Георги Димитров

Наместо одговор на прокл…..от, син на писателот што ги напиша стиховите на македонската химна „Денес над Македонија“, кој тврди дека Македонците и Бугарите се ист народ и дека во минатото македонските власти ги селектирале историските податоци и пишувале Македонци таму каде што пишувало Бугари, во продолжение на текстот е писмото на Георги Димитров од 1934 година испратено во САД

Во своето писмо испратено од Москва во Детроит на 13 мај 1934 година, Георги Димитров, како генерален секретар на Коминтерната, поздравувајќи ги делегатите на четвртиот конгрес на Македонскиот народен сојуз, меѓу другото истакнува дека се чувствува неразделно сврзан со судбината на македонскиот народ…: „Бугарскиот пролетаријат е животно заинтересиран за националното ослободување на Македонија. Националното ропство на македонскиот народ е извор за засилување на угнетувањето на работниците и селаните во Бугарија, Југославија и во Грција. Разделената и ограбена Македонија е јаболко на раздорот меѓу балканските империјалисти и извор на постојана опасност од воени конфликти и потреси на Балканот.“

„Македонското движење има многу непријатели, но најлошиот е бугарскиот империјализам и фашизам!“

Според Димитров, „македонскиот народ во својата борба за ослободување нема и не може да има други вистински пријатели и сојузници надвор од револуционерните работници и селани во Бугарија и на Балканот. Во својата борба за социјално ослободување, бугарскиот пролетаријат гледа во македонското револуционерно движење еден од најдобрите свои сојузници. Борејќи се против фашизмот и за работничко-селска власт, за советска Бугарија, бугарските работници и селани, под раководство на комунистичката партија, истовремено се борат и за отфрлање на секакво национално ропство, на ропството и на македонскиот народ.“ Во продолжение на писмото пишува: „Македонското движење има многу непријатели, но најлошиот негов непријател се агентите на бугарскиот империјализам, бугарскиот монархизам, бугарскиот фашизам. Преку бандата на Михајлов, како бугарски агенти, бугарската буржоазија го користи македонското движење за своите егоистички интереси, за зацврстување на својата крвава диктатура врз работниот народ во Бугарија.

Со помошта на таа банда, наречена ’Внатрешна револуционерна македонска организација’, а во исто време поигрувајќи си со идеалите на македонскиот народ, цанковистите успеаја на 9 јуни 1923 година да ја соборат земјоделската влада и да организираат крвав терор против работниците и селаните. Со учество на организацијата во крвавиот масакр беше задушено народното востание во 1923 година и беа уапсени и убиени илјадници бугарски работници, селани и интелектуалци. Таа банда ги сотре независните македонски револуционери во Горна Џумаја во 1924 година. Нејзините главорези беа искористени за ликвидациите на повеќе од 2.000 работници, селани и интелектуалци во врска со провокаторскиот атентат во црквата ’Света Недела’, во април 1925 година, во Софија. По порачка на бугарскиот фашизам, тие подло ги убија великанот на македонското револуционерно движење Димо Хаџи Димов, храбриот македонски пратеник Христо Трајков, мноштво мислечки Македонци, како и такви славни дејци на работничкото движење во Бугарија како што беше работничкиот пратеник Напетов.“

Пишувајќи за тоа дека „без конечно изолирање на штетната банда на Ванчо Михајлов од македонските маси, без потполно обезвреднување на нејзината јудејска улога во македонското движење… не може да има успешна борба против националното угнетување, успешна борба за ослободување на македонскиот народ“, додавајќи дека „долг на македонската емиграција во Америка, како и на македонската емиграција во самата Бугарија, е да дејствува со сите сили за поскорашно остварување на таа задача, поддржувајќи ги напорите на ВМРО (Обединета) за сплотување на сите активни револуционерни македонски сили“.

„Само обединета револуционерна борба на македонскиот народ во тесен сојуз со работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција може да доведе до победа на македонската ослободителна револуција. Само советскиот систем, како што покажа блескавиот пример на големиот Советски Сојуз, може да обезбеди конечно национално ослободување и целосно национално обединување. Во тој дух, од сѐ срце ви посакувам најдобри успеси на вашиот конгрес“, го завршува своето поздравно писмо до Македонците во Америка генералниот секретар на Коминтерната, Георги Димитров.

