Во извештајот на американскиот Стејт департмент се посочува на голем број проблеми за непочитување на слободата на вероисповед на граѓаните од балканските простори
Во земјите од Западен Балкан постои блиска поврзаност меѓу дејствувањето на главните политички партии и верските здруженија, ова е заедничкиот заклучок содржан во извештајот на Министерството за надворешни работи на САД што се однесува на меѓународните религиски слободи за 2019 година. Во овој годишен извештај се дава слика за состојбата на религиските слободи во секоја земја и владините политики во однос со верските заедници, пренесува Радио Слободна Европа.
Во делот за Босна и Херцеговина пишува дека најголемите бошњачки партии ги усогласуваат политиките со Исламската заедница за БиХ, а најголемите партии на Хрватите со ставовите на Римокатоличката црква, додека најголемите српски партии со Српската православна црква. Во средините во кои живеат припадници на малцинските заедници владее дискриминација, која се однесува на забрана за поседување или поправка на религиски имот, како и за верските релации при образованието, вработувањето и користењето на социјалните услуги. Во извештајот се наведуваат и случаи за закана со казни за учениците од муслиманска вероисповед што нема да ја надоместат наставата за време на религиски празници. Од Исламската заедница се жалат дека нема посебни простории за молитва во училиштата, како и за делење оброци со свинско месо на војниците муслимани. Во 2018 година биле регистрирани 17 напади врз муслимани, десет над христијани и два над Евреи. Биле сквернавени десет верски објекти, а имало и еден вербален напад на православен свештеник.
Косовскиот устав забранува религиска дискриминација, но законите не им овозможуваат на религиските здруженија да стекнат правен статус и да отвораат банкарски сметки. Министерството за образование изрече дисциплински мерки со кои на учениците им се забранува носење религиска облека, посочуваат од Стејт департментот.
Косовската протестантска евангелистичка црква се жалела дека локалните власти не ги третираат еднакво во поглед на сопственоста при издавањето на градежните дозволи и одржувањето на гробните места. Претставниците на Српската православна црква ги обвинуваат косовските власти за кршење на правата на сопственост на црковниот имот и неспроведување на пресудата за право на сопственост над земјиштето околу манастирот „Високи Дечани“. Се наведуваат и 61 случај за религиски мотивирани напади, на лица и на објекти и гробишта.
Религиските здруженија во Црна Гора, особено Српската православна црква, се жалат на тоа дека законската регулатива што го регулира нивниот правен статус е несоодветна. Се потсетува дека Владата на ЦГ го донесе новиот закон, за кој СПЦ смета дека државата има намера да го присвои имотот на СПЦ. Изминатите месеци се одржаа масовни протести против донесувањето на спорниот закон за слобода на вероисповед.
Во Србија религиските групи не се должни да се регистрираат за да извршуваат верски услуги, но некои се жалат дека им е тешко да дејствуваат, затоа што имаат тешкотии да отворат банкарски сметки или да поседуваат сопственост. Во извештајот на СД се наведува дека Министерството за правда на Србија не реагирало или не ги решило спорот и регистрацијата на различните верски заедници. Припадници на помали верски групи се жалеле на нападите и навредите дека се „секташи“. Исто така, во некои книжарници може да се најдат книги со антисемитска содржина. Се истакнува и активноста на американската амбасада за реституција на еврејскиот имот, како и да се забрза изградба на споменикот кај стариот саем.
Во Македонија официјално се признаени 37 религиски организации, вклучувајќи ги и петте што се наведени во Уставот. Македонската православна црква, Исламската заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелистичко-методистичката црква и Еврејската заедница користат даночни олеснувања и други бенефиции, како и можност за отворање сопствени училишта, додека другите групи мора да се регистрираат за да можат да ги остварат овие права. Македонската православна црква пријавила 12 инциденти, а непознати лица ги нападнале основачите на религиската заедница на православните Албанци. Во земјата постои корелација меѓу религијата и политичките афилијации, а политичките партии се поделени според етничка линија, наведуваат од американскиот Стејт департмент.