ЦРНА ГОРА
Над 600 повици имало за еден месец од отворањето на телефонската линија за психолошка поддршка на Клиничкиот центар во Црна Гора, која била воведена по појавата на епидемијата на коронавирусот. Координаторот на овој проект Александар Поповиќ смета дека тоа е очекувано, зашто епидемијата кај граѓаните предизвика голема загриженост.
– Ова е голем број и покажува дека граѓаните го препознале квалитетот на овој проект. Граѓаните најчесто се јавувале поради анксиозност. Проблемите на граѓаните зависеле од нивната возраст, а се однесувале на личното здравје и на здравјето на своите најблиски. Кај постарите лица имало промена на расположението во облик на депресија. Кај оваа популација осаменоста била еден од водечките симптоми, што се должи на неможноста да излегуваат од дома и да комуницираат со блиските. Повикувачите искажувале и загриженост за економските последици од пандемијата – изјави Поповиќ за „Вијести“.
Околу 15 отсто од повиците се однесувале на нарушени меѓусебни односи, а изолацијата ги врати во семејната атмосфера и ги реактивира поранешните несогласувања меѓу членовите на семејството. Две третини од лицата претходно не барале психолошка поддршка.
Поповиќ нагласува дека граѓаните често го занемаруваат менталното здравје до моментот кога станува неподносливо.
– Сите понекогаш експериментираме со животот и сметаме дека најдобро знаеме како да се однесуваме, да мислиме во одредена ситуација, а го занемаруваме фактот дека вештината на живеење е иста како и секоја друга вештина што треба да се совлада. Доколку не ги преиспитуваме нашите постапки и мисли, сигурно ќе влеземе во замката на личното незадоволство, а тоа, секако, ќе влијае и на сите сфери во нашиот живот – вели Поповиќ.