Во време кога пандемијата на коронавирусот владее со светот, Шведска беше една од западните држави што применуваше мошне либерален „карантин“. Прашањето дали ваквиот пристап е одраз на уникатните јаки страни на шведското општество (во споредба со правењето лоша процена на состојбата), може да се одговори ако ги споредиме стапките на заболени од коронавирус во Шведска со оние кај нејзините соседи

Дали одлуката на Шведска да не примени карантински мерки на национално ниво претставува поинаков начин во борбата против коронавирусот, истовремено овозможувајќи општество што функционира? Невообичаениот одговор на Шведска на коронавирусот е мошне популарен во самата Шведска, а стекна и симпатии во некои други земји, но исто така доведе и до една од највисоките стапки на смртност од коронавирусот на светско ниво, поголеми дури и од оние во САД.
Во Стокхолм, кафулињата и рестораните се полни со луѓе, кои уживаат на сонце по долгата и мрачна зима. Училиштата и сите други објекти се отворени. Шведските власти здравствено ги советуваа граѓаните, но воведоа речиси минимални санкции. Ниту еден од јавно достапните водичи за постапување за заштита на личното здравје не препорачува луѓето да носат маски. Во почетните фази на пандемијата, Владата и повеќето аналитичари гордо го прифаќаа овој „шведски модел“, со тврдење дека се заснова на високото ниво на доверба во институциите и помеѓу луѓето.

Премиерот Стефан Лофвен посочи дека смета на самодисциплината на Швеѓаните и дека очекува да постапуваат одговорно, без да има потреба од наредби од властите.
Според Светското истражување на вредностите (ВВС), Швеѓаните се карактеризираат со единствена комбинација од доверба во јавните институции и голем степен на индивидуализам. Според социологот Ларс Трогорд, секој Швеѓанец си носи личен „полицаец“ со себе. Но да бидеме внимателни тука: Владата не го воспостави шведскиот модел со намера борбата против пандемијата да се заснова на вграденото чувство за граѓанска одговорност, туку активностите беа обмислени од бирократи и потоа посочувани како такви како доказ за шведскиот карактер.
Сепак, во практика, главната задача за управување со епидемијата падна на еден човек: државниот епидемиолог Андерс Тегнел од Националниот институт за јавно здравје.

Тој ѝ пристапи на оваа криза со сопствени силни убедувања за вирусот – дека нема да се рашири од Кина и дека, подоцна, нема да биде доволно да се следат поединечните случаи што доаѓаат од странство. Во таа смисла, илјадници фамилии во Шведска, кои се враќаа од скијање од Италија при крајот на месец февруари, беа советувани да се вратат на работа и да продолжат со училиште ако не покажуваат знаци дека се болни, дури и ако биле заразени членови на нивните семејства. Тегнел посочи дека во Шведска немаше знаци за пренесување на болеста во заедницата, па затоа и немаше потреба од поопшти мерки. За разлика од италијанското искуство, скијачките центри во Шведска останаа постојано отворени за сите.

Ако читаме меѓу редови, Тегнел посочи дека драконските политики за спречување на ширењето на вирусот би ѝ овозможиле на Шведска постепено да се стекне со колективен имунитет. Тој укажа дека оваа стратегија би била поодржлива за општеството. Шведската влада остана пасивна. Ова делумно е одраз на уникатната карактеристика на шведскиот политички систем: јасна поделба на овластувањата помеѓу централните министерства и независните агенции. Исто така, за Лофвен беше и посоодветно агенцијата на Тегнел да ја преземе надлежноста, па, така, очигледната самодоверба на оваа агенција во тоа што таа го правеше ѝ овозможи на Владата да се ослободи од одговорноста во неделите на неизвесност.

Уште повеќе, Лофвен веројатно сакаше да ја демонстрира својата доверба во „науката и фактите“, за разлика од американскиот претседател Доналд Трамп, да им контрира на стручните лица. Притоа, треба да се истакне дека изборот на политика од страна на државните епидемиолози беше предмет на остри критики од страна на независни експерти во Шведска. Вкупно дваесет и двајца најпознати професори за инфективни болести и епидемиолози објавија мислење во „Дагенс Најтер“, во кое го повикуваат Тегнел да даде оставка и во кое изразуваат незадоволство од одлуката на Владата да постапи поинаку. До средината на март, Лофвен беше принуден да преземе поактивна улога.
Почнувајќи од 29 март, Владата забрани јавни собирања на повеќе од 50 луѓе (од првичните 500) и воведе санкции за непочитување. Од први април, исто така, забрани и посети на домови за нега на стари лица откако се констатира дека вирусот е присутен во речиси половина од сите домови за стари лица во Стокхолм.
Пристапот на Шведска се покажа како несоодветен од најмалку три причини.

Без разлика колку и да се свесни Швеѓаните, секогаш во секое општество ќе има луѓе што не ги почитуваат правилата, а кога се работи за мошне заразна болест, не се потребни многу луѓе за да се предизвика голема штета. Второ, шведските власти само делумно беа свесни за можноста за асимптоматско пренесување на вирусот и за фактот дека заразените лица се најзаразни пред да почнат да покажуваат какви било симптоми. Трето, составот на населението во Шведска се промени: по повеќе години на исклучително силна миграција од Африка и од Блискиот Исток, 25 отсто од шведското население (2,6 милиони луѓе од вкупно 10,2 милиони) се лица што не се Швеѓани. Овој процент е дури и поголем во регионот на Стокхолм. Најголем процент на смртни случаи од коронавирусот има кај имигрантите од Сомалија, Ирак, Сирија и од Авганистан.

Се смета дека ова е делумно поради немањето информации на нивниот јазик, но за уште поважен фактор се смета густината на населеност во некои населби во кои исклучиво живеат мигранти, дополнето со фактот дека во еден дом живеат повеќе генерации. Уште е рано да се согледаат целосните ефекти на шведскиот модел. Стапката на смртност од коронавирусот е девет пати поголема од онаа во Финска, потоа пет пати поголема од Норвешка и повеќе од двојно поголема од онаа во Данска. Донекаде, овие бројки веројатно се одраз на поголемиот број имигранти во Шведска, но во секој случај станува збор за огромни разлики помеѓу нордиските земји. Данска, Норвешка и Финска воведоа строги мерки уште на почетокот, заедно со силно и активно политичко лидерство.
Сега кога коронавирусот е значително присутен во домовите на стари лица и многу пошироко во општеството, шведската влада мораше да „крене рачна“. Оние што се во искушение да го применат „шведскиот модел“ мора да разберат дека негова главна карактеристика е значително повисоката стапка на смртност.


Ханс Бергсторм

Ханс Бергстром е поранешен главен уредник на „Дагенс Најтер“, водечки дневен весник во Шведска. Тој е професор по политички науки на Универзитетот во Гетеборг и член на Кралската академија на науките на Шведска.