Сторија за Петре Американецот од Кавадарци
Возбудлива и необична е животната сторија на Петре Камчев-Американецот од Кавадарци, распослана на три континенти и исполнета со голем број среќни, горчливи и тешки моменти. Годинава ќе се навршат точно 100 години од денот кога печалбарот Петре Камчев по 11 години тешка работа во Јужна и во Северна Америка се враќа во своето родно Кавадарци и не ни сонува дека во хотелот што ќе го изгради во центарот на Кавадарци со тешко заработените долари еден ден ќе работи како портир.
Животната приказна на Петре Американецот роден во 1891 година во селото Конопиште, Кавадаречко, во чесно, сточарско и многудетно семејство се навестува уште во периодот кога неговото семејство ја сели стоката на зимување на југ во близината на Света Гора. Петре, импресиониран од солунското пристаниште и од големите бродови што пловат во непознати земји, посветено го користи времето да го научи грчкиот јазик и потајно во себе ја потхранува идејата да отпатува со прекуокеански брод и да ја започне својата американска авантура.
Во 1910 година, по 40-дневно патување со параход, пристигнува во Буенос Аирес заедно со двајца ресенчани Ѓорѓи и Јован, кои ги запознал на бродот. На почетокот работи на канали за одводнување на мочуриштата, но разочаран од тешките услови, ниската заработувачка и честото ограбување и малтретирање од страна на гаучосите, решава со заработените пари да замине за Северна Америка во градот Гери, Индијана, каде што работи во топилницата за железо „Тин плеј“. Добро зборувал турски и грчки јазик, го познавал и шпанскиот, меѓутоа му недостигало познавањето на англискиот јазик за да напредува во работата. Затоа посетува интензивно вечерно училиште и брзо напредува во шеф на смена.
– Во градот Гери имало многу Македонци особено од битолско-преспанскиот крај. Со неколку ентузијасти го формира културно-уметничкото друштво „Тиквеш“, бидејќи повеќето од членовите биле од Тиквешијата. Знаел да свири на мандолина и значајно придонесувал на репертоарот, за да негува друштвото многу староградски македонски песни и изворни ора. Кога заработил доволно пари со другарот Ѓорѓи и двајца Руси заминуваат во државата Висконсин, подигнуваат кредит и градат голема фарма за одгледување крупен добиток. По две години напорна работа успеале да го исплатат кредитот и да си поделат добра заработувачка со која дедо ми си купил и автомобил „форд“. Тој не ги заборавил своите родители и браќа и сестри и редовно праќал пари, кои биле доволни за пристоен живот – вели неговиот внук Петре Камчевски, историчар и долгогодишен директор на Музеј-галеријата во Кавадарци.
На фармата Петре Камчев работи до 1919 г. кога почнува силно да го измачува носталгијата. Посакува да се види со своите родители и со тешко срце се разделува од другарите и во 1920 година се враќа во Македонија со привремен пасош издаден од генералниот конзул на Кралството на Србите, Хрватите и Словенци, Михајло Пупин.
Лично сметал дека е подобро заработените пари да ги претвора во турски пари, поточно во околу 2.600 лири, што изнесувало околу 20 килограми злато и било исклучително тешко и опасно да се донесат во Македонија. Една недела внимателно ги шиел лирите во појасите и својата облека, која станала многу тешка, меѓутоа стравот од арамии бил многу голем. Успешно пристигнува во Солун каде што од пријателите добива информација дека некој голем разбојник по име Калчо ги напаѓа возовите со печалбари и им ги одзема тешко заработените пари. Затоа Петре одлучува во Кавадарци да си дојде со карван со добиток. За жал, во Кавадарци не ги затекнува живи своите родители, туку само неговиот дедо Видо, кој тогаш имал 115 години. Се жени со единица од касапско семејство, но таа му умира заедно со детето за време на породувањето. Повторно се жени и гради свое семејство со четири сина и една ќерка.
Поучен и од неговите најблиски пријатели, меѓу кои е и Васил Хаџиманов, купува имот во центарот на Кавадарци од турчинот Али Пујевиќ и во 1928 г. го гради убавиот хотел „Југославија“, кој покрај можноста за удобно сместување, станува место каде што се одржуваат најзначајните културни настани. Најголемиот сјај хотелот го доживува во периодот меѓу двете светски војни. За жал, во 1948 година е национализиран и даден на управување на угостителското претпријатие ХУНАП, а Петре е прогласен за предвоен капиталист и понудено му е да работи во хотелот како портир, но под еден услов, никогаш и во никој случај да не каже и покаже дека зборува англиски. Во 1958 г. хотелот е урнат за проширување на улицата Илинденска.
– Дедо ми многу тешко го преживеа одземањето на хотелот во кој велеше дека ја вложи својата младост. Се бунтуваше против тоа дека е именуван како предвоен капиталист и упорно повторуваше дека парите ги заработил со тешка физичка работа. Во потрагата за правда успеа да се сретне и со другарот Тито, но и покрај сугестијата да се преиспита случајот тогашниот Президиум на народниот суд одлучил да нема исклучок за никого. На дедо ми му понудиле за возврат земјоделско земјиште, но тој го одбил и не потпишал никаков документ. Во 2003 година со донесувањето на Законот за денационализација јас од семејството бев овластен да ги соберам сите документи и решението беше позитивно.
Комисијата хотелот го процени на вредност од 1.900.000 германски марки или 900.000 евра, меѓутоа според можностите на државата на наследниците ни беше исплатена сума од 100.000 евра. За жал, дедо ми иако доживеа длабока старост и почина на 100 години тоа не го дочека, но верувам дека ќе беше задоволен. Негова последна желба беше погребната поворка да застане на почивка на местото каде што беше неговиот хотел и таа му ја исполнивме – ни раскажа Петре Камчевски.
По рушењето на хотелот во 1958 година, Петре Американецот бидејќи бил добар винар продолжил да ги одгледува своите лозја и да прави добро вино во двете бочви од по 5.000 литри во подрумот од својата семејна куќа.