Модата и ентериерите отсекогаш биле меѓусебно поврзани, но растечкиот тренд на модните куќи што креираат парчиња за уредување на домот е неоспорен. Австралискиот моден дизајнер со македонско потекло Тони Матичевски, познат по своите деликатни и асиметрични кроеви на парчињата облека, го направи својот прв чекор во декоративниот простор со својата колекција на перници во ограничено издание. Секое парче е уникатно и ги прикажува дисциплинираните техники по кои Матичевски е добро познат. Ткаенините што се користени за создавање на колекцијата ги прават сите парчиња не само колекционерски туку и одржливи.
Во интервју за престижното списание „Вог“, поточно за едицијата „Вог ливинг“, тој зборува за тоа како неговиот петгодишен план за создавање колекција за декорирање на домот оживеал додека се наоѓа во изолација, како и за неговите погледи кон одржливата мода. За тоа како го поднесува периодот на изолација, Матичевски вели дека ментално бил подготвен да направи пауза.
– Тажно е што тоа се должи на пандемијата, но среќен сум што имав време да размислувам и да се одморам. Сево ова ми овозможи да минам низ толку многу работи што со години остануваа во заднина. Неверојатно е низ што сѐ човек може да помине за осум недели и колку цветаат креативните идеи. Јас сум зависник од работа. И отсуството на притисокот дека мора да се создаде колекција, им даде предност на други нешта да бидат продуктивни. Темпото дефинитивно се забави, но останува доволно време да се процесираат идеите – вели дизајнерот.
Според него, промената е неизбежна за многу индустрии, па и во светот на модата по пандемијата на ковид-19.
– Тоа е прашање што постојано се менува. Еден ден мислите дека можете да го добиете одговорот за да продолжите напред, а потоа поминува уште една недела и се премислувате. Мене отсекогаш ме водела мојата интуиција, а така и одлуките што ги донесувам се рефлектираат врз мојот бизнис – вели Матичевски.
За идејата за создавање колекција за домот размислувал околу пет години.
– Тоа е обид да се намали отпадот и да се пренамени во убави предмети. Овој период на изолација ми даде време да ги исчистам сите шкафови, полици и торби со ткаенини што сум ги чувал, затоа што сум чувствувал дека не е исправно да ги фрлам. Ми беше дадено време, па одлучив правилно да го искористам – вели дизајнерот и дополнува дека ги користел сите ткаенини и украси од претходните колекции.
Некои од нив биле со ограничена понуда и не можеле да се најдат на друго место, а со некои експериментирал. Во најголем дел станувало збор за креирање и повторно замислување на она што му било при рака да вдише нова убавина во себе.
За идните планови, во интервјуто за „Вог“, Матичевски открива дека почнува да размислува за нова колекција.
– Со оглед на тоа дека ќе се воспостави нов план за следните 12 месеци што ќе треба да обезбеди одржливост на бизнисот, а истовремено ќе го обезбеди и самото тоа што произлегува од мене дека е убаво изработено и дизајнирано. Ќе биде за нешто што реално се случува во моментов и како да ги инспирираме нашите клиенти – вели модниот дизајнер.
Тони Матичевски многу години е еден од најпознатите дизајнери во Австралија, а негови креации носат некои од најстилските девојки на денешницата меѓу кои и Џенифер Лопез, принцезата Дина Абдулазиз, Хајди Клум, Бијонсе, Џејми Кинг, Пенелопе Круз и многу други.
Откако го завршил образованието на престижниот кралски институт во Мелбурн како еден од најдобрите студенти во генерацијата, тој добил понуда да работи во престижната модна куќа „Дона Каран“ во Њујорк, но без размислување ја обил понудата. Наместо тоа, тој се преселил во Париз каде што две сезони работел за Черути, а неколку години подоцна се враќа во Мелбурн каде што е решен да основа сопствен бренд, кој ќе нуди малку поинаква мода за жените. За многу кратко време тој станува познат по неговите парчиња со асиметрични кроеви во кои жените и денеска се вљубени, иако од самиот почеток создава невообичаени парчиња на кои публиката не е навикната.
Матичевски има македонско потекло, роден е во Мелбурн каде што неговите родители се преселиле во 1970-тите години.