Македонија за една година направи огромни чекори во реформите на енергетскиот сектор, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на неформалниот состанок на министри за енергетика, индустрија и трговија, во организација на Секретаријатот на Енергетската заедница, што денес се одржа во Дурштајн, Австрија.
На состанокот, на кој учествуваше и министерот за економија Крешник Бектеши, се разговараше за климатската и енергетската политика на Енергетската задница, како орган на Европската комисија, до 2030 година.
Вицепремиерот Анѓушев потсети дека првата активност во странство, откако беше именуван за вицепремиер во Владата, беше минатогодишниот неформален состанок, кога од страна на еврокомесарот Јоханес Хан и директорот на Секретаријатот за енергетска заедница Јанез Копач беа презентирани резултатите во спроведување на реформите во енергетскиот сектор на земјите во регионот, каде што Македонија покажа најслаби резултати.
– Една од најважните задачи на Владата на Република Македонија во изминатата година, беше да се откочат реформите во енергетскиот сектор и успеавме во тоа. Работевме напорно во креирање на нов Закон за енергетика, кој во мај е донесен од Собранието на Република Македонија и во кој се вградени европските директиви и регулативи кои произлегуваат од Третиот енергетски пакет. Македонија денес има современ, европски Закон за енергетика кој поттикнува конкурентност и го дава правото на граѓаните за избор на снабдувач со енергија, нешто што претходно не постоеше, нагласи вицепремиерот.
Анѓушев зборуваше и на темата: „Што после јагленот“, при што истакна дека новиот Закон за енергетика овозможува зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, по конкурентни цени, без да се наруши стабилноста на електро-енергетскиот систем и да не се влијае на цените на електричната енергија кон крајните корисници.
– Владата е посветена на реализација на проекти за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори. Кога станува збор за ветерни централи, ќе се реализираат проекти со кои инсталираната моќност од моментални 36 мегавати ќе се искачи на 150 мегавати, од кои 50 мегавати ќе бидат објавени на јавен повик согласно новите премиум тарифи. Македонија е земја која изобилува со сонце и токму во таа насока ќе се реализираат проекти за изградба на фото напонски централи со инсталирана моќност до 200 мегавати, исто така преку јавен повик и со премиум тарифи, наместо досегашните фидинг тарифи, нагласи Анѓушев.
Дополнително, посочи, ќе работиме да ги искористиме водните капацитети во земјата, каде што според анализите има можност за изградба на дополнителни 60 мали хидроцентрали, на македонските реки, од кои 30-ина се веќе во фаза на изградба.
– На тој начин, вкупно би имале околу 130 мали хидро централи со инсталирана моќност од околу 120 мегавати. Еден од големите проекти е изградбата на хидро централата Чебрен. Овој проект во минатото беше планиран како реверзибилна хидро централа, нешто што во денешни услови се покажува како неисплатливо. Во таа насока Владата ќе работи на тоа да реализира проект со кој ќе се изгради брана која ќе има инсталиран капацитет од 120-150 мегавати, рече Анѓушев.
На состанокот учествуваа и претставници од Директоратот за енергетика во Европската комисија, Агенцијата за обновлива енергија, Секретаријатот на енергетската заедница, како и високи претставници на соодветните министерства од Австрија, Косово, Украина, Грузија, Србија и Црна Гора.