Јапонците користат разни роботи за да се грижат за пациентите со ковид-19 или за да ги дезинфицираат површините од вирусот во високоризичните зони
Во обид да го намали товарот врз јавниот здравствен систем, Јапонија користи над 10.000 хотелски соби за да смести пациенти со полесни симптоми на ковид-19, за кои не е потребна хоспитализација. Кога пациентите ќе пристигнат во еден од хотелите наменети лекување на лицата заразени со новиот коронавирус, тие нема да бидат поздравени од човек туку од робот.
На пример, еден хотел го користи добропознатиот робот со име „Пепер“, кој носи заштитна маска како и пациентите. Роботот може да ги потсетува луѓето да носат маски во хотелот, но и да им порачува да оздрават што е можно побрзо. Други пораки што ги испраќа хуманоидниот робот се, на пример, „се молам што е можно побрзо да се ограничи ширењето на болеста“ или „да ги здружиме нашите срца и заедно да го надминеме ова“. Според последните податоци, Јапонија има над 15.000 потврдени случаи на ковид-19, околу 570 жртви и речиси 5.000 оздравени.
Роботот „Пепер“ е во функција уште од 2014 година, а досега беше распоредуван во разни деловни згради со канцеларии во светот за да ги поздравува и развеселува посетителите. Роботот има софтвер за препознавање на лицето, што му овозможува да ги идентификува луѓето, па дури и да открива емоции преку разни говорни обрасци и изрази на лицето.
Освен „Пепер“, друг јапонски хотел ги користи услугите на еден друг високотехнолошки робот, кому главната функција му е чистењето. Вооружен со најновите технологии од областа на вештачката интелигенција, овој робот може да исчисти т.н. „црвени зони“ од зградата, кои се сметаат за премногу ризични за вработените во хотелот, пренесува „Нешнел интерест“.
Јапонците користат и друг робот наречен „Лајтстрајк“, кој неодамна го привлече вниманието во светот поради можноста да користи ултравиолетова светлина за дезинфицирање на болниците. Уште поважно, се покажа дека тој може да го неутрализира новиот коронавирус само за две минути, нудејќи потенцијално ефикасен метод за елиминација на вирусот од високоризични јавни места.
Американска компанија за дезинфекција со седиште во Тексас веќе објави успешно тестирање на роботот против ковид-19. Роботот „Лајтстрајк“, кој во Јапонија го продава производителот на медицинска опрема „Терумо“, е дизајниран да може да емитува светлина со бранова должина од 200 до 315 нанометри. Ултравиолетовата светлина се покажа како многу ефикасна при дезинфицирањето на мебелот, вратите и на другите површини што се користат често. Доволни се само две или три петминутни дезинфекциски третмани на површините со ултравиолетова светлина, по што вирусите се премногу оштетени за да преживеат.