Етничката нееднаквост и нетрпеливост е изразена и во средините каде што Србите се во поголем број, протест на десницата во Вуковар

Последните денови во Хрватска, припадниците на суверенистичката и националистичка десница ги зачестија нападите на етничка основа кон српското малцинство

ХРВАТСКА

Од крајот на војната во Хрватска поминаа 25 години, а српското малцинство на земјата изминатите денови и месеци беше главна цел и опсесија на десните политички групации. Србите и натаму се сметаат за непријатели, а тие се изложени на напади, бруталност и навредувачки говор на омраза. Зошто Србите во Хрватска, кои се нација во исчезнување и во идентитетска илегала, сѐ уште се на удар на гласната суверенистичка и националистичка десница, која и при неоправданите испади во последните денови настојува да ја покрие во некаква оправдувачка амбалажа или сака да го премолчи тоа, е главната теза во анализата на „Јутарњи лист“, која е направена по повод зачестените националистички испади напади во Хрватска, упатени кон припадниците на српското малцинство.

Некогаш српската заедница во Хрватска беше многубројна, забележлива и влијателна. Од околу 12 отсто од вкупното население во земјата, Србите за 25 години станаа рудиментарна заедница или заедница во траги. Според пописот од 2011 година, во Хрватска има 186.633 или 4,3 отсто. Демографските предвидување се дека за 30 години тие ќе бидат на границата од два отсто или најмногу до 2,5 отсто.
Српската популација за овој период се намалила за повеќе од 67 отсто, во најголем дел по големиот збег во војната и падот на САО Краина, како и поради доброволната или принудната асимилација. Денеска Србите во Хрватска претставуваат стара, невитална и популација во одумирање. Просечната старост на Хрватите е 41 година, а кај Србите повеќе од 52 години. Припадниците на српското малцинство во Хрватска се економски слаби и девастирани и без големо економско влијание. Тие се политички и организациски неспособни за кој било нов проект од „милошевски“ тип, што се одрази на нивна штета, се наведува во анализата на „Јутарњи лист“.

– Србите се демисионирани од таа идеја и ја прифаќаат реалноста. Србите во Хрватска, за жал, не се повеќе потенцијал и сила што би можела да внесе нова крв во хрватското општество – изјави своевремено публицистот и книжевник Чедомир Вишњиќ.
Освен падот на бројноста, според податоците на Српскиот национален совет, бројот на Србите вработени во јавната управа е под 2,3 отсто. Нивото учество во полицијата во 2008 година беше 3,13 а во 2017 падна на 2,5 отсто со тенденција на натамошен пад. Во средините во кои се најприсутни, на пример во Личко-сењската жупанија Србите учествуваат со 13,65 отсто од населението, а во државната управа се застапени со 3,35 отсто, а во локалната полиција работат 1,86 отсто Срби.

Во Сисачко-мославачката жупанија има 12,18 Срби, а во полицијата во 1,01 отсто. Во Вуковарско-сремската жупанија српското население учествува со 15,5 отсто, бројот на полицајците од оваа националност е 3,6 отсто. Во најголемите градови во Хрватска, Загреб, Сплит, Риека и Осиек во 1991 година живееле околу 90.000 Срби, а денеска во овие градови нивниот број е околу 35.000.
Истражувањето, кое пред неколку години е направено за тоа како се доживуваат Србите себеси во Хрватска, покажало дека положбата на српското национално малцинство е поинакво од другите, односно тоа треба да се третира како „положба на едно трауматизирано малцинство“, по сето она што им се случило во последните години, од 1990-тите до денеска. „Кај Србите во Хрватска постои проблем за свесноста на припадноста на малцинството“, изјавила една од соговорничките во истражувањето.

Од 1991 година, благодарејќи на објективната состојба, но и поради сликите што ги создаваа медиумите, поради говорот на омраза, многумина припадници на српското национално малцинство имаат проблем да прифатат дека се малцинство, а второ е да се идентификуваат. Проблемот на Србите е криза на идентитетот. Тешко им е да се идентификуваат со својата национална група, па го избегнуваат тоа или го ублажуваат на разни начини, и затоа велат дека се православни или дека тоа не е важно.