Неодамнешната ликвидација на Сава Стевовиќ од Никшиќ, Црна Гора, што се случи во белградската населба Жарково, повторно ги отвори прашањата за дејствувањето на мафијата на Балканот. На Стевовиќ е пукано од возило во движење со автоматска пушка, најверојатно модел „скорпион“, а се шпекулира дека ликвидаторите испукале дури 20 куршуми.
Убиениот Стевовиќ, кој веднаш им подлегнал на повредите, има сериозно криминално досие и ѝ е познат на полицијата. Тој бил погоден неколкупати во главата, а екипата на брзата помош што излегла на терен, единствено ја констатирала неговата смрт. Стевовиќ неодамна се вратил во Србија по отслужување затворска казна во странство, а за само петнаесетина минути по ликвидацијата е пронајдено запалено возило со лажни регистарски ознаки и се смета дека од него е извршено убиството. Пред зградата каде што се случило убиството бил и синот на убиениот Стевовиќ, кој првенствено разговарал со полицијата, а потоа влегол во блиската зграда, па се претпоставува дека и во неа живее.
Ова не е единствениот ниту, за жал, последен ваков случај на мафијашки пресметки на улиците во Србија, но и на целиот Балкански Полуостров. Криминалните структури нелегално поседуваат најразлични видови оружје, а доказ за тоа е и неодамнешното истражување што го спроведе организацијата на женевскиот институт за меѓународни и развојни студии „Смол армс сурвеј “. Според оваа студија, на 100 граѓани, дури 29,8 во Македонија поседуваат малокалибарско оружје. Бројките значително се повисоки кога станува збор за Србија, Босна или Црна Гора, па, така, од 100 граѓани во Србија, во просек 39 поседуваат малокалибарско оружје. Статистиките на истражувањето велат дека Србија и Црна Гора го делат непопуларното трето место во светот, а на прво место на оваа листа неприкосновено водат Соединетите Американски Држави. На второто место е Јемен, каде што веќе неколку години има граѓанска војна.

Експертите и познавачите на состојбите на ова поле велат дека овој податок воопшто не изненадува и дека високиот процент на граѓани што поседуваат малокалибарско оружје на Балканот не е нешто невообичаено. Овој податок може да предизвика сериозни безбедносни проблеми, особено за локалните заедници, бидејќи малокалибарското оружје најчесто се користи во пресметките кај младите луѓе, во семејното насилство, но и во секојдневните пресметки на криминални групи.
Според истражувањата, минатата година во Србија се изброени околу 2,7 милиони малокалибарски парчиња оружје. Од оваа бројка, нешто помалку од 1,2 милион биле регистрирани, додека другите парчиња се водат како нерегистрирани.
Кога станува збор за соседна Србија, како што истакнуваат експертите, последните години постоеле акции со променлив успех, преку кои постојат обиди да се намали бројката на малокалибарско оружје кај граѓаните. Постојат вакви седум или осум акции за легализација на оружјето, но на нив немало поголем одѕив кај граѓаните. Според процените, неуспехот на акциите за легализација на оружјето се должи на тоа дека придружно не биле спроведени адекватни кампањи.

Меѓутоа, овие лоши услови и ниска безбедност на земјите на Балканот може да се променат во најбрз период, бидејќи се очекува усвојување на два документа со кои треба да се искорени нелегалното поседување малокалибарско оружје и да се постави стратегиско насочување. Потпишувањето на овие документи, чија содржина на крајот на мај оваа година беше усогласена во Тирана од сите земји од Западен Балкан, би требало да се случи на почетокот на јули во Лондон, на следниот состанок на Берлинскиот процес. Паралелно со тоа, во нацрт-фаза е и нова стратегија за контрола на лесно и ловечко оружје во Србија.
Кога станува збор за целиот Балкан, со 39,1 парчиња малокалибарско оружје на 100 жители, Србија и Црна Гора предводат, но не е така само во регионот туку и во цела Европа. На листата исто така високо котираат и другите републики од поранешна Југославија, па, така, Босна и Херцеговина со 31,2 парче оружје на 100 жители го зазема 11-то место на листата, додека Македонија е на две места подолу, со 29,8 отсто. Косово е на 18-та позиција на светот, со 23,8 жители од што поседуваат малокалибарско оружје, додека Хрватска и Словенија се земјите од поранешна Југославија што се најмалку вооружени.


Од 40 до 50 отсто од домовите во САД чуваат оружје

Американските граѓани поседуваат повеќе оружје во споредба на сите други жители на светот. На пример, жителите на Македонија поседуваат 29,8 парчиња оружје на 100 жители, додека во САД граѓаните поседуваат дури 40 отсто од проценетите 857 милиони парчиња оружје што се во рацете на приватни лица.
Во неодамнешниот извештај објавен во јавноста, жителите на САД имаат 393 милиони парчиња огнено оружје повеќе од сите легално регистрирани корисници заедно, во сите следни 25 рангирани земји под нив. Овој извештај се темели на податоците собрани во текот на минатата деценија.
За споредба, Индија и Кина, кои се земји со популација од околу 1,3 милијарда луѓе, доаѓаат на второто и третото место, со 71 милион и 49,1 милиони цивили што поседуваат оружје.
Се проценува дека обичните граѓани на САД купуваат околу 14 милиони парчиња ново и увезено оружје секоја година и, според тоа, оваа земја е најголемиот и единствен слободен и легален пазар за продажба на оружје. Познавачите на состојбите велат дека е необично тоа што цивили можат на легален начин да купат многу моќно оружје, кое не е достапно за многу од цивилите во многу други земји, како што се полуавтоматските пушки.
Контролата на оружјето е многу важна и често дебатирана тема во Соединетите Американски Држави, особено кога се чести нападите во училиштата и има јавни настани од тој тип. Се смета дека токму поради овие настани, граѓаните во оваа земја сè почесто купуваат оружје.