Рекордни 50,8 милиони луѓе се внатрешно раселени во целиот свет поради конфликти или природни катастрофи, а коронавирусот е дополнителна закана, предупредува Центарот за набљудување на внатрешното раселување (ИДМЦ)
Рекордни 50,8 милиони луѓе се внатрешно раселени во целиот свет поради разни конфликти или природни катастрофи, додека пандемијата на коронавирус претставува уште една закана за милиони раселени лица, бегалци и имигранти, предупредува во својот годишен извештај Центарот за набљудување на внатрешното раселување (ИДМЦ) со седиште во Женева.
Внатрешно раселените лица честопати одлучуваат да не патуваат во други земји, пред сѐ зашто сакаат да останат блиску до своите домови и семејството или зашто им недостигаат средства за да ги преминат границите. Некои од нив сепак се решаваат да тргнат по долгиот и опасен мигрантски пат, во потрага по подобар живот во побогатите земји.
Но наместо да стигнат до нив, тие често завршуваат во мигрантски кампови, каде што со месеци и години живеат во лоши животни услови, а коронавирусот само им ги зголемува ризиците. Други, пак, остануваат заглавени во области до кои тешко може да пристапат хуманитарните организации, како што се конфликтните зони, па затоа продолжуваат да зависат од сопствените влади. Тие влади честопати се и главната причина поради која луѓето избегале, на пример поради војна или зашто владите биле неспособни да им овозможат безбедни живеалишта на своите граѓани.
Во извештајот на организацијата со седиште во Женева се посочува дека над 45 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови поради насилства, додека уште пет милиони луѓе биле раселени поради природни катастрофи, како што се земјотреси и поплави.
Во документот се додава дека бројот на внатрешно раселени лица, односно лица што бегаат од конфликт или катастрофи но остануваат во своите земји достигнал рекордно ниво. За достигнување на овие рекордни нивоа придонеле 33,4 милиони нови раселувања регистрирани во 2019 година, што е најголема годишна бројка од 2012 година.
Според организацијата, новиот коронавирус се очекува уште повеќе да им го отежни животот на раселените лица, од кои повеќето живеат во лоши санитарни услови, во импровизирани засолништа. Ваквите лоши услови го отежнуваат спроведувањето на мерките за физичко дистанцирање и одржување хигиена, кои се потребни за да се спречи ширењето на смртоносниот ковид-19.
– Пандемијата, исто така, ги загрозува нивните и онака несигурни услови за живот, дополнително ограничувајќи им го пристапот до основните услуги и хуманитарна помош – нагласува директорката на ИДМЦ, Александра Билак.
Но дури и без пандемија, бројот на внатрешно раселени лица низ целиот свет е знак за колективен неуспех, се вели во новиот извештај на организацијата. ИДМЦ ги повикува владите да работат кон решавање на конфликтите како војната во Сирија, каде што во изминатата деценија милиони луѓе ги напуштија своите домови за да избегаат од конфликтот меѓу завојуваните страни. ИДМЦ исто така ги нагласува и конфликтите во ДР Конго, Јемен и во Авганистан.
Во извештајот се сугерира дека би можело да се стори повеќе за да се надминат проблемите со климатските промени и за државите да се подготват повеќе за справување со природните катастрофи, како циклони или поплави, поради кои само лани беа раселени милиони луѓе, пренесува Би-би-си.
Организацијата исто така ги повикува владите да им обезбедат на раселените лица пристап до здравствената заштита за време на пандемијата, но и долгорочно да ги решат причините за раселување. ИДМЦ соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата во Ирак, каде што се потврдени први случаи на коронавирус меѓу раселени лица, но и во земји како Сирија, Буркина Фасо и Колумбија, кои веќе се соочуваат со кризи со раселени лица во момент кога расте и бројот на заразени лица.
Во извештајот на ИДМЦ се забележуваат и инциденти на внатрешно раселување токму поради коронавирусот. Во Индија, според документот на организацијата, најмалку 600.000 сезонски работници биле затечени од карантинските мерки и морале да минат стотици километри за да се вратат во своите села.