Владината поддршка може да е клучна, но и претпријатијата треба да ја подигнат својата проактивност во барање надворешни пазари за своите производи, постепено вклучување во меѓународните вериги на снабдување, што е процес што би одел полесно ако имаат конкурентен производ, објаснуваат експертите
Едно од позначајните прашања каде што постои определен расчекор помеѓу приоритетите на државата и на стопанството е прашањето за надворешнотрговското работење, бидејќи приоритет на Владата во изминатиот период беше, пред сѐ, привлекување странски инвестиции, а на стопанските комори – освојување нови пазари. Таквата неусогласеност предизвикува одредени негативни последици и за двата чинители, при што, се разбира, штетите за стопанството се поголеми, пред сѐ поради нееднаквиот третман на домашните и на странските инвеститори.
При неодамнешното претставување на развојните перспективи на коморскиот систем и на клучните прашања за нивното работење, од страна на Стопанската комора на Македонија беше споменато дека нашето стопанство, како мала, отворена економија, за да одржи долгорочен пораст, треба и понатаму да ја поддржува извозната ориентација на домашните компании, се разбира, паралелно со поддршката и привлекувањето на странските директни инвестиции.
– Факт е дека обемот на извозот е во директна зависност со обемот на производството, а бидејќи потрошувачката и потребите на приватниот и јавниот сектор се поголеми од реалните можности на нашето мало стопанство, единствено решение е инвестициите да дојдат од странство – констатира притоа Бранко Азески, претседател на СКМ.
Според него, очигледно е дека работењето на новите странски инвестиции во последните години влијаеше на диверзифицирање на нашиот извоз, како во поглед на производите и дестинациите, така и во поглед на зголемената технолошка интензивност.
– Но со оглед дека во практиката имаме слаб прилив на директни странски инвестиции, би било добро политиките да се надградат во следните правци, како обезбедување рамноправен третман на домашните со странските инвеститори. Тоа, пред сѐ, се однесува на рамноправен третман на домашните компании со странските во делот на поддршка на извозни програми, за што треба да се изгради соодветна системска регулатива, како и на субвенционирање на домашните компании со државна помош во делот на вработување и стручно оспособување – објасни Азески.
Субвенционирањето на странските компании по основа на државна помош при вработување и стручно оспособување, појаснува тој, треба да се однесува само за нови вработувања преку Агенцијата за вработување на РМ, а не преку преземање вработен квалификуван кадар од други компании. Потребно е и носење мерки на економската политика со кои ќе се стимулира партнерството помеѓу странските производствени компании што работат во Македонија, локалните мали и средни претпријатија и финансиските институции преку обезбедување помош за унапредување на квалитетот, количествата и сигурноста на производите преку технички и менаџерски вештини, деловно планирање и пристап до капитал.
– Зголемената технолошка и деловна софистицираност на локалните доставувачи, за возврат, ќе овозможи повратни врски со СДИ и ќе го стимулира извозот. Како комора, секогаш сме имале став дека е неопходно привлекување странски инвестиции, но дека е потребна и поддршка на домашниот бизнис – објаснува Азески.
Како што истакна тој, стимулирањето на странските компании да набавуваат домашни инпути ќе ги дополни идентификуваните недостатоци од недоволната поврзаност на странските директни инвестиции и домашните компании.
– Поттикнувањето на поврзување на странските инвестиции и домашните компании ќе ги интензивира бенефициите од трансфер на знаење и технолошки напредок од една страна, а од друга страна, ќе го зголеми производството на домашните компании – додава Азески.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески напоменува дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој беше донесен неодамна, дава солидна рамка за поддршка на инвестициите и извозот, без да прави разлика помеѓу домашни и странски фирми.
– Клучот за развојот на нашата економија е да создаваме нова вредност, главно преку ориентација на претпријатијата, особено на малите и средните претпријатија, кон странските пазари, што се наметнува како неопходност поради ограничениот домашен пазар – вели Петрески.
Тој смета дека, секако, владината поддршка може да е клучна, но претпријатијата треба да ја подигнат и својата проактивност во барање надворешни пазари за нивните производи и во постепено вклучување во меѓународните вериги на снабдување, што е процес што би одел полесно ако имаат конкурентен производ.
– До конкурентен производ се стигнува преку процес на постојано подобрување на самите производи, на производствените процеси, но и на менаџерските, маркетиншките и работните практики – објаснува Петрески.
Од Владата на Република Македонија потврдуваат дека и ним главната цел им е пораст на економијата преку поддршка на домашните претпријатија, пред сѐ на малите и средните, зголемување и поддршка на развојот на индустриско-преработувачките капацитети што ќе бидат извозно ориентирани и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност, како и поддршка на индустриските капацитети што ќе овозможат супституција на увозот. Но дали и како таа цел ќе биде реализирана, останува да се види. Во интерес не само на домашното стопанство туку и на сите други чинители во државата е тоа да биде што побрзо и што поефикасно.