По последниот случај со превртувањето на полицискиот хеликоптер на скопскиот аеродром и хронолошкиот преглед на минатите слични случувања во земјава, се стигнува до несаканиот заклучок дека пилотска грешка во комбинација со неповолни временски услови е најчестата причина за уривање на воените и полициските летала од овој вид, посочуваат упатените
Хеликоптерски несреќи, според општиот впечаток, премногу често се случуваат во Македонија, а статистиките велат дека од осамостојувањето на земјава имало четири такви случаи, при што животите ги загубиле 17 лица, а дваесетина други биле потешко или полесно повредени. По последниот случај со превртувањето на полицискиот хеликоптер на скопскиот аеродром, упатените велат дека тоа, сепак, не е специфика само на Македонија и дека несреќи со хеликоптери постојано се случуваат и во земјите од регионот, но и пошироко.
Освен тоа, тие се согласни и дека доколку се направи хронолошки преглед на минатите слични случувања во земјава, ќе се стигне до несаканиот заклучок дека пилотска грешка во комбинација со неповолни временски услови е најчестата причина за уривање на воените и полициските летала од овој вид.
Во изјава за „Нова Македонија“, црногорскиот генерал во пензија Благоја Граховац, кој во времето на ЈНА важеше за едно од најстручните лица за истраги при падови на воени и полициски летала, оценува дека последниот случај во Македонија е само еден од низата слични на територијата на поранешната држава каде што погрешни процени на пилотите водат до несакани последици.
– Вината за овие немили настани во сите земји од поранешна Југославија, а со тоа и во Македонија, најчесто може да се најде во недостигот од конзистентни образовни и работни критериуми на воените или полициските пилоти. Не велам дека во конкретниот случај пилотите на кои им се случила несреќата биле лошо образовани, бидејќи тоа допрва ќе се истражи од македонските власти, туку забележувам само еден заклучок дека генерално недостигаат професионализација и надградба на сите бившојугословенски пилоти што сега се активни – вели генералот.
Според Граховац, во секоја истрага за вакви случувања, кардинални се системските грешки при работата, кои обично не се воспоставени како што предвидуваат европските и НАТО воени процедури за лет на воздухопловите.
– За да се спречат овие случувања, во кои, за среќа, во Македонија сега нема жртви, мора да се воведе построг режим на работа кај пилотите, што ќе подразбира професионална надградба на нивното знаење, која практично ќе се врши во текот на целата нивна кариера и нема да заврши во моментот кога пилотот ќе излезе од вратите на воената академија – забележува генералот.
И Дејан Саздовски, пилот во аероклубот „Скопје“, во својата оцена на несреќите од воздухопловите во земјата истакнува дека приближно сто проценти од вината за пад на некој воздухоплов лежи во човечкиот фактор, кој честопати е проследен и со минимален процент на лоши временски услови.
Саздовски вели дека во практика техниката на леталата може да потфрли, но дека и тоа е во доменот на човечката грешка, бидејќи некој што ги одржува леталата направил пропуст во својата работа.
– Во воздушниот сообраќај, особено во делот на аматерското летање, до некаде се дозволени грешки кај пилотите, кои најчесто потекнуваат од непознавање на пилотирањето или од аматеризам и затоа во суштина процентот на трагедиите е поголем во оваа област. Од друга страна, во професионалното летање, вакви пропусти не се дозволени, бидејќи во оваа група пилоти на авиони и хеликоптери и друг вид воздухоплови влегуваат луѓе што комерцијално професионално летаат, но и оние што се припадници на војската и полицијата.
Затоа, кај оваа група уделот на пропусти во работата е многу мал, но, за жал, и таму некогаш се случува. Едноставно, во практиката не е дозволиво времето или техниката да бидат виновни за уривање на леталото, туку вината за немилите настани, по некоја логика, секогаш е на сметка на оние што го планирале и спроведувале летот и оние што го контролирале од надгледни станици – резимира пилотот.
Инаку, во последната несреќа од овој вид, во која, за среќа, нема загинати, полициски хеликоптер од моделот „МИ17“, во понеделникот околу 11.30 часот, се преврте на писта на Меѓународниот аеродром во Скопје. Според информациите од МВР, леталото на аеродромот било наполнето со гориво и при полетувањето, од засега непознати причини, паднало и се превртело.
На својот фејсбук-профил министерот за внатрешни работи Наќе Чулев напиша дека Министерството за внатрешни работи, во согласност со Законот за воздухопловство, ќе ги преземе сите неопходни мерки, а во соработка со Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба ќе се формира комисија што ќе треба во целост да ги утврди фактите и околностите под кои се случил настанот.
Наспроти тоа, во една од најтрагичните хеликоптерски несреќи, која се случи на 12 јануари 2008 година кај Катланово, загинаа 11 члена на екипажот и мировници на АРМ што се враќаа од мисијата „Алтеа“ во БиХ.
Претходно, четири лица загинаа во трагична хеликоптерска несреќа во близината на Струмица, која се случи на 10 јули 2014 година, околу 22 часот, кога полициски хеликоптер со четиричлен екипаж удрил во предавател на Македонската радио-телевизија и се срушил. Истрагата покажа дека пилотите во текот на летот не пријавиле технички проблеми со леталото, кое инаку било од понов тип и произведено во 2008 година.
За време на конфликтот, на 17 март 2001 година, воен хеликоптер „МИ17“ се урна удирајќи во бетонски столб на Попова Шапка. Во тогашната трагедија загинаа пилотот и инженерот, а десетина други војници беа повредени.