Родовите предизвици во политиката во пресрет на изборите добија нова димензија. Тие се искачија на повисоко ниво. Сега тие не се однесуваат на присутноста и застапеноста на жените, туку на напорите за исчекор за преземање на главните функции. Иако на жените лидери сѐ уште се гледа со скепса, тие се поподложни на дискриминација, па и на говор на омраза, сепак во нив електоратот препознава лидери од повисок формат…
Жените во радарот на политичките партии, изборните програми, кампањи и кадровски решенија
Без сомнение, пандемијата на коронавирусот измести многу процеси во политиката, како на полето на домашната, така и на глобалната политика. Освен што предизвика одложување на годинешните роковници за одржување избори во повеќе држави, се чини како пандемијата да потисна во втор план и некои хронични општествени предизвици, за кои се води „долготрајна борба со ситни чекори“. Еден од тие предизвици со општествено-политичка димензија е прашањето за родовата еднаквост во политиката, односно застапеноста и колку е квалитетно функционално во практиката спроведувањето на принципот на т.н. позитивна родова дискриминација.
Нормата за родова застапеност задоволува?
На предвремените парламентарни избори во Македонија, кои ќе се одржат на 15 јули, во поглед на законските процентуални одредби, се чини дека сосема коректно е испочитувана (во некои примери и натфрлена) нормата за родова застапеност. Имено, законите во Македонија бараат политичките партии да обезбедат најмалку 30 проценти од нивните кандидати за пратеници да бидат жени. Покрај тоа, постои и одредба, доколку не се исполни правилото од 30 проценти, кандидатскиот список на таа партија може да биде одбиен од изборните органи. Коалицијата предводена од владејачките социјалдемократи во Македонија, на претстојните избори излегува со еднаков број машки и женски кандидати на листите, а покрај тоа како своевиден формалноправен преседан беше промовирана одлуката за машко – женски парови на чело на нејзините кандидатски листи во шесте изборни единици… Во поглед на почитувањето на родовата рамноправност, исклучително високи критериуми изгради и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која вклучи голем број истакнати женски јавни личности на својот список на кандидати. Во секоја од шесте изборни единци има најмалку една жена меѓу првите пет кандидати на ВМРО-ДПМНЕ. Во две единици, жените го заземаат првото место, меѓу кои и поранешната кандидатка за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова, која е носител на листа во главниот град Скопје.
Глас за Македонија пример за родова рамноправност
Сепак, од оние што ги следат изборите е забележано дека во досегашната практика во Македонија, партиите честопати ги ставаат жените подолу на кандидатските листи, со што всушност се намалуваат нивните шанси да бидат избрани во парламентот. Но граѓанските организации истакнуваат дека сета оваа статистика на изборните листи не значи дека борбата за вистинска еднаквост е добиена во земја во која женските политичари честопати се соочуваат со родова дискриминација и говор на омраза.
Покрај жените кандидати на изборните листи на големите партии, на кои лидерите сепак се мажи, на овие избори се чини дека вистинскиот исчекор во освојување на политичкиот простор со женски лидерски амбиции го прави партијата Глас за Македонија, чиј лидер е професорката Солза Грчева. Од петте изборни листи со кои излегува оваа партија на избори, во четири изборни единици се носители жени, додека на една листа е носител маж. Родовата застапеност на кандидатите на нивните изборни листи е еднаква: 50 отсто жени и 50 отсто мажи.
– Морам да констатирам дека прашањето за родова еднаквост во политиката и воопшто во општеството, во оваа изборна кампања, поради другите приоритети што се појавија, некако како да е фрлено на десетти план. Сепак, во нашата партиска програма имаме посветено голем дел токму на родовата еднаквост и родовите права, со предлози за решавање сосема конкретни проблеми со кои се соочуваат пред сѐ жените. Дури моравме и да го кратиме тој дел за родовите прашања. Актуелните предизвици на жените во политиката не се веќе нивната присутност и застапеност, туку тоа што сѐ уште тешко им се даваат главните функции, а како резултат на таквиот амбиент и тешко се препознаваат од електоратот жените лидери. На жените лидери сѐ уште се гледа со скепса и се поподложни на дискриминација, па и на говор на омраза – вели Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Другата страна на медалот
Другата страна на медалот на родовата рамноправност во општествено-политичкиот живот е опасноста од некомпетентност, несоодветна стручност, неспособност да се преземе одговорноста од страна на кандидатот што по „клуч“, поради исполнување на процентуалните критериуми за родова застапеност, дошол на одредена функција или работно место. Во практиката често се покажува дека таквата методологија е на штета на избор на квалитетот, па се поставува прашањето дали процентуалните квоти се вистинското решение за постигнување реална родова еднаквост.
– Одредбите за процентуална застапеност не би биле решение доколку имаме вистински развиена демократија, односно општествена свест за родова рамноправност. Но и во Холандија, каде што имам живеено и работено како професорка на Универзитетот во Ајндховен, имаат согледано дека родовата еднаквост не се постигнува толку лесно и доброволно, па спроведуваат принцип на позитивна дискриминација.
Секако, кандидатката за одредена позиција мора да ги има сите барани професионални референции за да влезе во конкуренција, но доколку тие референции се на исто ниво со кандидатите мажи, според таа позитивна дискриминација, жената кандидат ја добива позицијата. Професионалната компетентност, во секој случај, е неизбежна за секого – вели Солза Грчева.
Во однос на родовата еднаквост, Грчева истакнува едно можеби куриозитетно сознание дека во земјите од поранешниот социјалистички систем (меѓу кои е и Македонија) повеќе се внимава на еднаквиот третман на жените во општеството и политиката, додека на демократскиот Запад жената сѐ уште се перципира првенствено како домаќинка.
Жените на изборите во регионот
Во две поранешните југословенски републики, Хрватска и Македонија, овој месец се одржуваат парламентарни избори. Изборите во Хрватска ќе се одржат в недела, на 5 јули, додека во Македонија – десет дена подоцна. Според одредени податоци од последните избори, во однос на застапеноста на жените во парламентот, Македонија е далеку пред Хрватска.
На последните избори во 2016 година, 38 од 120-те места во парламентот ги пополниле жените, ставајќи ја Македонија на 21-то место од 193 земји на базата на податоци „Жените во националните парламенти“, составена од Меѓупарламентарната унија, ИПУ. За споредба, Хрватска се наоѓа на 97-то место според таа статистика. На последните парламентарни избори во Хрватска, во 2016 година, само 19 од 151 место во парламентот им припаднаа на жените, најмал број за 15 години. Таа бројка се искачи на 30 откако некои пратеници се преселија да заземат места во кабинетот и многумина беа заменети во парламентот од жени.
Инаку, и Хрватска има сличен систем на квоти за родова застапеност на изборните листи, но неисполнувањето е казниво само со парична казна од 50.000 куни (приближно 6.600 евра), по кандидатски список, до максимум вкупно 550.000 куни (или приближно 72.000 евра), што не е многу за најголемите партии. На пример, на претстојните избори за неколку дена, владејачките конзервативци, Хрватската демократска унија (ХДЗ), не успеаја да привлечат доволно жени на своите кандидатски списоци за изборните единици во земјата.