Официјално се калкулира со 117.000 тони амбалажен отпад кој се создава секоја година во земјава. Преку системот на Пакомак се собира за рециклирање околу 28.000 тони различен амбалажен отпад (хартија, пластика, стакло, метал и дрво) од вкупно 50.000 тони колку што созадваат компаниите членки на овој систем. Но сѐ уште постојат компании-производители кои не финансираат никаде за управување со својот амбалажен отпад со што значајно го оштетуваат државниот буџет, а институциите недоследно постапуваат.
Се добива впечаток дека еколошките навики на граѓаните на оваа земја полека се подобруваат, а еколошката свест расте. Изгледа дека луѓето ја забележаа општествената корисност од селективното одложување и рециклирање на отпадот. Девет години по основањето на Пакомак, дали забележувате суштинска промена во општеството во споредба со моментот кога започнавте со работа?
– За да направите некаква промена во навиките во сопствениот живот потребна е голема желба за промена, упорност и истрајност да помине доволно време таа промена да стане рутина. Тоа многу добро го знае секој што се обидел да ослабне со разни диети, да почне да спортува или да се откаже од пушење. Најчесто најуспешни се промените кои се поттикнати од некоја егзистенцијална закана за индивидуата… Да почнете да ги менувате навиките на цело општество е уште потешка задача. Тоа бара силна мотивираност да се направат промените и верба дека тоа е исправно, бара посветеност и многу, многу упорност и тврдоглавост. Ние во Пакомак почнавме со правење истражување на граѓаните секој 2 години уште од 2013 година токму со намера да следиме дали има ефект од нашата работа. Овие истражувања ги правиме на примерок од 1.200 граѓани од девет градови низ земјава. Со задоволство можеме да кажеме дека од почетокот досега имаме значителен пораст на свесноста на граѓаните за потребата за селекција и рециклирање на отпадот, но и голем раст на еколошката свест генерално. Последното истражување од февруари оваа година покажува дека 23 отсто од граѓаните имаат сериозно развиено навика да го селектираат отпадот. Дополнителни 24 отсто од граѓаните тоа го прават понекогаш, а во 2019 година тоа го правеа само 12 отсто од граѓаните. Ако во 2019 година дури 44 отсто од граѓаните изјавуваа дека никогаш не го селектираат отпадот, оваа година 31 отсто од граѓаните така се изјаснија. Овие резултати ни потврдуваат дека сме на добар пат, но треба време селекцијата на отпадот да стане општествена норма и навика за сите. Може да кажеме дека сме блиску до критичната маса на граѓани, од сегашните 47 отсто кои селектираат секогаш или понекогаш, да дојдеме до 55 отсто од граѓаните кои тоа го прават. Во моментов кога ќе имаме повеќе граѓани кои селектираат отпад од оние кои тоа не го прават, промените ќе се случуваат многу побрзо. Во Пакомак имаме мотивиран и трпелив тим кој може тоа да го оствари.
Според вашите проценки, колкав дел од вкупниот амбалажен отпад во Македонија успева да се рециклира? Како се споредуваат количините на рециклиран отпад во однос на зацртаните цели во националната стратегија?
– За жал тешко може да се каже егзактна бројка колку амабалажен отпад годишно се создава во Македонија, а соодветно на тоа и колку се рециклира. Официјално се калкулира со 117.000 тони амбалажен отпад кој се создава секоја година во земјава. Од тоа, ние преку нашиот систем документирано собираме за рециклирање околу 28.000 тони различен амбалажен отпад (хартија, пластика, стакло, метал и дрво) и веројатно уште 15-20.000 тони се собира и рециклира по други канали. Не случајно велам дека Пакомак документирано собира, бидејќи ние за секој килограм знаеме од каде потекнува, кој го собрал и транспортирал и каде завршил тој отпад на третман или рециклирање. Националните цели за рециклирање за 2020 година се 60 отсто, и на државно ниво тешко се остварливи, можеби макисмум 40 отсто. Ние како Пакомак пред институциите сме одговорни само за рециклирање на количините на амбалажниот отпад од нашите клиенти, а тие генерираат околу 50.000 тони амабалажен отпад од оние официјални 117.000 тони кои годишно се создаваат. Со собрани 28.000 тони во 2019 година, нашата интерна стапка на рециклирање беше 55,4 отсто.
Како ја оценувате постоечката законска регулатива пропишана со Законот за управување со отпад, и уште поважно, дали сте задоволни од нејзината имплементација во пракса?
ЗУПОП е донесен во 2009 година и имплементацијата е од 01.01.2011 година. Секако дека изминативе девет години е увидено дека дел од постојните решенија не се применливи, но добар дел се многу солидни. За жал, имплементацијата на законот е слаба страна и тука институциите потфрлија изминативе години, толерирајќи незаконско делување на компании-производители кои не финансираат никаде за управување со својот амбалажен отпад. Имаше и толерирање на шпекуалтивни компании кои се колективни постапувачи со амабалажен отпад како Пакомак, притоа нарушувајќи ги честопати односите и финансирањето на собирањето и рециклирањето. Во процедура е носење на нов ЗУПОП со кој подетално се регулира работата и во кои се инкорпорирани многу наши забелешки, но за жал поради кризава и немањето законодавно тело, тој се уште се чини далеку од донесување.
