Фото: Игор Бансколиев

Бројката на новозаразени од коронавирусот ќе покаже дали базените ќе се отворат како и вообичаено. Одговорните лица на базените треба да поднесат барања и елаборати, а Комисијата за заразни болести откако ќе ги разгледа ќе одлучува, изјави д-р Александар Стојанов, шеф на Отсекот за имунизација и тропски болести при Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести

Поради пандемијата на коронавирусот и во согласност со одлуката на Владата, од 11 март годинава базените во нашата држава беа затворени за користење и не се во функција повеќе од два месеца. Но со олабавувањето на мерките на Владата, вработените во затворените и сега летово во отворените базени, како и оние во аквапаркот, очекуваат да ја почнат својата работа, а заинтересираните се надеваат дека ќе можат да уживаат во пливањето и разладувањето на високите летни температури, кои ги најавуваат метеоролозите.
Одговорните лица од Олимпискиот базен, од базенот во Карпош и од аквапаркот велат дека на големо се подготвуваат и ги чекаат протоколите што треба да им ги обезбедат здравствените работници за да знаат како да постапат.

Ги направиле сите потребни подготовки, како дезинфекција, хлорирање на водата, испитувања за бактериолошката и хемиската состојба, потоа варосување на просториите, нанесување свежа боја на лежалките, уредување на околината и слично. Бидејќи овие денови се отворија спортски обложувачници, трговски центри, конгресни центри, сточни пазари, зелени пазари, тие апелираат за најскоро отворање и на базените, бидејќи во согласност со последните сознанија што ги имаат од Американскиот центар за контрола на болести, на италијанското министерство за спорт, италијанскиот Олимписки комитет, австриското министерство за здравство, хрватскиот Институт за јавно здравје, вирусот не се пренесува и не преживува во хлорирана вода. Хлорот го деактивира и истиот тој умира додека ризикот во преостанатите простории е помал во однос на другите објекти што се веќе отворени. Според тие согледувања, базените имаат дури и помал ризик од јавниот превоз, од трговските центри, од кафулињата и слично. Како пример наведуваат дека италијанскиот Олимписки комитет го рангира пливањето во групата спортови со најмал ризик за пренесување на коронавирусот.

– Во однос на подготовките за пуштање на олимпискиот базен „Центар“ во употреба, ние би биле подготвени во рок од десетина дена за да се згрее водата, додека во однос на другите подготовки базенот е подготвен да ги прими своите пливачи и рекреативци и апелираме и очекуваме одлука за почеток за работа на базените во најскоро време. Нивото на хигиена е на највисоко можно ниво како и секогаш досега, за што сме добивале многубројни пофалби. Подовите на базенот се чистат со специјализирани роботи за базенски подови додека хлорирањето и филтрацијата на водата се одвиваат целосно електронски 24 часа секој ден во текот на целата недела, а квалитетот на истата таа се проверува со земање мостри од страна на Центарот за јавно здравје, при што се проверува целосната физичка и хемиска исправност на водата. Летната тераса се подготвува за нашите посетители во текот на летните месеци да имаат едно убаво место за рекреација и сончање – вели раководителот на Олимпискиот базен, дипломиран инженер по информатички науки, Мартин Маневски.

Од аквапаркот велат дека уште утре би започнале да работат и максимално се подготвени, но чекаат упатства од Министерството за здравство. Изработиле процедури, но очекуваат и препораки за тоа како треба да постапат понатаму. Лежалките веќе ги поставиле на дистанца, како и масите за посетителите. Водата за капење е екстра хлорирана со најнови средства и годинава поради пандемијата на коронавирусот сериозно се посветиле на примената на сите мерки за дистанца и за дезинфекција на просториите и деловите каде што ќе поминуваат посетителите.
Здравствените работници, пак, тврдат дека не е проблем тоа што повеќе лица ќе бидат во базените, бидејќи водата е хлорирана и не е опасна за пренесување на коронавирусот, но проблем е недисциплината на оние надвор од базените.

– Ако се отворат базените главното прашање е како да ги одвоиме луѓето што ќе бидат надвор од базенот, да не седат блиску еден до друг, бидејќи капковната инфекција се пренесува и преку зборувањето од близина. Луѓето кај нас се недисциплинирани. Страшно е ако некој што е во инкубација отиде на базен. Сега проблем е вториот чин од пандемијата, кој најмногу ќе зависи од дисциплинираноста на луѓето. Ако не се потрудат да држат дистанца и да ги почитуваат мерките, бројката на новозаразени ќе расте. Затоа велам бројката ќе покаже дали базените ќе се отворат, како и вообичаено. Во секој случај одговорните лица на базените во градов треба да поднесат барања и елаборати во кои ќе објаснат како замислуваат да се одвива сето тоа, а ние како Комисија за заразни болести ќе ги погледнеме за да видиме што можеме да направиме. Најпрвин да погледнеме што предлагаат – објаснува д-р Александар Стојанов, шеф на Отсекот за имунизација и тропски болести при Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести.

Тој додава дека ако претходно на еден базен влегувале по 500 луѓе, сега ќе мора да се пуштаат само по 100 души. За отворање на базените до Комисијата за заразни болести се обратиле и од Пливачката федерација, бидејќи сакале да почнат со тренинзи. Стојанов вели дека има протокол како да се одвива сето тоа, но целата работа е во тоа да се одржи дистанцата на два метри помеѓу луѓето. Само поради групирањето на луѓето што не одржуваат дистанца, може да се разболат други. Кога на базенот ќе дојдат децата што тренираат во клубот ќе бидат според протоколот распоредени на дистанца, секое дете ќе се брише со свој пешкир и дома ќе се тушира. Децата од клубот ќе си имаат свој термин и само тие ќе си го користат, а секое ќе плива на своја издвоена патека.


Креирање мерки за базените по примерот на други земји

Вработените на базените во градов сметаат дека при креирањето на мерките за заштита на посетителите додека трае пандемијата ќе треба да се обрне особено внимание и на нивната одржливост. За пример велат дека може да ни послужат други држави што веќе ги пуштија базените пред неколку недели.
– На пример, според официјалниот документ од австриското министерство за здравство, се определува површина од шест квадратни метри по човек додека трае пандемијата за целосна сигурност, додека според хрватскиот завод за јавно здравство се определуваат седум квадратни метри, површина по човек. Особено е важно е да се отвори Олимпискиот базен во кој тренираат сите најважни клубови во државата ПК Делфин, ПК Вардар, ПК Работнички, ПК Орион, ПК Младост, ПК Бета Шаркс, ПК Вардар 2018, ПК Звезда, ПК Студент, ПК Лириа, ПК Ноти, ПК Пингвин, ПК Центар и ПК Алексделфини. Пливачите во изминатиот период имаат изгубено многу во однос на тренажниот процес и сметам дека треба да се донесе одлука за почеток на работењето на базените, заинтересираните да може да спортуваат, да живеат здраво и да уживаат во придобивките од пливањето – вели Мартин Маневски, раководителот на Олимпискиот базен.