Регулаторна комисија за енергетика во годишниот извештај посочува дека се забележува значителен пад на домашното производство од 6.744 гигават-часа електрична енергија во 2010 година на 5.655 гигават-часа во 2019 година, што е намалување од 16 отсто
Производството на електрична енергија во земјава бележи континуиран пад во текот на изминативе години. Ова може да се забележи од извештајот на Регулаторната комисија за енергетика, според кој има значителен пад на домашното производство од 6.744 гигават-часа електрична енергија во 2010 година на 5.655 гигават-часа во 2019 година, што е намалување за 16 отсто. Регулаторите посочиле дека најголемо влијание врз намалувањето има производството на АД ЕСМ-Скопје, кое во 2010 година изнесувало 6.476 гигават-часа, додека во 2019 година нивното производство било 4.283 гигават-часа, што е намалување од 34 проценти.
– АД ЕСМ-Скопје, почнувајќи од 2014 година, произведува електрична енергија под 5.000 гигават-часа. Има намалување на производството на електрична енергија и кај хидроцентралите и кај термоцентралите.
Производството на електрична енергија кај хидроцентралите најмногу зависи од хидролошките услови, а во разгледуваниот десетгодишен период варира од 2.185 гигават-часа во 2010 година, па до 816 гигават-часа во 2017 година. Меѓутоа, никогаш не е достигнато производството на електрична енергија од 2010 година, иако во 2012 година влегува во работа и новата хидроцентрала „Света Петка“. Производството на електрична енергија во термоцентралите исто така бележи пад. Во овој период најголемо производство на електрична енергија е забележано во 2011 година, од 4.776 гигават-часа, додека најмало производство на електрична енергија е забележано во 2018 година, и тоа во висина од 2.613 гигават-часа – се наведува во извештајот.
Како причини за намаленото производство на енергија, регулаторите го посочиле животниот век на термоцентралите, кој според нив е веќе надминат или во најкраток рок ќе биде надминат, а тоа предизвикува поголем број дефекти и подолг период на отстранување на дефектите и ремонти и намалување на ефикасноста, како и состојбата со рудниците, односно намалување на ископувањата и на квалитетот на лигнитот и други причини.
Експертите, пак, имаат свое објаснување за оваа состојба.
– Намаленото производство на електрична енергија е последица на намалената кондиција на термоцентралите, поради застареност и понеквалитетен јаглен, а можеби и поради работата на хидроцентралите. Сепак, дневниот ред на користење на електричните централи е обврска на ЕСМ и сигурно тие имаат оперативен план за режим на работа во зависност од сезоната и состојбите на потребите кај потрошувачите – вели професорот Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Професорот објаснува дека термоцентралите на јаглен се базни електроцентрали што работат континуирано во текот на целата година, освен кога е планиран ремонт или кога има непланирани технички застои. Тој вели дека има неколку различни опции што може да бидат замена на термоцентралите на јаглен.
– Може да се заменат со нови постројки на природен гас. Таква постројка може да се оствари со нова инвестиција од околу 1.000 евра по киловат-енергија, а цената на гасот би била пазарна категорија. Втора опција е да се заменат со нови термоцентрали на увозен висококвалитетен јаглен, што е инвестиција од 2.000 евра по киловат, а цената на јагленот исто така би била пазарна категорија. Како подолгорочна опција, секако, е и нуклеарна електроцентрала (по 2040 година), што пак бара дополнителни услови за ваква постројка и висока инвестиција до 6.000 евра по киловат-енергија – објаснува професорот.
Тој додава дека технологиите на обновливите извори на енергија, претежно сончевата енергија и ветерната енергија, треба континуирано да се имплементираат во нашиот енергетски систем како производствени постројки и посочува дека не смеат да се заборават и хидроцентралите, било да станува збор за мали или големи хидроенергетски објекти, кои треба максимално да се искористат во Македонија.
– Мора да се напомене дека технологиите на обновливите извори на енергија не се споредливи со термоцентралите на фосилно горива од оперативен аспект и улогата во покривање на потребите на потрошувачите. Обновливите извори на енергија се непредвидливи и зависат од ресурсот, дали има или нема сонце во моментот, или ветер и вода, додека термоцентралите работат континуирано во текот на целата година – истакна Чаушевски.
И анализите на регулаторното тело покажуваат дека учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство на струја во земјава е мало.
– И покрај фактот што 97 отсто од вкупниот број електроцентрали за производство на електрична енергија користат обновливи извори на енергија, или изразено во апсолутни бројки 256 од 264 електроцентрали користат обновливи извори на енергија, нивното процентуално учество во вкупната инсталирана моќност изнесува 36,71 проценти. Учеството на обновливата енергија во вкупно произведената електрична енергија од домашни производители е уште помало и изнесува 24,19 отсто – се наведува во извештајот.
Професорот Чаушевски исто така истакнува дека треба да се има предвид дека освен веќе евидентираниот тренд на намалување на производството, во текот на изминативе месеци има и намалена потрошувачка на електрична енергија поради економската криза што ја зафати нашата земја како резултат на мерките за сузбивање на пандемијата.