Најновата провокација е барањето од Норвешка да се зголеми бројот на војници од САД на нејзина територија и тие да се распоредат уште поблизу до Русија, пишува Тед Гален Карпентер, аналитичар од институтот „Като“ во Вашингтон и уредник на американското списание „Нешенел интерест“
САД и нејзините сојузници во НАТО продолжуваат да наоѓаат начини да ја антагонизираат Русија, а најновата провокација се чини е барањето од Норвешка повеќе од двојно да се зголеми бројот на американски војници стационирани на нејзината територија и тие да се распоредат уште поблизу до границата со Русија, пишува Тед Гален Карпентер аналитичар од институтот „Като“ во Вашингтон, уредник на американското списание за надворешна политика „Нешенел интерест“ и автор на пет книги за НАТО.
Карпентер посочува дека бројките можеби не се големи, но тие сепак претставуваат непотребно провоцирање на Русија. Во моментот има 330 американски сили во Норвешка распоредени на „ротациска“ основа. Новото барање на Осло се очекува да го зголеми бројот на 700 војници. Новите сили треба да бидат стационирани во крајниот северен дел, на само 420 километри од Русија, за разлика од силите што сега се распоредени во централна Норвешка.
Ротацискиот аспект теоретски е во согласност со ветувањето на Норвешка до Москва во 1949 година, кога се зачлени во НАТО, дека Осло нема да дозволи американски бази на нејзина територија. Владата во Осло и со барањето за нови американски војници го потврдува ставот дека нема да има американски бази на норвешка територија. Нивниот ротациски статус значи дека војниците на САД се во Норвешка привремено, но тоа никого не мами, а најмалку рускиот претседател Владимир Путин. Норвешка исто така тврди дека новото американско распоредување не е насочено против Русија, но тоа уверување има уште помал кредибилитет од образложението за ротирањето, смета Карпентер.
Барањето на Осло е упатено само неколку дена откако девет источноевропски членки на НАТО побараа поголемо воено присуство на НАТО (што значи на САД) во регионот.
Освен што бара повеќе војници, Норвешка во моментов учествува во воени вежби на НАТО, во кои воени бродови трагаат по непријателска подморница, што според Американците треба да испрати силен сигнал за Русија, пренесува „Њузвик“.
Дополнително, Норвешка во октомври и во ноември ќе биде домаќин на најголемите поморски вежби на НАТО по Студената војна, во кои учествуваат 40.000 војници, 130 авиони и 60 брода од над 30 членки и партнери на НАТО. Во меѓувреме, од Владата во Осло велат дека „не можат да видат каква било причина за реакција на Русија“ по предлогот за зголемување на военото присуство на САД во Норвешка.
Ваквата нечесност е долгогодишна карактеристика на однесувањето на НАТО кон Москва, смета Карпентер. За време на Студената војна, западни функционери постојано тврдеа дека Алијансата не е насочена против Советскиот Сојуз, иако одвреме-навреме го признаваа очигледното, дека НАТО е воен блок што треба да ја ограничи советската моќ, иако тоа не беше единствената цел (другите две, според првиот генерален секретар на НАТО, беа да ги држи Американците во Европа, а Германците мирни).
Според него, ограничувањето на СССР имаше смисла за да ја задржи демократска Европа надвор од геополитичката орбита на Москва, а НАТО беше важна компонента на таа стратегија. Но, Западот продолжи да го применува тој модел и со некомунистичка Русија откако заврши Студената војна. Всушност, тие го интензивираа со примање нови членки од Источна Европа и со проширување на НАТО до границите на Русија. Ова беше сторено иако Русија при повторното обединување на Германија беше уверувана во спротивното. За време на проширувањето на НАТО кон Истокот, Западот ја уверуваше Русија дека тоа не е насочено против неа. Всушност, некои негови функционери дури и тврдеа дека ваквиот потег ќе биде од корист за Русија со бришење на линиите на поделби од Студената војна со зголемување на политичката и на економската стабилност на Источна Европа.
Лидерите на НАТО продолжуваат да инсистираат дека Алијансата нема офанзивни намери кон Русија и дека таа не се обидува да ги поткопа интересите на Москва. Но однесувањето на НАТО ги обесхрабрува таквите гаранции, смета Карпентер. Според него, интервенциите во Босна и на Косово, кои го ослабнаа рускиот сојузник, Србија, сигурно Москва не ги толкува како пријателски операции. Слично, провокативно, за Русија е и стационирањето на сили и на воена опрема (главно од САД) во источноевропските членки на НАТО.
Сепак, вели Карпентер, западните лидери и јавноста се однесуваат како Русија да нема легитимна причина да реагира негативно на таквите потези. На пример, НАТО спроведе повеќе големи вежби близу границите на Русија, а сепак оттаму велат дека Русите погрешно ги сметаат таквите операции како провокативни.
Според Карпентер, лидерите на САД и на НАТО треба да усвојат многу пореален став бидејќи секоја држава би го сметала однесувањето на НАТО за провокативно, непријателско, па дури и за заканувачко, ако се спроведува на нејзините граници. Продолжувањето на ваквите акции, додека цинично се негира нивната непријателска намера, може лесно да доведе до грешки, па и до катастрофален судир, предупредува Карпентер. Според него, како прв чекор кон подобрување на односите со Москва, Трамп на кратко треба да го одбие барањето од Норвешка да испрати уште американски војници во земјата.
Трамп: Норвешка да го зголеми воениот буџет
Претседателот на САД Доналд Трамп, кој бара од сојузниците во НАТО да ги зголемат воените буџети, во писмо до Владата во Осло ја обвинил Норвешка дека нема кредибилен план за одбрана. Норвешка планира да купи 50 авиони „ф-35“ од САД, но Трамп смета дека земјата треба да стори повеќе, јави Ројтерс.
– Норвешка е единствениот сојузник во НАТО што дели граница со Русија, но нема кредибилен план да троши два отсто од својот БДП на одбрана. Бараме цврст ангажман од Норвежаните, кои се нашите очи и уши на северната граница на НАТО – порачал американскиот претседател Трамп.