Откако добив прегршт документи од укажувачот, се најдов под надзор и истрага од страна на американската влада, пишува Бартон Гелман
Кое време точно го покажува твојот часовник, праша гласот на телефонот, што беа првите зборови кои ги слушнав од Едвард Сноуден (нашата претходна комуникација беше преку безбедни четови на енкрипирани анонимни линкови на тајни сервери). Го погледнав часовникот – 15.22. „Добро. Да се сретнеме точно во 16 часот. Јас ќе носам ранец“, кажа Сноуден. Вака Бартон Гелман ја опишува средбата со поранешниот американски разузнавач, а сега еден од најпознатите светски укажувачи. Искуството на Гелман пренесено во неговата книга „Едвард Сноуден и американската разузнавачка држава“ е адаптирано за магазинот „Атлантик“.
Секако дека носи ранец, Сноуден никогаш не би го оставил својот лаптоп без надзор. Местото за среќавање што Сноуден го избра за тој 5 декември 2013 година, беше хотел-казино наречен „Корстон клуб“ во Москва. Откако влегов, млад човек се појави во близина на пијаното во лобито, со сменет изглед. Телохранителот би можел да биде каде било во овој циркус од лоби, но не видов владина придружба. Се ракувавме и Сноуден без збор ме однесе до неговата собра. Во текот на два дена и интервјуата кои траеја вкупно 14 часа, тој ниту еднаш не ги тргна завесите за да излезе надвор од собата. Сноуден останува цел на интерес на разузнавачките служби на повеќе држави.
Тој се опираше на прашањата за неговиот приватен живот но призна дека му недостигаат малите нешта од дома. Како милкшејковите. Зошто тогаш не си ги подготви самиот? Сноуден одби да потврди или да негира дека поседува блендер. Како и сите други апарати и блендерите имаат електронски потпис кога се вклучени. Тој верува дека американската влада се обидува да открие каде живее. Поранешниот разузнавач не сакаше да им открие траги, електромагнетни, ниту какви било други. Американските разузнавачки агенции одблиску ги следеа електронските емисии кога го бараа засолништето на Осама бин Ладен во Пакистан. На паузите за тоалет, Сноуден го носеше лаптопот со него.
– Постои ниво на параноја. Го знаеш тоа? Ова би можело да биде премногу. Но не ме чини ништо. Се навикнувате на тоа. Го приспособувате однесувањето. А, ако го намалувате ризикот, тогаш зошто да не – кажа Сноуден.
Во текот на шестчасовните разговори тој ден, како и во осумте часа следниот, Сноуден малку се опушти, откривајќи ми за првпат зошто ме контактираше минатата пролет. Тогаш можеби бев, а можеби и не бев под надзор, но морав да претпоставам дека ќе бидам штом ќе се вратам во својата соба, па ова ми беше најдобрата прилика да работам незабележано. Ги префрлив тонските записи од мемориската картичка на диктафонот во енкрипирана архива на мојот лаптоп, заедно со белешките кои ги запишав. Ја заклучив архивата на таков начин според кој не би можела да биде отворена без приватен електронски клуч што го сокрив во Њујорк. Ја префрлив архивата на анонимен сервер, а потоа на друг, па на трет. За нејзино симнување од серверите е потребен друг приватен клуч, кој исто така е сокриен во Њујорк. Ги избришав документите од мојот лаптоп и ја уништив мемориската картичка од диктафонот. Руските власти немаше да најдат ништо на моите апарати. Кога стигнав до американската граница, каде што секој може да биде претресен поради каква било причина, јас не поседував никакви докази за ова интервју. Дури и под правна обврзаност не би можел да ги доставам записите во транзит. Само му се молев на бога дека ќе можам да пристапам до нив кога ќе се вратам дома.
– Дали моите безбедносни мерки беа претерани. Знаев дека шпионските агенции на повеќе влади, а особено на САД беа желни да дојдат до што било од Едвард Сноуден. Впрочем, тој украде огромни количества на доверлив материјал од серверите на Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД и ги сподели со Поитрас, Гринволд (други новинари – н.з.) и со мене, и ние колективно објавивме дел од нив. Американската влада сакаше Сноуден да биде екстрадиран. Но, јас не сум ниту крадец, ниту шпион. Јас сум новинар. Дали само бев параноичен?“ пишува Гелман.
Авторот опишува и како неговиот ајпед се однесувал „невообичаено“, откако тој гостувал на телевизиска емисија за да зборува за случајот на Сноуден, шест месеци пред нивното интервју. Гелман тогаш се посомневал дека е под надзор.
– Некој посветил ресурси за да го хакира мојот апарат. Не разбрав ниту како го пронашле ајпедот, а ако ја пронашле оваа направа, тогаш претпоставив дека би можеле да го пронајдат и мојот телефон, како и секој компјутер од кој пристапував на Интернет. Ова беше првиот значителнен упад во мојот дигитален живот, колку што ми беше познато – пишува Гелман, кој потоа преземал безбедносни мерки за заштита на уредите што ги користи, испитувајќи кои разузнавачки агенции би можеле да стојат зад упадот.
Преокупацијата со надзорот го наруши мојот професионален и приватен живот. Го носев лаптопот речиси секаде каде што одев, дури и на плажата и на прошетки. Одбивав да ја оставам торбата на забави на кои присуствував. Превентивните мерки што ги преземав за да ја заштитам електронската опрема претставуваа непријатност за моите пријатели, а го срамев и семејството. Но, сметав дека тоа мора да биде така, поради стравот дека сите мои безбедносни бариери можат да бидат урнати.
Неколку години потоа, Ричард Леџет кој надгледуваше единица на НСА задолжена за протекување информации од медиумите, а подоцна стана и заменик-директор на агенцијата, ми кажа да претпоставам дека моите одбранбени механизми биле пробиени.
– Мое мислење е дека се што имавте, бргу се најде во рацете на која и да е странска служба што сакаше да дојде до тоа. Дали беа Русите, Кинезите, Французите, Израелците, Британците… – кажал Леџет, додавајќи оти е сигурен дека има „фино досие“ за мене во Русија и во Кина.
– Ако некои од овие агенции сакаат да дојдат до тебе, тие и ќе дојдат до тебе. Како индивидуалец, ти нема да можеш да сториш ништо во врска со тоа – порачал Леџет.
По сведочењето на директорот на американското разузнавање Џејмс Клапер во американскиот Сенат во јануари 2014 година, во кое цитирал еден од написите на Гелман, генералниот инспектор на НСА, Џорџ Елард, во два наврати ги ословил новинарите од написите како „агенти“ на Сноуден.
Тогаш меѓу американските службеници се прошири шегата дека Барт Гелман треба да „си го чува грбот“.
Кога во летото во 2013 година, наидов на моите име во архивата на НСА што Сноуден ја сподели со мене, зачудено гледав во мониторот, воздржувајќи се за да не пцујам. Читајќи ги досиејата на Сноуден дознав дека моето известување било препратено до обвинителството уште во 1999 година. ФБИ било задолжено за случајот. Колку дознало Бирото за мене и за моите доверливи извори? Меморандумот не го кажуваше тоа.
Според изјавата на Дејвид М. Харди, од Дивизијата за менаџирање на информации на ФБИ моето име се појавува во досиејата поврзани со „истрагите за наводни федерални криминални прекршоци и за контратероризам и контраразузнавачки истраги на трети странки“. Не само за случајот на Сноуден. Се испостави дека не бев параноичен.