Дардан Венетски


Долго време ме измачуваше мислата која беше тајната на успехот на Александар Македонски, неговата универзална држава, во која основа на владеењето биле љубовта и почитта кон различните од себе. Особено ме мачеше прашањето што е клучот на успехот и каде ја црпел идејата за концептот на универзалната држава – до денес сѐ уште неповторена.
Одговорот е комплексен.
Како прво, тоа е резултат на неговото брилијантно образование и воспитание. Како што нѐ известува Плутарх, Александар бил сестрано образован човек. Покрај етика, политика, филозофија, медицина… бил упатен и во тајните на подлабоките науки, што филозофите ги нарекуваат акроматички и епоптички, кои биле достапни само за потесен круг луѓе, недостапни за другите народи, што се гледа од преписката меѓу Александар и Аристотел.
Како второ, тоа се реформите на војската, техничката и тактичката подготвеност, пред сѐ на фалангата, но и воведување наука во војувањето, пред сѐ во новините во офанзивните и во дефанзивните оружја и средства за опсада.

Но, сепак, клучот на одговорот го најдов во златното ковчеже во кое Александар ги чувал Хомеровите (Омировите) епови – подарок од Аристотел, што постојано ги носел со себе. Долго време се прашував што е тоа што го привлекуваше кај Омир?
Денес воените профитери што го проучуваат Александар само како брилијантен војсководец, стратег и освојувач, велат дека ги носел поради својот омилен лик Ахил – најголемиот јунак во Тројанската војна, кој наводно му бил идол. Тоа е брутална лага. Ахил никако не можел да биде негов идол, затоа што е воен профитер, чиј основен мотив е пљачка. Секој оној што ја прочитал „Илијадата“, знае дека Ахил долго време апстинирал од воени дејства затоа што врховниот заповедник Агамемнон му ја презел воената пленичка Брисеида.
Од друга страна, сите биографи на Александар категорично наведуваат дека тој имал особена почит кон жената и го штител нејзиното достоинство, и не бил воен профитер. Познато е дека изградил 70 града, од кои само еден во Македонија. Тоа значи дека сите средства од освоените трезори ги вложувал во тамошните земји. Познат е и случајот што го опишува Плутарх, кој нѐ известува дека пред да тргне во поход, Александар го поделил својот имот на своите пријатели. Притоа, неговиот генерал Пердика го прашува: „Што остави за себе?“, а Александар одговара: „За себе ја оставив надежта“, очигледно алудирајќи на подобрата иднина што го очекува човештвото. Тогаш Пердика одбил да прими подарок, со зборовите: „Ќе си го задржам правото и јас да учествувам во поделбата на надежите“. Од друга страна, познато е дека во Узбекистан постои македонско село (остатоци од војската на Александар), кои имаат зачувано гроб за кој веруваат дека е на Александар. Од гробот излегуваат кон небото празни раце. Симболиката е јасна – тргнав во поход со празни раце, така си заминав од овој свет.

Затоа, според мене, Ахил во очите на Александар можел да биде само негативец, а никако негов идол. Деталната анализа ќе покаже дека идол за Александар е токму Омир и неговите пораки што ги упатува преку своите брилијантни епови – „Илијада“ и „Одисеја“. Имено, во своите епови, сублимирано кажано, Омир пишува за две работи.
1. Љубовта, и тоа онаа забранетата, помеѓу тројанскиот принц Парис, со прекар Александар и убавата спартанка Елена – жена на спартанскиот крал Менелај, која е причина за почеток на Тројанската војна.
2. За злото – она што го носи војната, и тоа еднакво и за победените и за победниците.
Во „Илијадата“ Омир пишува за злото што ги следи победените – граѓаните на Илион, најубавиот, со најцврсти ѕидишта, град во тројанската држава. По десетгодишна опсада, градот е разурнат, запален, некои од жителите убиени, некои протерани, а остатокот продаден како робови. Тоа го отсликува и самиот назив ИЛИЈАДА = ИЛИЈ + ЈАД. Токму таа е содржината на „Илијадата“, јадовите на Илиј, разбирливо со нашиов јазик.
Во „Одисејата“ Омир пишува за злото што ги следи победниците, сликовито прикажано преку десетгодишните талкања по морињата на Одисеј, кој десеткуван се враќа во родната Итака. Тоа го отсликува и самиот назив на епот „Одисеја“, што има основа во зборот од, одење, патешествие, повторно разбирливо со нашиов јазик.
Ако ова се знае, само по себе се наметнуваат пораките што ни ги упатува Омир во своите епови:
– сакајте се, љубете се, макар тоа била забранета љубов, и
– не војувајте, затоа што војната носи зло и тоа еднакво и за победените – за победниците.

Александар ги сфатил овие пораки. Токму тие му биле мотив и водилка во концептирањето на универзалната држава на обединети народи, во која основа на владеењето биле љубовта и почитта кон сите народи, јазици и религии, во која се презирало ропството, и во која веќе никогаш нема да имало војни.
Аријан, Плутарх, Диодор… ни ги откриваат идните планови на Александар, кои генералот Пердика по смртта на Александар ги изложил пред војската. Војската истоштена од долго војување ги отфрла. Според овие планови, адмиралот Неарх со 800 кораби требало да ја обиколи Африка од југ. Со други 1.000 кораби, кои требало да се изградат, да се освои Африка од север, а потоа и Европа. Плановите предвидувале и тоа да однесе население од Азија во Европа, и обратно, со што симболично требало да се потврди обединувањето на народите од три континенти во една универзална држава на обединети народи, во која ќе владее со љубов, и во која веќе нема да има војни и ропство.
Најголемиот дел од народите во империјата го разбрал концептот на Александар, затоа го доживувал како спасител и му ги отворале ширум портите.