И по неколкучасовната преговарачка сесија кај претседателот Пендаровски, не беше постигнат договор за клучната тема - датумот на изборите

Освен истакнувањето од страна на претседателот Пендаровски, и претставниците на меѓународната заедница сметаат дека изборите се потребни за да се обезбедат функционални институции, односно парламент и влада што ќе имаат легитимитет да ги водат процесите на евроинтеграција што ја очекуваат Македонија, како и да се справуваат со сите последици од корона-кризата

Владата не побара продолжување на вонредната состојба откако претседателот Стево Пендаровски во јавно обраќање ја соопшти својата одлука да не прогласи ново, петто продолжување, така што изборните рокови, кои беа ставени во мирување поради вонредната состојба, веќе од вчера продолжија да течат. Водејќи се според таквиот роковник, изборите треба да се одржат на 5 јули. Но со оглед на сложеноста и специфичноста на политичко-здравствената состојба во Македонија, прекинатите и одложени постапки за предвремени парламентарни избори, како и сѐ поголемиот број на заболени од коронавирусот, и понатаму сѐ е заплеткано во лавиринтот на партиските договори за постигнување консензус за датумот на нивно одржување.

Освен истакнувањето од страна на претседателот Пендаровски, и претставниците на меѓународната заедница сметаат дека изборите се потребни за да се обезбедат функционални институции, односно парламент и влада што ќе имаат легитимитет да ги водат процесите на евроинтеграција што ја очекуваат Македонија, како и да се справуваат со сите последици од корона-кризата. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, по телефонската комуникација со лидерите на двете најголеми македонски партии, порача дека на Македонија ѝ се потребни „фер, слободни и инклузивни избори“, што, според некои толкувања, значи дека не е препорачливо отсуство или бојкот на опозицијата од изборниот процес.

– Нашиот став отсекогаш бил дека е важно да се гарантира постоење на услови за слободни, фер и кредибилни избори и дека тие се спроведуваат во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, меѓународните стандарди и практики. Во исто време, при организирање избори во тековни околности, треба да се земе предвид состојбата со јавното здравство. На политичките лидери им останува да најдат баланс помеѓу потребата да се продолжи со организирање избори и здравствената состојба во земјата и да донесат одлука – се вели во изјавата за „Нова Македонија“ од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Во таа насока и вицепремиерот за евроинтеграција Бујар Османи, како претставник на коалицискиот партнер во Владата, ДУИ, упатувајќи апел до партиските лидери за договор, укажа дека „изборите имаат смисла само доколку граѓаните навистина имаат избор да ги избираат претставниците што ќе ги претставуваат во парламентот“
– Изборите денес ни се многу повеќе потребни отколку во декември минатата година, кога со консензус се одлучивме дека ќе имаме предвремени избори. Но, во исто време, изборите имаат смисла само доколку граѓаните навистина имаат избор да ги избираат претставниците што ќе ги претставуваат во парламентот… Демократијата не препознава политички натпревар во кој се натпреварувате самите со себе. Без учество на релевантните политички фактори, изборите во овие услови ќе претставуваат само нова политичка криза, која, по правило, кај нас се претвора во институционална криза, за потоа да стане и закана за евентуална безбедносна криза. Би било исклучително неодговорно ако го дозволиме тоа – изјави Бујар Османи на вчерашната прес-конференција.

За потребата од партиски консензус во договорот за одржување на изборите, политичкиот аналитичар и прв извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, вели дека таа е во духот на воспоставените практики од сите претходни избори.
– Важен елемент во одлучувањето за избори е – консензусот. Прво, тоа е воспоставена практика од сите претходни избори (по бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ во 1994 година), да има согласност на опозицијата за изборите. Второ, тоа на некој начин го најави и еврокомесарот Вархеји во својата твитер-порака по разговорите со двајцата претседатели на нашите најголеми партии – вели Кржаловски.
Државната изборна комисија требаше да го ревидира роковникот за избори ден по завршувањето на вонредната состојба, што е законска обврска, која произлегува од владината уредба за изборите и заклучокот на ДИК.

