Главната и одговорна уредничка на интернет-списанието „Словокулт“, Елизабета Линднер Костадиновска, посочи дека не се откажуваат од планираните активности што би можеле да се одржат по надминувањето на пандемијата. Од Берлин, каде што живее, укажа и дека овој град додели тримесечна поддршка од 5.000 евра за хонорарци и уметници што работат од дома
Елизабета Линднер Костадиновска, уредничка на списанието „Словокулт“
Интернет-списанието „Словокулт“ не го прекина своето присуство на културната сцена и за време на пандемијата на коронавирусот, најавувајќи деновиве дека подготвува стихозбирки, но и дека не се откажува од организирањето на биеналето за современи уметности „Словокулт: литерАРТура 2020“, во соработка со здружението „Арт еквилибриум“ од Гевгелија, се разбира, доколку се надмине актуелната криза. Со своја поезија и скулптура, Денот на македонскиот јазик го честитаа и двајцата годинешни учесници на биеналето Владимир Лукаш од Македонија и Михаела Штрумбергер од Германија, а организаторите напоменаа дека, без разлика на нивното лично присуство, делата ќе им бидат презентирани во Гевгелија, во Скопје и во Берлин.
Како ја доживувате целата ситуација со пандемијата, со поглед од Берлин, каде што живеете, што се случува на берлинската културна сцена?
– Независната книжевност и уметност воопшто имаат проблем со опстанокот во културата и општеството и во „нормални“ времиња. Економските и пазарните правила и услови за продажба го поткопаа квалитетот на голем број книжевни изданија и манифестации во последните 20-30 години, а веројатно и претходно. Наместо да одбијат квантитет и тривијалност, да се посветат на подобрување на изборот на културните изданија и активности, повеќето беа отворени кон „почитување“ на овие пазарни услови и промовирање квантитет, делумно за да преживеат, делумно заради комотност, а кај поголем број големи или несериозни установи се продуцираше и прекумерен шунд, кој, за жал, ги затрупува нештата што имаат квалитет.
Овие услови, за жал, го попречија она за кое културата е впрочем наменета: издигање на свеста и интелигенцијата на обичниот човек, бидејќи речиси никаде не постои виден ангажман за тоа, па дури ни желба. Да не зборуваме за програмата на медиумите и емисиите за култура. Катастрофата во Македонија беше уште пред короната, турбофолкот ги покоси умовите на младите, а тоа не е само нивна вина туку одговорност на целокупното општество и неговата култура и образование, се разбира. Короната сега, за жал, ќе нанесе уште поголема штета, особено на индивидуалците што творат, на малите институции и здруженија, а со тоа и на целокупната култура. И покрај тоа што повеќето од нас мораа да научат да создаваат премногу со премалку средства, сега тоа ќе биде уште потешко. Кризата и сиромаштијата што демнат и се наближуваат, се закануваат систематски да го уништат и тоа малку што имаше некоја вредност во културата, затоа не смее да се престане со активностите и наоѓањето начини да се одржи, па и збогати она што има уметничка и културна вредност.
Сепак, „Словокулт“ продолжува со својата работа, можеби како онлајн списание сега добива дури и повеќе читатели од обично?
– Годинава не добивме поддршка за списанието од македонското министерство за култура, но сепак би било погрешно тоа да не продолжи да излегува, бидејќи како и сите креативци, така и луѓето што стојат зад него, не ни можат поинаку, кога тоа им е животот. „Словокулт“ како портал за македонска книжевност на германски јазик постои уште од 2008 година, но како онлајн списание се основа во 2016 година на македонски и во 2017 на германски јазик, a поради слични интереси веднаш почнаа преговори со извонредната Марија Стојанова за заеднички проекти, по кои веднаш почна соработката со „Арт еквилибриум“, со кој веќе остваривме успешни проекти, од кои најважно е биеналето „Словокулт: литерАРТура“, кое првпат се одржа 2018 година во Гевгелија, Скопје и во Берлин.
Се разбира дека голем удел имаа ангажманот и солидарноста на сите соработници и сите учесници, особено на уметницата Дијана Томиќ Радевска, без која немаше да биде можна изложбата како дел од настанот. Оваа желба, солидарност, ангажман и посветеност ни даваат надеж за иднината, н,о од друга страна, оваа неизвесност и ова помрачување на светот, секако, се фактори што носат песимизам. Годинава добивме позитивни одговори за поддршка од повеќе места, од Министерството за култура и од Сенатот за култура и Европа во Берлин, а планираме да се обратиме и до други фондации, за да можеме да ги покриеме трошоците за гостувањата и за превод, бидејќи во срцевината на ова Биенале, освен повеќе уметности (текст-звук-визуелност) е и меѓународната размена, првенствено со Германија (и земјите од германското говорно подрачје), со Балканот (првенствено земјите од бивша Југославија и Грција), а во Берлин исто така и со уметници и автори со потекло од разни континенти. Темата ја одбравме уште минатата година, но не ни претпоставуваме дека таа ќе добие уште поголема актуелност: „План Б за планетата Х или План Х за планетата А“.
Кои активности се попречени поради актуелната состојба?
