Австрија ја спаси националната авиокомпанија
Австриската влада донесе одлука за спасување на националната авиокомпанија „Аустријан ерлајнс“, која западна во финансиски проблеми поради корона-кризата и соопшти дека државата во санација на компанијата ќе вложи 150 милиони евра и понатамошни 300 милиони евра преку кредити за кои ќе гарантира државата.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц потврди дека преговорите со сопственикот на „Аустријан ерлајнс“, германска „Луфтханза“, завршиле со позитивен исход.
– Успеавме да спасиме голем број работни места, добивме гаранција дека седиштето на „Аустријан ерлајнс“ ќе остане во Виена и постигнавме договор околу потребните мерки за заштита на климата – појасни Курц.
Тој уште додаде дека со „Луфтханза“ било договорено аеродромот во Виена да расте исто онолку колку и аеродромите на „Луфтханза“ во Франкфурт и во Минхен.
Покрај тоа, била договорена и минимална цена на билетот од 40 евра за летовите на „Аустријан ерлајнс“, во чии рамки треба да бидат содржани даноците, таксите и сите понатамошни трошоци.
СБ: Светската економија се соочува со најголемиот пад
од Втората светска војна
Светската економија поради пандемијата на ковид-19 до крајот на 2020 година ја очекува најголемиот пад по Втората светска војна, наведува Светската банка во најновиот извештај, насловен „Глобални економски перспективи“.
Според прогнозите на Светската банка, глобалниот раст ќе падне за 5,2 отсто оваа година, што би претставувало најдлабока рецесија по Втората светска војна.
Најтешко погодени се оние држави каде што пандемијата е најлоша и кои во голема мера се потпираат на глобалната економија, туризмот, извозот на стоки и надворешното финансирање, се додава во извештајот.
Силата на ударот ќе варира од регион до регион, но сите нови пазари и економиите во развој имаат зголемена ранливост, предупредува Светската банка. Во Европа се очекува економски пад од седум отсто, додека во САД 6,1 отсто, пред да се појават знаци за обнова во 2021 година. Во 90 отсто од 183 економии се очекува пад на БДП во 2020 година.
БП укинува 10.000 работни места
Британската нафтена компанија БП ги соопшти плановите за укинување на 10.000 работни места, бидејќи поради корона-кризата паднаа цените и побарувачката за црното злато во светот.
Овој нафтен гигант не се одлучи да отпушта работници во зенитот на пандемијата на коронавирусот, но во почетокот на оваа недела им порача на вработените дека до крајот на годината ќе бидат укинати 15 отсто од постојните работни места, од кои речиси 2.000 во Британија.
– Цената на нафтата падна значително под нивото што ни овозможува работење со заработка. Трошиме многу, многу повеќе од она што го заработуваме. Зборувам за милиони долари секој ден – истакна извршниот директор на БП, Бернард Луни, во електронската порака до вработените.