Германската канцеларка Ангела Меркел го поддржа радикалниот стимулативен пакет со кој Европската Унија треба да издаде заеднички милијарда евра што во форма на грантови и мал дел заеми ќе бидат дистрибуирани кон членките на Унијата што се најтешко погодени од кризата со коронавирусот.
Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ја истакнаа својата решеност да работат заедно во обидот да ги вратат европските економии на добар пат. Од почетокот на месецов Германија го презеде шестмесечното ротирачко претседателство на ЕУ.
Во мај, Меркел и Макрон заедно предложија да се создаде еднократен фонд за обнова од 500 милијарди евра, кој ќе биде исполнет преку заедничко задолжување на ЕУ. Тоа е голем чекор за Германија, по нејзиното долгогодишно спротивставување на какво било заедничко задолжување.
Извршната комисија на ЕУ предложи да се зголеми оваа сума, претставувајќи планови за фонд тежок дури 750 милијарди евра, составен главно од грантови. Сепак, овој план се соочува со отпор од некои земји, како Австрија, Данска, Холандија и Шведска, кои се спротивставуваат на грантовите и не сакаат да даваат средства без обврзувачки договори.
Сега сѐ зависи од Германија, која треба да издејствува брз договор, а идеално би било тој договор да биде готов пред состанокот на лидерите на ЕУ, кој треба да се одржи на 17 и 18 јули и кој е всушност прв самит каде што се среќаваат во живо по неколку месеци.
Во нашата земја досега беа воведени три пакети за поддршка на стопанството и на граѓаните, при што во првата фаза за коампаниите од најпогодените сектори беа обезбедени бескаматни кредити, потоа оваа кредитна линија доби и свое продолжение.
Исто така, Владата воведе и поддршка за исплата на минимална плата за погодените компании, како и одредени даночни ослободувања, а потоа следуваа и домашните платежни картички, проект со кој некои од граѓаните добија пари што можат да ги користат за набавка на домашни продукти или, пак, во некои од домашните туристички дестинации. Според надлежните, овие средства што им се доделени на граѓаните треба да ја стимулираат потрошувачката на домашни продукти, но исто така и да го поддржат туристичкиот сектор, кој е еден од најпогодените од кризата.
Иако засега не се споменуваат грантови, сепак Владата најави и нов сет економски мерки, особено по укажувањата на компаниите и на економистите дека ќе биде неопходна поддршка и во следните месеци. Продлабочувањето и одолжувањето на кризата се причина плус надлежните да размислуваат за поддршка на компаниите со грантови што ќе помогнат да се спасат повеќе компании и повеќе работни места. П.О.