Инаку, веднаш по обраќањето на претседателот Пендаровски, во петокот, беше одржана итна лидерска средба во неговиот кабинет со претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, но и по завршувањето на неколкучасовната преговарачка сесија, не беше постигнат договор за клучната тема – датумот на изборите. Во текот на изминатиот викенд и понатаму се правеа обиди за компромисно решение. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за време на викенд-комуникацијата го понуди 8 јули како ден за избори, а ако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се согласеше на тоа, Заев рече дека ќе побара од владата да свика седница и да донесе предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, овој пат заради договор со опозицијата. Тој истакна дека опозицијата треба да учествува на изборите. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше дека не лицитираат со датуми пак, но без конкретен одговор на „понудата“ од СДСМ. Сепак не беше отфрлена можноста за договор, при што од ВМРО-ДПМНЕ инсистираа на заштита на здравјето на граѓаните, како и на квалитетен меѓународен мониторинг и прочистен избирачки список. Неформално, главната причина за тоа е што меѓународните монитори не можат да стигнат пред почетокот на кампањата, која ако изборите се случат на 8 јули, според понудата на СДСМ, формално би требало да почне веќе утре, од 16 јуни.

На партиските договори за датумот за одржување избори никако не им оди во прилог постојаниот тренд на зголемување на бројот на новозаразени и починати од коронавирусот, и покрај уверувањето на техничкиот премиер Оливер Спасовски дека „институциите имаат капацитет на денот на изборите да ги обезбедат сите превентивни мерки што се потребни за целосна заштита на гласачите и на сите други учесници во изборниот процес“. Според Спасовски, нема(ше) потреба од продолжување на вонредната состојба, а петти јули, е „зацементиран за избори“.


Пендаровски ќе прогласи вонредна состојба доколку партиите се договорат за нов датум

Претседателот на државата Стево Пендаровски е подготвен да донесе нова одлука за прогласување вонредна состојба на територијата на цела држава, доколу за тоа има консензус од сите политички субјекти, ја пренесоа некои од медиумите информацијата од неговиот кабинет.
– Ова ќе се случи само доколку претходно биде постигнат меѓупартиски договор на сите политички субјекти за датум на предвремените парламентарни избори, заради создавање правна рамка за нивно непречено организирање и спроведување – се наведува во информацијата.


ОБСЕ/ОДИХР подготвува мисија за следење избори на 5 јули

ОБСЕ/ОДИХР распиша конкурс за експерти што треба да ги следат предвремените парламентарни избори во Македонија на 5 јули годинава. Во соопштението објавено на интернет-страницата на организацијата се наведува дека е прифатена поканата на македонската влада за следење на изборите.

– По официјалната покана да се набљудуваат предвремените парламентарни избори во С. Македонија на 5 јули и во согласност со својот мандат, ОДИХР се подготвува да испрати специјална мисија за процена на изборите – се наведува во соопштението.
Во отворениот конкурс, ОДИХР бара шеф и заменик на шефот на мисијата во Македонија, политички аналитичар, изборен аналитичар, аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник. Мисијата ќе биде во траење од три недели, а сите кандидати треба да бидат на располагање за извршување на задачите уште од 19 јуни.

Навремено распоредување набљудувачка мисија е еден од условите што ги наведува опозициската ВМРО-ДПМНЕ за учество на изборите. Од повикот не е јасно дали мисијата ќе подразбира и распоредување краткорочни набљудувачи на самиот ден на гласањето.


Мицкоски не прифаќа избори пред средината на јули

Првиот термин за избори прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ е средината на јули, за што има два услови, да се изработат протоколи за заштита на здравјето и да има фер и демократски и инклузивни избори, порача вчера од прес-конференција претседателот на оваа партија Христијан Мицкоски. Но тој предупреди дека ако, како што рече, СДСМ и Зоран Заев тактизираат, се елиминира како можност и средината на месецот, односно 15 јули.

Според Мицкоски, нивните услови вклучуваат кампањата да почне еден ден по првата прес-конференција на ОБСЕ/ОДИХР, откога нивните претставници ќе пристигнат во земјава.

Бидејќи не верува дека сите овие услови ќе бидат исполнети, Мицкоски му порача на претседателот Стево Пендаровски дека има време до крајот на денот да ја продолжи вонредната состојба, објаснувајќи дека „знае оти претседателот бил под притисок и постојано му ѕвонеле на телефон од владејачката СДСМ“.