Еден нов контејнер заменува три до пет стари контејнери

Новите полуподземни контејнери што беа поставени во Карпош 3 се дел од пилот-проект, кој треба да покаже дали тие имаат предности во однос на другите типови. Од Градот велат дека во наредниов неколкумесечен тест-период ќе бидат направени анализи за исплатливоста на инвестирањето во вакви садови за ѓубре

Нема повеќе смрдеа и расфрлано ѓубре наоколу со новите полуподземни контејнери што беа поставени неодамна по должината на улицата Никола Русински, во населбата Карпош 3. Сликите со ѓубре на овој дел од градот станаа минато, а би било добро доколку станат минато и во целиот град. Како што беше кажано при промовирањето на новите полуподземни контејнери на финската фирма „Молок“, тие имаат поголем капацитет на собирање отпад, при што еден нов контејнер заменува од три до пет стари контејнери. Финската фирма „Молок“ постои 25 години и има инсталирано преку 140.000 вакви контејнери во 40 земји во светот.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов тогаш го најави новиот систем за управување со отпадот, кој го започна Градот, нагласувајќи дека полека но сигурно се менува сликата со степенот на хигиена по должината на сите улици. Тој тогаш кажа дека новите контејнери овозможуваат поголема хигиена и чистота и нагласи дека намерата на градот е вакви подземни контејнери да постават во повеќе населби и општини во Скопје. Од градските власти побаравме одговор уште колку вакви контејнери се набавени и во кои населби тие ќе бидат поставени и дали можат да бидат решение да го снема надземното ѓубре во Скопје.

– Град Скопје започнува пилот-проект за тестирање нов вид контејнери за отпад од домаќинствата, односно полуподземни контејнери. Станува збор за полуподземни контејнери со капацитет од три до пет кубни метри од реномираниот фински производител „Молок“, кој преку своите локални партнери поведе иницијатива за тестирање на овие контејнери во Скопје. За таа цел на улицата Никола Русински, зад ТЦ „Лептокарија“ во Карпош, поставени се шест вакви контејнери, од кои два се со капацитет од три кубни метри, а четири се со капацитет од пет кубни метри.
Овие контејнери имаат извесни предности во однос на другите типови, од кои може да се издвојат: поголемиот капацитет, мал надземен дел, побрзо празнење, можност за заклучување и поголем век на експлоатација. Во наредниов неколкумесечен тест-период ќе бидат направени анализи за исплатливоста на инвестирањето во вакви контејнери барем за оние делови од градот каде што просторните услови го дозволуваат тоа – информираат од Град Скопје..

Градот, не толку одамна, постави нови отворени контејнери, кои поради својата големина на поголем број локации на улици го попречуваа минувањето на велосипедистите и на пешаците, па и на возилата, па по реакцијата на граѓаните за нив се бараше или се адаптираше посоодветна локација. Од друга страна, пак, и покрај погодноста што тие ја имаат со притискање на ножната педала да се отвори капакот, сепак ѓубрето се остава покрај контејнерите, наместо во нив. Од ѓубрето не нѐ спасија ниту подземните контејнери што претходно беа изградени на неколку локации, кои често беа празни или полупразни, затоа што ѓубрето се оставаше покрај нив наместо да се фрли во нив.

– ЈП „Комунална хигиена“ ќе ги сервисира новите полуподземни контејнери. Но допрва ќе видиме како ќе се користат тие од граѓаните. По еден месец веројатно ќе имаме повеќе информации, кои ќе ги споделиме со јавноста. Овие се полуподземни контејнери, естетски убаво изгледаат, од нив не се шири толку непријатна миризба како од отворените. Но допрва ќе видиме какви ќе бидат нашите искуства. Ние и досега имавме подземни контејнери во централното градско подрачје, потоа во Аеродром и во Општина Чаир, но искуствата ни покажаа дека има граѓани, кои наместо да го фрлаат ѓубрето внатре во нив, тие го оставаат покрај нив. Затоа допрва ќе видиме како ќе се користат новите полуподземни контејнери – велат од ЈП „Комунална хигиена“.
Надлежните тврдат дека овој тип контејнери естетски го облагородуваат просторот, а и подолго траат. Ја намалуваат смрдеата од отпадот, ја намалуваат емисијата на штетни гасови, го намалуваат ризикот од преполнување, а заштитени се од ветер, оган и поплава. Има помала бучавата при собирањето на отпадот, за нив е потребен помал простор и апсорбираат многу повеќе. До нив има полесен пристап дури и за лицата со инвалидитет. За нив не е потребно да се прават џебови по улиците, како за сегашниве отворени контејнери што ги имаме кај нас.

Овие контејнери го зголемуваат временскиот период од едно до друго празнење, ги зголемуваат хигиената и ефикасноста и даваат можност за селекција на отпадот.
Пилот-проектот ќе покаже дали овие нови контејнери можат да бидат спас од надземното ѓубре во градот. Искуствата од овие неколку примероци во Карпош треба да покажат дали ќе треба да се менуваат контејнерите или, пак, навиките на граѓаните.


Хрватски искуства за полуподземните контејнери

Додека ние ги тестираме новите подземни и полуподземни контејнери, во Република Хрватска тие на големо се користат уште од 2012 година и хрватските искуства говорат дека животната средина е далеку почиста, а овие контејнери не ја нарушуваат естетиката дури и ако се постават на крајот на некој парк, паркинг, па дури се поставени и на јадранското крајбрежје на многу градови. Вакви контејнери има во триесетина хрватски градови, Загреб, Цирквеница, Копривница, Пула, Шибеник, Макарска, потоа на островите Брач, Паг и други.