– Во Германија веќе беа откажани големите манифестации, како Саемот на книгата во Лајпциг, кој за „Словокулт“ е делумно интересен поради активностите и во галерии и книжарници низ градот, но она што директно ги погодило е учеството на саемот за уметнички книги „Мис рид“ во Берлин, што требаше да се одржи од 5 до 7 јуни. Таму планираа да промовираат две повеќејазични збирки поезија во концепт на „Словокулт“, дополнети со одбрани ликовни дела како илустрации, кои настанаа независно едни од други. Мене лично ме погоди откажувањето на Тесалискиот поетски фестивал во Лариса, на кој требаше да учествувам, но да се надеваме дека ќе се одржи наесен. Сега се забележува дека малку се забави работата и кај нас, но и воопшто, сè е затворено и делумно отуѓено.
Сепак, Берлин додели тримесечна поддршка од 5.000 евра за хонорарци и уметници што работат од дома, 9.000 или 12.000 евра за самостојни со трошоци за канцеларии и за мали претпријатија со трошоци за до 10 вработени. Затоа не ми преостанува ништо друго освен да работам на овие проекти, кои планираме да ги промовираме на биеналето, доколку се отворат границите и се овозможи одржување настани. Доброто е дека се работи за помали настани, најмногу до 100 гледачи, што е олеснителна околност, но, сепак, уште ништо не се знае. Збирките поезија на Краус, моја збирка поезија и уметност, кои се повеќејазични (германски, македонски и англиски), една антологија на современа грчка поезија и избрани песни од Рајнер Марија Рилке се книжевните изданија за 2020 годинa.
Што е планирано за годинешното биенале ако успеете да го одржите?
– Планирана е презентација на независното берлинско списание за цртеж и текст „Пролог“, преку главните уредници Дорит Требелјар и Антон Шварцбах, кои како уметници треба да бидат и дел од групна изложба. Од Германија се поканети поетите Краус, Гундула Шифер, а во план се и уште еден-двајца поети и уметници. Од Грција, пак, се поканети Танос Гогос и Василија Иконому, од Србија е Звонко Карановиќ, од Хрватска Марија Дејановиќ, од Франција уметницата Од Карбон, кои заедно со избрани македонски автори, уметници и музичари се очекува да го обликуваат биеналето со своето учество во мултимедијалната презентација. Планирани се и антологија и филмски материјал.
Колку пандемијата ги погодува малите културни институции и како тие наоѓаат начини да се справат со неа?
– Книжарниците работеа со редуцирано работно време и стриктни мерки, но и онлајн нарачките кај независните книжарници беа во подем. Се организираат и стрим-фестивали и видеочитања, меѓутоа, според мене, некои од нив го продолжуваат она што погоре го критикував, квантитетот наместо квалитетот. Затоа јас ни како авторка, уметница, а ни како главна уредничка на „Словокулт“ не сум директно дел од тоа, бидејќи тоа не е во согласност со идеите, поимањето и критериумите за современа книжевност и уметност. Иако меѓу учесниците секако има и одлични автори, кои се губат во купот. Секако дека има и интересни прилози, и ние подготвуваме видеа за гледање онлајн, но сепак сметам дека културата, уметноста и книжевноста, како и општиот живот, нема да доживеат успех и напредок само онлајн, бидејќи тоа може да биде само дополнување, но не и главен медиум за презентација. И ние започнавме како онлајн списание, но од самиот почеток гледавме да дополниме со настани и еве, конечно, со книжевни изданија. Новите форми на презентирање се добредојдени, но сепак како споредни.
Промената е неопходна и итна, ако дури и во време на пандемија не ги истакнеме вредностите на делата, никогаш нема да дојдеме до подобра иднина. Можеби звучи идеалистички, но, според мене, тоа е правило што сум го научила од културолошката опсервација на „досегашноста“. Короната само драстично го покажува она што веќе беше овде: мејнстримот не е решение, туку квалитетното во културата, кое најчесто го славиме 50 години подоцна, а кое најчесто се раѓа пред, во или по некоја војна или светска катастрофа. Јас сум можеби непоправлив утопист и оптимист, ама сама секако нема ништо да сменам, затоа огромна благодарност до сите поддржувачи, до прекрасните соработници, колеги, автори и уметници и, се разбира, до публиката, која е мала и прегледна, но која дефинитивно знае што сака.
Пандемијата сигурно нема да нè сотре, иако нè става пред голем предизвик, но сепак сме решени да одиме понатаму, а тоа, секако, ќе зависи од сите нас како општество. Крајно време е за конструктивна критика, приспособувањето и пловењето со струјата нема да нè извлечат од ниедна катастрофа, па ни од пандемиската, поставувањето прашања и барањето конкретни одговори и соодветни решенија, па и протестирањето против неправдите, се единствено релевантни за иднината на планетата. Хуманизмот и продуховеноста се, според мене, новите идеологии на кои треба да им се посветиме ако сакаме да дојдеме до соодветна правда, солидарност и иднина. Но во овој моментален хаос, кога луѓето се збунети, уморни и уплашени, се чини дека сме многу оддалечени од сево ова, затоа морам веднаш да се вратам на работа, инаку ќе се демотивирам и депримирам.