Од ден на ден станува сѐ поневозможно да се користи јавниот градски превоз на кој градот толку многу инсистира. А како да се натераат граѓаните наместо со својот автомобил, на работа да заминат со автобус, кога повеќето се стари возила што личат на подвижни сауни на четири тркала, бидејќи најчесто се неклиматизирани. Еден таков стар приватен автобус, неодамна одненадеж го смени правецот и не можеше да застане па ќе удреше во дете. Заврши во тезгите во Шуто Оризари, а во инцидентот жртва беше дедото, кој почина откако си ја спаси внуката од прегазување. Истражните органи сѐ уште утврдуваат дали му откажале кочниците на возачот или можеби причината е сосема нешто друго.
Факт е дека и покрај набавката на нови автобуси и обновениот возен парк на ЈСП, низ градските улици сѐ уште сообраќаат и многу стари возила. Некои познавачи на состојбите тврдат дека новите кинески, па и украински автобуси многу често се расипувале, па претпријатието било принудено на одредени линии да пушта и некои од старите автобуси „саноси 115“, произведени во далечната 1989 година во фабриката „11 Октомври“. Приватните претпријатија признаваат дека имаат автобуси од 1995 година, со еуро 2 стандарди, бидејќи тие можеа да влезат во градскиот превоз со одлука на градот. Од ЈСП, пак, признаваат дека новите автобуси што беа набавени пред седум години често им се расипуваат.
– Се расипуваат и кинеските, двокатните, но многу почесто едноподните украински на ЛАЗ. Поради тие причини, ЈСП „Скопје“ често е принудено во сообраќај да пушти функционални автобуси од постарата генерација, за да не дојде до прекин на одредена линија. Генерално, проблем со автобусите на ЛАЗ постои, речиси, од почетокот на нивното пуштање во употреба, имајќи предвид дека и фабриката од која беа купени беше со сомнително потекло и речиси да не постоеше. Тоа предизвикало тешкотии при набавка на резерви делови за тековно одржување на возилата. Сепак, и покрај сите околности, ЈСП со сите расположливи средства се труди да ги одржува возилата во возна состојба и редовно ги сервисира. Колку за пример, панорамските автобуси се размонтирани и нивните делови, мотори, менувачи, прозорци, кочници… се користат да се поправат другите двокатни автобуси – објаснуваат од ЈСП.
Приватните, пак, велат дека немаат пари ниту да купат нови возила ниту пак да ги обноват сегашниве.
– Точно е дека нашите автобуси се многу стари, од 1995 година. „Макекспрес“ сега има 80 возила и повеќето се од 2002, 2004 и од 2005 година. Немаат клима-уреди и патниците се во право за тоа што го кажуваат. Материјално лошо стоиме сега, бидејќи со евро од километар не можеме да купиме ниту делови. За да можеме да преминеме на обнова на возниот парк ќе ни треба малку повеќе или можеби финансиска инјекција, доколку се оствари најавата од градот за субвенционирање, за што допрва ќе преговараме – вели Војо Велевски, еден од основачите на „Макеспрес“.
Приватните автобуси се неклиматизирани, а повеќето немаат ниту прозорци што се отвораат. Не функционираат ниту малите прозорчиња, а ако се отвораат висат на еден шраф на главите на патниците. Климатизацијата е проблем и за некои од новите автобуси на ЈСП, бидејќи најчесто возачите не го пуштаат клима-уредот. Не одговараат ниту на барањата и реакциите на патниците, кои сметаат дека тоа го прават за да штедат гориво. Борба за воздух и за кислород има секој ден во автобусите од градскиот превоз, а допрва ни претстојат високите летни температури. Од ЈСП, пак, тврдат дека нивните возачи немале наредба да не ги пуштаат клима-уредите заради штедење гориво, бидејќи претпријатието нема никаков проблем со набавката на гориво, а вклучувањето на клима-уредите велат е слободна волја на возачите.