Полека се враќа оптимизмот кај граѓаните и во другите градови во земјава на кои настаните од културата и уметноста им претставуваат неопходен дел од животот дека нивниот број во објектите и на отворените сцени сѐ повеќе ќе расте
Во галеријата КО-РА и во Младинскиот културен центар во Скопје веќе може да се посетуваат изложби, се разбира со заштитна опрема и со внимавање на потребната физичка дистанца. Полека се враќа оптимизмот кај граѓаните и во другите градови во земјава на кои настаните од културата и уметноста им претставуваат неопходен дел од животот дека нивниот број во објектите и на отворените сцени сѐ повеќе ќе расте.
Виртуелното, онлајн консумирање култура и уметност генерално сѐ уште се практикува, но сѐ повеќе и гласно се говори за постојната потреба од гледање и театарски претстави во живо, од одење на концерти, од проекции на филмови во киносали (отворени или затворени) и др.
Искуствата од овој период, кој со сигурност ќе остави голема трага во културното живеење не само кај нас туку и во светот, деновиве, со нас ги споделија директорите на Археолошкиот музеј и на Музејот на Македонија, Славица Бабамова и Јован Шурбановски.
– Археолошкиот музеј на Македонија на самиот почеток на објавувањето на светската пандемија и затворањето на музеите низ светот почна да објавува содржини онлајн и беше во чекор со активностите на најголемите светски музеи. Во почетокот, како резултат на грантот добиен од Балканската музејска мрежа за пристапност на сите категории посетители во музејот, на социјалните мрежи објавувавме видеа што раскажуваат кратки приказни за музејските предмети. Потоа со големо задоволство потсетивме на историски значајната, јубилејна изложба „100 години Требениште“, преку виртуелна прошетка низ поставката чии домаќини бевме минатата година. Со желба да не ја одвоиме својата публика долго време од содржините што ги нуди нашиот музеј, започнавме со проектот „Музејска едукација преку цртежи“. Особено нѐ радува фактот што во него се вклучија многу деца од основните училишта, што покажува дека веќе имаме публика што редовно ги следи нашите активности, но и дека секојдневно се приклучуваат нови – вели Славица Бабамова.
Во врска со предизвикот за организирање на работата, таа истакнува дека во овој музеј работат врвни стручњаци од областа на музеологијата и археологијата и сродните дисциплини, така што организирањето на работата во вонредни услови, која главно се состои во објавување содржини онлајн, се одвива непречено во домашни услови, пред сѐ поради љубовта и ентузијазмот со кои, напомена, музејскиот тим секојдневно дише со својата професија.
– Стремежот да се претстават резултатите од својата работа е присутен постојано, без разлика на условите. Предизвикот на директорот тогаш се состои само во обезбедување медиум тоа да се случи – вели Бабамова.
Според неа, вградувањето интерактивни методи, инклузивноста и отвореноста за новите технологии се најверојатно најважните сегменти со кои ќе треба да се занимава во наредниот период овој музеј. Поуки што тој може да ги извлече од корона-кризата за својата понатамошна работа, поуки воопшто и за другите културни институции.
– Се соочуваме со една необична и несекојдневна ситуација, како лично, така и на професионално ниво. Оваа фаза од нашето секојдневие ни покажа колку се важни некои веќе сосема прифатени канали за комуникација со публиката, а кои, за жал, кај нас во сферата на презентацијата на културното наследство беа рудиментирани. Желбата да останеме конектирани со публиката природно нѐ насочи кон социјалните мрежи. Така, на 19 март отворивме јутјуб-канал на кој постојано објавуваме документарни етнолошки филмови. Досега се објавени 18 филма, со околу 7.000 прегледи. Ова е своевидно мал етнолошки фестивал. Прикажуваме филмови од најраната фаза на заштитата на културното наследство, преку визуелно регистрирање на секојдневието и обредниот живот во 1950-тите и 1960-тите години. Извонредни ремек-дела што ги следеле тогашните светски трендови во филмската индустрија. Ова творештво, во смисла на идеја, режија и сценарио, е врзано за името на доајенката на македонската етнологија Вера Кличкова – вели Јован Шурбановски.
Тој укажа дека се презентираат и филмови од 1990-тите години и на етнолозите Елизабета Конеска и Владимир Боцев, а поканета е со свои дела да учествува и најмладата генерација на студенти од Институтот за етнологија и антропологија. Шурбановски вели дека „корона-циклусот“ го упатил Музејот на Македонија на соработка со повеќе личности, институции и здруженија, укажувајќи притоа дека деновиве во него е почнат нов проект во соработка со ансамблот „Македонија“, кој ќе го презентира своето долгогодишно творештво, притоа афирмирајќи ги сите традициски вредности, вткаени низ културното наследство.
Директорот на Музејот на Македонија се надева дека делото на Вера Кличкова, која користела современи медиуми во заштита и презентацијата на културното наследство, ќе ги инспирира и во него сега вработените, за примена на нови начини и медиум за комуникација со публиката. Во таа насока, Шурбановски најави и дека се подготвува проект што треба да го спои овој музеј со повеќе уметници, дизајнери и студенти во кампања чија цел е издигање на свеста на граѓаните за заштита на здравјето, а наедно и за промоција на културното наследство во земјава.