Скопски легенди
За да ја открие загатката, новинарот влегол во хотелот и го замолил рецепционерот да ѕирне во книгата на гостите, за да открие за кои личности станува збор. Големо било изненадувањето кога рецепционерот му прочитал: Жан Пол Сартр и Симон де Бовоар. Големиот француски филозоф и писател и познатата писателка? Да. Но како е можно никој ништо да не знае за тоа?
На 25 јули 1956 година, еден млад новинар на весникот „Нова Македонија“, одејќи утрото на работа, поминал покрај ресторанот на хотелот „Македонија“, (денешни „Тренд“ и „Лондон“), на плоштадот. Внатре, во сепарето, заедно со својата пријателка, седела една личност што на младиот новинар на прв поглед му се сторила позната, но не можел да се присети за кого точно станува збор. Човекот елегантно пушел пура и мирно разговарал со својата собеседничка, пиејќи го утринското кафе. Која би можела да биде таа личност, се прашувал во недоумица новинарот. Целата таа игра на разоткривање му се чинела премногу заплеткана, но тој не се предавал. Смислил нешто што било најпрактично да ја задоволи неговата љубопитност.
За да ја открие загатката, новинарот влегол во хотелот и го замолил рецепционерот да ѕирне во книгата на гостите, за да открие за кои личности станува збор. Големо било изненадувањето кога рецепционерот му прочитал: Жан Пол Сартр и Симон де Бовоар. Големиот француски филозоф и писател и познатата писателка? Да. Но како е можно никој ништо да не знае за тоа? Иако збунет, новинарот веднаш го повикал фоторепортерот на весникот, Томе Димовски-Бучки, за да направи фотографија. А потоа настанала голема брканица низ плоштадот и центарот на градот. На целата оваа куриозитетна приказна ме потсети веста што деновиве ја прочитав дека на познатата писателка и феминистка, долгогодишна сопатничка на Сартр, наесен првпат ќе ѝ биде објавен романот „Нераздвојни“, кој таа го напишала уште во 1954 година, но бил одбиен од француските издавачи како „премногу интимен“. Затоа е добро уште еднаш да се потсетиме на деталите од оваа приказна за доаѓањето на Де Бовоар и Сартр во Скопје, бидејќи постарите генерации ја имаат подзаборавено, а новите и не знаат за неа.
Младиот новинар почетник во весникот „Нова Македонија“, еден од јунаците на оваа приказна, бил новинарот и писател Илхами Емин, кому сиот тој настан му останал во трајно сеќавање. Прво што му паднало на ум во тој миг била идејата да му се јави на д-р Кирил Ќамилов, познат франкофон, директор на Етнолошкиот музеј, кој се наоѓал кај „Метропол“ на плоштадот. По извесно време, се појавил Ќамилов трчајќи низ плоштадот, со разбушавена коса, очигледно возбуден од веста што му била соопштена.
„На мое големо изненадување“, раскажуваше подоцна Илхами Емин, „Ќамилов не застана кај ресторанот `Македонија` туку со уште поголемо темпо продолжи да трча натаму, по улицата Гоце Делчев, денешната Максим Горки“. Каде ли трча човеков, си помислил младиот новинар. По извесно време, Ќамилов се вратил и влегол во ресторанот „Македонија“, заедно со познатиот литературен критичар, професор и писател Димитар Митрев. Љубезно се претставиле пред Сартр и Симон де Бовоар и почнале разговор со нив, бидејќи и двајцата зборувале француски.
Како изгледале гостите од Франција и како се однесувале?
„Сартр беше облечен скромно, во џемпер, во рацете држеше пура, зборуваше полека и тивко. Рече дека му е драго што се наоѓа во нашата земја, луѓето се љубезни и дека би сакал подобро да ја запознае наредниот пат. Останувале кратко, бидејќи биле на пропатување за Грција. Разговорот траеше околу еден час. Утредента, на 26 јули 1956 година, во весникот се појави сензационална вест: `Жан Пол Сартр во Скопје’. Цел град зборуваше за тој настан. Станав популарен прекуноќ. Иако не бев потпишан под текстот, сите дознаа кој е авторот. Ми се јави професорот Харалампие Поленаковиќ да ми честита, а и многу други видни личности. Добив и унапредување во работата“.
Постојат и други детали и анегдотски ситуации поврзани со овој настан. Од спротивната страна на сепарето каде што седеле Сартр и Симон де Бовоар, седел Бранко Заревски, познат новинар, писател, боем, (со псевдоним Бен Зарено), уредник на културната рубрика во „Нова Македонија“. Тој бил во друштво со еден свој соработник во културната рубрика. Соработникот барал да замине за Париз, да направи интервју со Сартр.
„Ене го твојот омилен јунак, седи зад тебе во сепарето, што бараш во Париз?“, му рекол Заревски. Соработникот не сакал ниту да се сврти, сметајќи дека уредникот тера шега со него.
Во скопскиот земјотрес од 1963 година се урна едниот дел од зградата на хотелот и ресторан „Македонија“, седум години по престојувањето на Сартр и Симон де Бовоар. Таму загинаа голем број гости, особено странски туристи. Во зачуваниот дел, односно во ресторанот „Лондон“, сѐ уште се наоѓа сепарето во кое престојувал Сартр. Целиот тој настан со гордост е зачуван во спомените. Во земјотресот се урна првиот дел од зградата, оној што гледа кон улицата Никола Вапцаров, додека другиот дел од зградата со сепарето е зачуван. Така, тој објект во центарот на градот, кој е граден пред Втората светска војна, денес архитектонски е дводелен, иако изгледа како компактна целина. Во новоизградениот дел денес се наоѓа и кафулето „Тренд“. Кога се случи скопскиот земјотрес во 1963 година, Жан Пол Сартр напиша еден од најдобрите текстови за трагично разурнатиот град на реката Вардар.