариото, кое го напиша ветеранот на сагата, Лоренс Касдан („Империјата го возвраќа ударот“, „Враќање на џедајот“, „Будење на силата“) заедно со неговиот син Џонатан.
– Тоа е вистинска авантуристичка приказна. Многу е забавно да се видат Хан Соло како љубител на брзините и вселенскиот брод „Милениумски сокол“ како машина со која тој моментално се поврзува – раскажува Хауард.
Пред да се вклучи во правењето на филмот, Хауард разговарал со Форд, со кој одамна глумеше во „Американски графити“, во врска со ликот на Хан Соло. Форд му раскажал дека некои неизговорени елементи го натерале да го игра тој лик на начинот на кој го играл.
– Рон имаше доволно дух да почне со едно вакво испрашување и јас му го кажав моето мислење. Мислам дека со никого друг немам разговарано за тоа – рече Форд.
Хауард во „Соло“ не ги вклучи своите продуцентски партнери и креативните соработници, ја користеше само екипата што ја затекна на снимањето. Актерот Мајкл К. Вилијамс, кој не беше достапен за дополнително снимање, беше заменет во улогата на негативец со Пол Бетани, кој соработуваше со Хауард во „Прекрасен ум“ и „Кодот на Да Винчи“.
Сценариото не е преработено. Хауард рече дека тоа останало структурно исто и секоја сцена во суштина остана иста. Лорд и Милер се потпишани како извршни продуценти, а Хауард изјави дека нивните отпечатоци од прсти се насекаде низ филмот, и тоа на значаен начин.
Потоа овој режисер се сврте кон други филмски проекти, вклучувајќи ги и документарецот за Павароти и филмската адаптација на романот на Нил Гејмен „Книга за гробиштата“, а можеби ќе работи и на мини-серија според книгата на Џек Керуак „Под небесното знаме“.
Хауард вели дека тоа што постојано има работа е некој облик на негов бунт.
– Децата ми пораснаа. Имам добра енергија. Ја имам поддршката од компанијата. Мислам дека сега не е време да играм на сигурно. Зошто би правел такво нешто? Наместо тоа, време е да работам додека уште ми е важно и додека имам енергија за да ми биде важно – истакна Хауард.