Ако се послушаат реакциите на граѓаните, ќе се заклучи дека голем број општини немаат соодветна инфраструктура за одложување на отпадот. Затоа ќе ја запрашаме другата страна, односно вас: Какви мерки се преземаат за зајакнување на мрежата за рециклирање на отпад во земјата, конкретно по прашањето за имплементирање на соодветна инфраструктура?
– Немањето инфраструктура за селекција е сѐ уште главен проблем во многу општини, но има и општини кои имаат многу солидна покриеност со контејнери за селекција за одредени типови амбалажен отпад. Немањето контејнери беше причина да не се селектира за речиси 95 отсто од граѓаните во 2013 година, во 2019 година тоа беше причина за неселектирање на отпадот за 79 отсто од нив, а оваа година за само 63 отсто од граѓаните тоа е главна причина зошто не селектираат. Овој пад се должи на фактот што Пакомак секоја година поставува 350-500 контејнери за селекција на амбалажен отпад низ градовите ширум Македонија. За илустрација, низ земјава има околу 10.000 контејнери за општ смет, ние сме поставиле над 2.000 за селекција на амбалажен отпад. Не велиме дека е доволно, но има општини кои не сакаат да поставуваат контејнери за селекција или сметаат дека имаат доволно, иако граѓаните од тие општини се јавуваат кај нас и бараат да поставиме контејнери за селекција во близина на нивните живеалишта. Во моментов имаме 100 зелени контејнери за селекција на стакло од 1,5м3 кои не се поставени затоа што градоначалниците или нивните комунални претпријатија се оправдуваат дека не им е тоа фокус во оваа ситуација. Град Скопје има на плац од минатиот септември 30 нови, модерни контејнери од 2,5м3 за селекција на хартија и пластика кои не се поставени, а не ја прифати нашата понуда за донација на уште 50 нови зелени ѕвонасти контејнери за селекција на стакло затоа што не им се вклопувале во концептот. Тоа што секаде во светот стаклото се селектира во таков тип контејнери не е доволен аргумент. Има уште неколку големи градови каде самоуправата едноставно не сака да поставува контејнери за селекција и тука ние не можеме да влијаеме.
Промените се составен дел од секој општествен процес, а времето е најдобар показател за тоа дали тие биле успешни или не. Можете ли да направите проекција како ќе изгледа менаџирањето со отпад во иднина, да речеме, за пет години? Дали постојат нови идеи, нови начини на селектирање и рециклирање на отпад што можеме да ги позајмиме од другите земји?
– Управувањето со отпадот е многу сериозна работа која освен желба, мотив, знаење и упорност, изискува и сериозни финансиски средства. Како граѓани мора да сфатиме дека имањето чиста животна средина не е бесплатно. Сметките за собирање отпад во моментов се премали за да се финансира сериозно селектирање и рециклирање на отпадот. Ако во ЕУ земјите од регионов, Бугарија, Грција, Романија, се собираат 4-6 ЕУР/жител/годишно само за управување со амбалажниот отпад, во Германија тоа е 8-10 ЕУР/жител/годишно. Во Македонија се собираат, од компаниите-производители, помалку од 1 ЕУР/жител/годишно. Значи, кога ова ќе го разбереме, можеме да правиме проекции за 5 или 10 години како ќе го менаџираме отпадот генерално. Сметаме дека регионалниот пристап со претоварни станици е добар, но бројот на депонии може да се намали ако се работи на подобра транспортна инфраструктура со железница. Би требало да се направи еден модерен центар за секундарна селекција на амбалажен отпад кој ќе произведува и т.н РДФ односно ќе го прерарботува отпадот во производ кој ќе може да се согорува. За почеток може да се користат постојните капацитети кои се погодни за горење на такво гориво од отпад, доколку се доопремат технички за да не бидат загадувачи. Тоа е Цементарницата, термоцентралите кои треба да се прилагодат (на пр. ТЕЦ Неготино може да работи на гас и како инценератор) или метало-топилничарските капацитети. Само со осмилено затворање на сите текови на отпад, со цел да имаат што помал негативен ефект врз околината и луѓето, можеме да се надеваме на поздрава животна средина. Тоа бара инвестиции, но тие не се такви да не може да си дозволиме како земја. Првенствено треба политичка волја и упорност да се избуткаат овие проекти, независно која политичка опција ќе ги почне, а која ќе ги заврши. Само со такво стратешко размислување можеме да ги решаваме проблемите за чие решавање треба повеќе од еден четиригодишен мандат.