Научно гледано, идентитетот никој не може да ти го даде, па ниту да ти го одземе. Но опасноста е во политичкото предавање на идентитетот. За Македонија ќе биде голема трагедија ако по секоја цена, за да биде дел од ЕУ, некој политички потпише и го „глобализира“, т.е. го предаде идентитетот. Политичарите во своите амбиции треба да застанат некаде, а тоа е елементарното национално достоинство. За нас тоа е македонскиот јазик, вели социологот Илија Ацески
Отворената дебата во македонско-бугарските односи за историско-јазичните прашања од неодамна е проширена на регионално, па речиси и на општословенско ниво. Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј (за кој политички компромис е заедничкото чествување меѓу Македонија и Бугарија), бугарската страна го искористи за истакнување на своето гледиште на просветителите како на „бугарски просветители“.
Денот на словенската писменост, бугарските политичари, меѓу другото, го употребија да ѝ укажат на Русија дека „Бугарите им ја дале азбуката“, но и за „проширување“ на бугарскиот јазичен ареал на територијата на Србија… Имено, Бугарската академија на науките (БАН) во фамозната книга „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ не го присвојува само македонскиот јазик туку тврди дека и српскиот произлегол од бугарскиот. Во неодамна објавеното дело, БАН наведува дека се бугарски корените на јазикот во краиштата од Дунав до Гевгелија и од Копаоник до Тимок, Пчиња и Охрид.
Научниците лингвисти велат дека овие бугарски тези не се ниту нови, ниту докажани, ниту издржани, а најчесто се оценувани како политички памфлети. Политичките аналитичари, пак, сметаат дека бугарската политика во овој миг сака максимално да ја искористи својата позиција во ЕУ, за да ги условува (уценува) своите соседи, пред сѐ Македонија, да ја прифатат „бугарската историска и јазична сеприсутност“.
– Со децении, со стотици години, почнувајќи од санстефанска Бугарија, се градел еден мит дека Бугарите се главниот словенски народ на овие простори и дека фактички сите што се Словени од турското царство се Бугари на некој начин и дека тоа фактички и го создава најголемиот проблем. Тие треба да застанат пред својот историски мит (не да го поништат нормално, секоја држава и секоја нација си има свои легенди, своја историја), туку да гледаат да го надминат за да можеме да ги воспоставиме мостовите. Ние не сме нивни деца, кои можат да ги воспитуваат како сакаат, туку едноставно ние сме еден друг народ, друга нација, која има добра желба да соработува, и тоа многу позитивно, со сите соседни народи и нации – смета професорот Људмил Спасов, македонист од Филолошкиот факултетот при УКИМ – Скопје и претседател на Советот за македонски јазик.
Спасов потсетува дека овие негирања не се нови, тие се поврзани некаде со резолуцијата на Информбирото од 1948 година и траат во континуитет и се обновуваат.
– За жал, последното нивно обраќање или последната книга што ја издадоа од Бугарската академија на науките (БАН) е фактички еден памфлет на обичен политички, политикантски памфлет со многу ниско ниво, што мислам не им личи на научниците од Бугарија, бидејќи науката во Бугарија, славистиката во Бугарија и бугаристиката се на мошне високо ниво – вели Спасов.
Никако не може да се одбегне фактот дека во долгогодишните македонско-бугарски односи и настојувања за решавање на „спорните“ прашања и периодични обиди за научно приближување на ставовите, бугарската позиција секогаш била со изразена политичка мотивација и поддршка. И во сегашната ситуација, динамизирана поради македонските евроинтегративни аспирации, односно од потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, македонската страна како повеќе да се придржува до научните докази и аспекти на прашањето, додека изостанува поддршката од македонскиот политички фактор, како за историските разлики, така и за автентичноста на јазично-идентитетските прашања.
– На овие простори, европските, балканските, јазикот влегува во тие идентитетски обележја, колку и да се релативизира како карактеристика на глобалниот идентитет. Во таков контекст, Бугарите мора да си ја исперат свеста и совеста во однос на македонското прашање. Поради нашите, македонските евроинтеграции, сега сме уценети, преку историјата и јазикот, на една длабинска идентитетска основа. Научно гледано, идентитетот никој не може да ти го даде, па ниту да ти го одземе. Но опасноста е во политичкото предавање на идентитетот. За Македонија ќе биде голема трагедија ако по секоја цена, за да биде дел од ЕУ, некој политички потпише и го „глобализира“, т.е. го предаде идентитетот. Политичарите во своите амбиции треба да застанат некаде, а тоа е елементарното национално достоинство.
За нас тоа се македонскиот идентитет и македонскиот јазик – вели социологот Илија Ацески, а како своевидно предупредување од губењето на идентитетот, потсетува на фактот дека денес на светско ниво се регистрирани 800 народи што немаат ниту еден претставник.
Инструментот преку кој се спроведува политичкиот инженеринг на македонскиот идентитет, научниците го гледаат во историско-образовните комисии, формирани како обврска од билатералните договори со Бугарија и со Грција.
– Сега имате комисии што сето тоа треба да го верификуваат и да дадат право на политиката. Она што политиката го зацртала претходно за сето тоа да влезе во оптек во науката. Во основа имаме еден политички диктат. Би рекол дека она што не постои не се негира. Ако не постои македонски јазик, ако не постои македонски идентитет – не се негира, зашто тоа не постои. Се негира она што постои.
Затоа Бугарите за цело ова време го негираат постоењето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Прашањето е – тие не успеаја да покажат или да докажат дека во Македонија навистина живеат Бугари. За целото ова време од 150 години, и затоа сега со потпишувањето на договорите им се укажа можност со политички диктат да го постигнат тоа и со аминување на ЕУ. Затоа што сега за да влезете во ЕУ, мора да ги решите споровите што ги имате со соседите. И тоа се случува сега. Бугарија настојува да го искористи овој момент и преку нашето тежнеење да влеземе во ЕУ да го реши тој проблем што опстојува со години – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Професорот Чепреганов смета дека во овој миг Македонија е во опасност од политичко предавање на идентитетот преку потенцијална согласност на македонските политичари да не се споменуваат македонскиот јазик, македонската историја… Но исто така нагласува дека на таквата состојба треба да се спротивстави со научна самоодбрана.
– Вештачка нација не постои. Секоја нација си има природен век на создавање, а македонската нација има своја уникатна култура, која Бугарите никако, ни со документи, не можат да докажат дека е бугарска. Фризираните истории се со краток век. Сега, со овие комисии се прави истата грешка од комунизмот – сето она што се обидувате на прикриете од историјата, излегува на виделина уште посилно. Со негирање на македонскиот јазик, историја, идентитет, само се зајакнува македонската национална свест – вели историчарот Чепреганов.