Анализа на „Форбс“
Американскиот бизнис-магазин „Форбс“ е еден од најрелевантните извори на информации во светот. Особено е влијателен со своите економски анализи на состојбите на сите меридијани, како и ранг-листите во најразлични категории што се земаат предвид за разгледување и споредба како податоци со исклучителна релевантност. Не помалку се читани текстовите во кои врвни експерти нудат геостратегиски анализи. Таква е во случајов и анализата на состојбите во односот меѓу големите сили во светло на актуелните постапки на нивните лидери
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп со која го намали бројот на американски трупи во Германија за повеќе од една четвртина се појави во медиумите на 5 јуни и веднаш ја разбранува јавноста. Според „Волстрит џрнал“, одлуката е веќе потпишана од страна на советникот за национална безбедност на Трамп, Роберт О’Брајан. До септември годинава, 9.500 американски војници треба да ја напуштат Германија, со што на територијата на таа земја ќе останат уште 25 илјади војници. Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, ја коментираше одлуката на Трамп, истакнувајќи дека Берлин „ќе мора да прими до знаење дека предметот е многу сложен“ и дека „Германија и Соединетите Американски Држави се блиски партнери во трансатлантската алијанса“.
Трамп и Путин телефонски тековно се консултираат за геостратегиски прашања
На одлуката на претседателот на САД за намалување на американските трупи во Германија ѝ претходеше телефонски разговор на 1 јуни помеѓу претседателот Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Двајцата претседатели разговарале за нафтата и за корона-кризата, но и за активирање на американско-рускиот дијалог на полето на стратегиската стабилност и мерките за градење доверба во воената сфера, при што се согласија да продолжат контакти на разни нивоа.
Ваквиот развој на настаните беше доволен повод за магазинот „Форбс“ да објави коментар за американско-руските односи и нивниот одраз врз остатокот од светот. Притоа, се истакнува дека американската команда на САД за Европа (ЕУКОМ) располага со 34.500 војници, морнари, пилоти и маринци, но и дека намалувањето на бројот на постојани трупи за 9.500 се заканува дека ќе ги поништи напорите на Пентагон, кој последниве години беше насочен кон зајакнување на своите одбранбени способности наспроти Русија. Аналитичарите во своите сценарија и проекции посочуваат дека веројатната интервенција на Русија би била насочена кон источното крило на НАТО, каде што сојузничката копнена армија е најслаба. Најзагрозени се балтичките земји: Естонија, Летонија и Литванија.
Во текстот се укажува дека одлуката на Трамп да го намали бројот на американски војници за повеќе од една четвртина е поврзана со неговиот телефонски разговор со Путин.
И Обама повлече воени трупи од Европа во 2011 година
Во анализата на магазинот „Форбс“ се наведува дека во врска со најавеното повлекување на дел од американските трупи „сè уште не е целосно јасно кои единици ќе бидат повлечени од ЕУКОМ“. Но се истакнува дека во истиот контекст многу е појасно дека „секое намалување на вооружените сили на САД во Европа ја ослабува одбраната на НАТО“. Во магазинот „Форбс“ е издвоен и ставот на „Њујорк тајмс“, во кој се вели дека „командата на САД е целосно збунета од одлуката на претседателот на САД за намалување на бројот на војниците“.
Во продолжение, магазинот потсетува дека администрацијата на Обама повлече две тенковски бригади од Европа по спорот со Конгресот за висината на државниот долг во 2011 година, што доведе до усвојување на Законот за контрола на буџетот. Бројот на копнени трупи во Европа се намалил од 40.000 во 2011 година на околу 25.000 во 2014 година. По намалување на бројот на американските војници и единиците од страна на Обама, во Европа останале само една оклопна единица со 300 транспортери „страјкер“, како и 173-та десантна падобранска бригада.
Во 2014 година, по руската анексијата на Крим, Пентагон сакал да ја зајакне својата воена моќ на европско тло. Администрацијата на Обама обезбедила милијарди долари за привременото распоредување на трупите под покровителство на Европската иницијатива за превенција. Пентагон ги врати во Европа двете бригади со 18 ракетни лансери. Оклопната бригада исто така била распоредена на ротирачка основа со промени на секои девет месеци. Оклопна бригада е составена од околу 90 тенка „М-1“, 130 борбени возила „М-2“, како и 18 самовозни хаубици „М-109“.
Заклучокот на „Форбс“ пресмел?!
Од друга страна, „Русија има 25 баталјони, со околу 760 тенка во областа на досегот до балтичките земји-членки на НАТО“, додека „членките на НАТО заедно имаат 15 баталјони, со околу 130 тенка во тој регион, од кои 90, американските „М-1“, се на привремена ротација“.
Авторот изразува сомнеж дека наместо да ги зајакне своите сили во Европа, американската војска што е под команда на Доналд Трамп се чини дека има намера долгорочно да го намали присуството.
Магазинот „Форбс“ на крајот дава малку пресмел заклучок, имено наведува дека по военото повлекување на САД од Европа „источните членки на НАТО ќе станат уште поотворени. Ако американскиот контингент во Европа се намали, на Русија повеќе нема да ѝ требаат 60 часа, туку многу помалку за да го окупира балтичкиот регион во случај на воен конфликт“, наведува „Форбс“.
Подготвил: Дејан Србиновски