Феномен предизвикан од ковид-19
Истражување на американскиот институт „Римоут интерншип“ извршено на 2.000 испитаници студенти открива дека речиси 30 отсто од испитаниците сериозно размислуваат за промена на студиската програма за време на пандемијата, односно за промена на планираната кариера по завршувањето на студиите
Студентите низ светот затекнати од пандемијата на коронавирусот беа принудени да користат онлајн алатки за да го продолжат образованието како резултат на тешкотиите што беа предизвикани токму од опасниот вирус. Во таа насока универзитетите исто така беа принудени да ги затворат вратите за своите студенти, за да се спречи потенцијалното забрзано ширење на коронавирусот. Во меѓувреме ново истражување покажува дека кризата променила и нешто друго кај многу студенти околу интересот за идната професија, пишува угледниот американски магазин „Тек републик“.
Како што наведува магазинот, истражување спроведено од страна на американскиот институт „Римоут интерншип“ на 2.000 испитаници (85 отсто од испитаниците биле од САД) открива дека речиси 30 отсто од испитаниците сериозно размислуваат за промена на студиската програма, односно за промена на планираната кариера и професија што сакале да ја работат по завршувањето на студиите.
Според истото истражување се наведува дека 61,6 отсто од студентите сепак планираат да го завршат високото образование и покрај состојбите со ковид-19. Во исто време 34,6 отсто изјавиле дека не се сигурни, а преостанатите 3,8 отсто одлучиле да се откажат од студиите поради влијанието на коронавирусот.
Ваквите досега не забележани појави кај студентите за извршниот директор и основач на американскиот институт „Римоут интерншип“, Калеб Куфман, навестуваат нов феномен, кој може лошо да се одрази врз економиите и индустриите во светот.
– Сепак сме среќни што можеме да увидиме дека многу студенти го преземаат развојот на кариерата во свои раце, со тоа што ги користат новите форми на образование и професионален развој токму преку алтернативните форми на учење преку интернет.
Но константното менување на правецот во својата идна кариера, независно дали тоа се студенти или веќе изградени професионалци, наметнува една друга несигурност за работодавците, а таа е дали тие лица во иднина ќе можат професионално да одговорат на предизвиците во професијата што ја работат. Тоа може да создаде импакт врз економиите во светот како резултат на недостиг од доволно квалификуван кадар – оценува Куфман.
Тој додава дека алтернативните форми на учење преку интернет се двојно попопуларни од универзитетските предавања ова лето.
Инаку, според истото истражување, дури 41 отсто од студентите што пред кризата планирале да работат во невладина организација сега сакаат да ја променат професијата. На краток рок, 22,6 отсто од студентите што учествувале во истражувањето планираат да направат едногодишна пауза во студиите поради случувањата со коронавирусот, а поголемиот дел од нив (54,5 отсто) ќе го направат тоа за да работат. Сепак, интересно е што во анализата на „Римоут интерншип“ се наведува дека дури 73 отсто од испитаниците изјавиле дека ќе продолжат со студиите дури и доколку предавањата се спроведуваат онлајн.
Во меѓувреме, студентите во САД, но и во светот се соочија со предизвикот за брзо префрлање на интернет-учење во март, кога состојбата со коронавирусот предизвика затворање на универзитетите, чекор што, пак, беше примарна заштита на владите за намалување на кривата на инфекции.
Ваквото студирање, како што наведува американски магазин „Тек републик“, предизвика меѓусебното помагање, кое денес се одвива преку Фејсбук. Студентите, пак, преку оваа социјална мрежа организираат групи за учење, а освен тоа, доколку некој студент има некакво прашање, тој го пишува на својата страница исто како на огласна табла.
Подготвил: Дејан Србиновски