Кристофер Ли – најстариот хевиметал-изведувач во историјата
Кристофер Ли имаше богата актерска кариера и најмногу останува запаметен во ролјата на грофот Дракула во десетина филма, Франциско Скараманга во „Човекот со златен пиштол“, Саруман во „Господар на прстените“ и грофот Дуку во „Војна на ѕвездите“. Но Кристофер бил многу повеќе од актер.
На 18-годишна возраст како доброволец учествувал во Зимската војна од 1939 година на страната на Финска против советската армија. По избувнувањето на Втората светска војна, се пријавил во служба на Кралските воздухопловни сили, меѓутоа му било дијагностицирано оштетување на оптичкиот нерв и не можел да биде пилот.
Но тоа не го обесхрабрило, ѝ се придружил на разузнавачката служба на Кралските воздухопловни сили и бил назначен при Специјалниот оперативен оддел. Се борел во Северна Африка, а подоцна бил префрлен во Одделот за специјални операции и учествувал во британската мисија при главниот штаб на Тито во Југославија. Во последните месеци од Втората светска војна бил префрлен во Централниот регистер за воени злосторства, со задача да ги пронајде нацистите што биле осомничени за злосторства низ Европа. Никогаш во детали не говорел за овој период од својот живот, а неколку децении подоцна, Кристофер во едно интервју го запрашал новинарот дали може да чува тајна, на што новинарот одговорил позитивно, и Кристофер Ли возвратил: „И јас можам“.
Кристофер Ли има три рекорди во „Гинисовата книга на рекорди“. Првиот рекорд се однесува на неговата актерска кариера, која започнува во 1948 година. Во 2007 година „Гинисовата книга на рекорди“ му го додели признание како на единствен актер што се појавил во најмногу филмови – 244 филма. Во 2015 година кога почина, имаше уште 24 филма. Вториот рекорд се однесува на неговата висина, односно Кристофер го држи рекордот за највисок актер во главна ролја со своите 229 сантиметри. Третиот рекорд – актер што има најмногу борбени сцени со сабја – 17 филма, тука се и неговите борби со светлосна сабја во „Војна на ѕвездите“ како грофот Дуку.
Кристофер има интересно семејно дрво. Неговата мајка произлегува од италијанската благородничка фамилија Карандини, која води потекло од средновековниот владетел Карло Велики. Кристофер е далечен роднина на американскиот генерал Роберт Ли, кој се борел во Американската граѓанска војна и англискиот астроном Џон Ли. Исто така е роднина на Јан Флеминг – авторот на новелите за тајниот агент Џејмс Бонд.
Во 2010 година на 88-годишна возраст, го објавил својот прв хевиметал-албум насловен „Карло Велики; сабја и крст“, а во 2013 година и својот втор албум. На 90-годишна возраст Кристофер Ли беше најстариот хевиметал-изведувач во историјата.
Дејвид Хан – „радиоактивното момче“
Во 1995 година, Дејвид Хан на 17-годишна возраст спроведувал таен експеримент во дворот на својата мајка, во американска држава Мичиген. Хан имал цел да создаде нуклеарен реактор, но неговата активност ѝ го привлекла вниманието на локалната полиција, која при претресот на неговото возило открила радиоактивен материјал. Набргу во истрагата се вклучиле федералните власти.
Агенцијата за заштита на животната средина ја демонтирала неговата лабораторија и започнала со расчистување на опасните материјали, но неговата мајка, плашејќи се дека ќе ја изгуби куќата, веќе го собрала најголемиот дел од радиоактивниот материјал и го фрлила во обична депонија. Се проценува дека околу 40.000 луѓе биле изложени на радијацијата. Дејвид Хан одбил медицински третман за изложеноста на зрачењето. Истражувачите верувале дека Хан ќе се соочи со намален животен век поради долгиот период поминат во малата затворена барака и големото количество радиоактивен материјал.
Зулоага – шпанскиот иноватор во уметноста
Даниел Зулоага е еден од иноваторите на уметноста во Шпанија. Во младоста работел во кралската палата во Мадрид. Ја вовел керамичката уметност и основал училишта со намера да се промовираат традиционалните техники, но и стиловите како што се неоренесансата и модернизмот.
Големата џамија од Кераун
Првиот муслимански град во Северна Африка е Кераун, денес Тунис, каде што во 670 година е изградена Големата џамија – еден од најимпресивните и најголеми верски објекти во светот. Џамијата опфаќа површина од 9.000 квадратни метри и е едно од најстарите места за богослужба во исламскиот свет, а го има и најстарото минаре во светот. Се смета за ремек-дело на исламската уметност и архитектура. Големата џамија од Кераун е под заштита на УНЕСКО како дел од светското наследство.