Светот е во криза и без пандемија и тој ќе мора да се соочи со повеќе големи предизвици како новата нуклеарна трка, тензиите меѓу САД и Иран, израелската анексија на Западниот Брег, брегзит и климатските промени
Пандемијата на ковид-19 принуди многу други меѓународни проблеми да излезат од глобалната агенда. Коронавирусот е глобален, сложен и смртоносен проблем, кој отвора безброј прашања за тоа како реагиравме во почетокот на кризата, до тоа како треба да ги организираме нашите општества во иднина. Некои големи меѓународни проблеми беа на маргините уште од почетокот на корона-кризата и сега можеби е веќе предоцна да се справиме со нив. Други, пак, се уште посложени и подолготрајни. Некои држави се обидуваат да го искористат моментот кога сето внимание е свртено кон пандемијата за да ги остварат долгогодишните амбиции. Според Би-би-си, светот во наредните месеци ќе се соочи со најмалку пет потенцијални кризи покрај ковид-19.
Нова трка за нуклеарно оружје
Новиот договор за намалување на стратегиското оружје или новиот СТАРТ, со кој се ограничуваат нуклеарните арсенали на САД и на Русија, истекува во февруари 2021 година. Времето е кратко ако треба да се обнови. Тоа е последниот од големите договори за контрола на оружјето, наследен од Студената војна, кој сè уште опстојува. Без него, се стравува дека ќе дојде до нова трка за нуклеарно оружје. Фактот дека се развиваат нови модерни оружје е само потврда за тоа.
Русија вели оти е подготвена да го обнови договорот, додека САД под водство на Доналд Трамп се чини дека се решени да го напуштат СТАРТ ако Кина не се приклучи кон него. Пекинг засега нема интерес да го стори тоа, а е предоцна за нов сеопфатен договор. Ако Вашингтон не го промени ставот или нема промена во Белата куќа, новиот СТАРТ изгледа ќе замине во историјата.
Засилени тензии меѓу САД и Иран
Судирот меѓу Иран и САД поради повлекувањето на Вашингтон од иранскиот договор и воведувањето нови санкции се очекува само да се интензивира. Двете земји беа на работ на војна во почетокот на годинава откако САД убија ирански генерал во Ирак. Во моментот има ембарго на ОН што ги спречува земјите да му продаваат разни видови напредно оружје на Техеран. Но ова ембарго истекува на 18 октомври годинава. Мали се шансите Русија да се согласи на продолжување на ембаргото, а во таков случај, Трамп сака Европејците да се повикаат на механизам во нуклеарниот договор за да се вратат голем дел од санкциите против Иран. Според прогнозите, односите меѓу САД и Иран ќе се влошат, а ќе се влошат и односите меѓу САД и нивните клучни европски сојузници поради разните тензии.
Израелската анексија на Западниот Брег
Долготрајната предизборна кампања во Израел заврши така што премиерот Бенјамин Нетанјаху барем привремено ја задржа функцијата, во согласност со договорот за поделба на власта со една од најголемите опозициски партии. Наспроти корупциските афери и правните проблеми, а можеби делумно и заради нив, Нетанјаху предлага контроверзен план, кој вклучува анектирање на области што Израел ги окупира во Западниот Брег, со што тие би станале траен дел од неговата територија. Таквиот потег веројатно би ги свел на нула шансите за постигнување договор за две држави, израелска и палестинска, наспроти мировниот план на Трамп.
Самите Палестинци веќе го критикуваат потегот, исто како и неколку влади во Европа, кои дури најавуваат и санкции. Сепак, ставот на администрацијата на Трамп ќе биде клучен. Нетанјаху е охрабрен од одлуките на Трамп да ја поддржи анексијата на Голанската Висорамнина и од преместувањето на амбасадата на САД во Ерусалим. Според некои аналитичари, Трамп може да поддржи анексија, ако Израел се согласи да преговара за палестинска држава, но секако прашањето е сложени и веројатно нема да се реши уште долго време.
Брегзит не заврши
Иако Британија смета дека работата е завршена, преодниот рок по излегувањето на земјата од ЕУ трае до 31 декември. Владата на Борис Џонсон засега не дава индикации дека ќе го продолжи транзицискиот период. Пандемијата го промени целиот контекст, меѓу другото и поради економскиот пад. Засега е мало расположението за нова брегзит-дебата, но времето е кратко. Брегзит ќе ги мачи двете страни. Можеби пандемијата ќе произведе поконсензуален пристап. Но погодени од економска рецесија и со тешки прашања од типот – колку да се поддржат Американците или колку да се критикуваат Кинезите – двете страни може да се гледаат меѓусебно во многу полошо светло, што најавува нова криза.
Климатските промени се најголемиот предизвик
Глобалниот одговор на пандемијата е своевидно тестирање на капацитетот на меѓународната заедница да се справи со најголемиот и најсложен меѓународен предизвик за сите, климатските промени. Во однос на соработката, досегашното искуство со ковид-19 дава измешани резултати. Тензиите што ќе опстојат во светот по пандемијата само ќе ги усложнат работите. Состаноците се засега одложени поради ковид-19, но вистинското прашање е дали и како ќе се промени размислувањето во светот. Дали по ковид-19 ќе има разбирање колку е проблемот итен? Конечно, дали новиот глобален поредок по пандемијата ќе овозможи брз напредок во однос на ова големо сложено прашање?