Писмо одговор до Георги Димитров

Во октомври 1934 година, Централниот комитет на Македонскиот народен сојуз во Америка, чиј претседател е Смиле Војданов, а секретар Гео Пирински, испраќа писмо одговор до Георги Димитров, во кое, меѓу другото, се заблагодарува за „братските поздрави и вредните упатства за дејствување“: „Другар Димитров, ние високо го цениме тоа што ти, како пролетерски револуционер, го направи за правилното ориентирање на македонското ослободително движење, учествувајќи во изградбата на ВМРО (Обединета), во изградбата на правилен став кон братските комунистички партии во Бугарија, Грција и Србија во однос на македонското прашање, но и во разобличувањето на македонските агенти во служба на бугарската буржоазија – Александровци и Протогеровци.

Таа критика против македонските наемни орудија на бугарската буржоазија, а во заштита на вистинското македонско ослободително движење, ти ја водеше под постојана закана по животот, без да трепнеш пред заканите и многубројните обиди на македонските бандити околу Александров, Протогеров и Иван Михајлов да те убијат, како што ги убија Димо Хаџи Димов, Коста Петров, Христо Трајков, Петко Напетов и други македонски и бугарски национални и социјални револуционери“.
Во продолжение на писмото до Димитров, меѓу другото, се вели: „Во твоето лице поробениот македонски народ гледа свој најголем и неустрашлив заштитник… Сојузници во нашата борба во Америка се будната бугарска емиграција, црните и белите работници, фармерите, ситните сопственици и прогресивните интелектуалци. Со нивна братска поткрепа ние постојано чекориме напред во борбата против агентите на бугарскиот фашизам, разни полномошни министри, конзули и шовинистички попови….“


Гео Пирински, автор на брошурата „За слободна Македонија“!

Во текот на Втората светска војна, во Њујорк, секретарот на Македонскиот народен сојуз, Гео Пирински, ја издава брошурата „За слободна Македонија“.
Секретарот на Македонскиот народ сојуз во Америка, Георги Николов Зајков, или Гео Пирински од Банско, е еден од најактивните културно-национални дејци меѓу македонската прогресивна емиграција во Америка. При доаѓањето во САД, во 1923 година, на 22-годишна возраст, Пирински се изјаснил како Македонец. Во септември 1929 година, заедно со 14 илинденци, ја формира првата Македонска прогресивна група во Понтијак, која потоа прераснува во Македонски народен сојуз.

Во 1931 година Смиле Војданов бил избран за претседател на ЦК на Македонскиот народен сојуз, а за секретар бил избран Гео Пирински. Во меѓувоениот период, Гео Пирински ги редактира најзначајните органи на МНС, а е редактор и на годишните зборници. Во весниците „Македонски булетин“ (1930 – 1931), „Балканско здружение“ (1931 – 1934), „Трудова Македонија“ (1934 – 1938) и други биле вклучени соработници од сите делови на Македонија. Во текот на Втората светска војна, одушевен од формирањето на Демократска Федерална Македонија, во Њујорк ја издава брошурата „За слободна Македонија“ (For a free Macedonia), правејќи преглед на долготрајната борба на македонскиот народ за сопствена национална држава. Со радост ја поздравува и Декларацијата од Првото заседание на АСНОМ за „прогласувањето на македонскиот јазик за официјален“.


Кој е Смиле Војданов, претседателот на Македонскиот народен сојуз

Претседателот на Македонскиот народен сојуз, Смиле Војданов, е револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација и долгогодишен активист во македонското национално движење во татковината и во емиграција. Во Македонија се истакнал како еден од врвните водачи на Илинденското востание во Охридско, при што, заедно со војводата Дејан Димитров, бил одговорен за реонот на Дебарца.

По задушувањето на Илинденското востание, Војданов не се откажал од идејата за независна македонска држава. Својата борба ја продолжува во емиграција, каде што долги години дејствувал меѓу македонските емигранти во САД и во Канада. Во куќата на Смиле Војданов во градот Понтијак, во државата Мичиген, во 1929 година е формирана првата независна македонска група. По формирањето на повеќе вакви групи во различни градови на САД, на 22 и 23 март 1930 во градот Толедо, Охајо, била одржана првата конференција на македонските независни групи, а Смиле Војданов бил избран за претседател на централното раководно тело.

На првиот редовен конгрес за обединување на групите, одржан од 24 до 26 април 1931, во Гери, Индијана, Војданов е избран за претседател на новоформираниот Македонски народен сојуз, кој во 1934 година, кога се одржува четвртиот конгрес, до кој Георги Димитров испраќа поздравно писмо, има околу 1.200 члена. По Втората светска војна, Војданов го поздравува формирањето на новата македонска република и се вклучува во испраќањето хуманитарна помош за татковината. Починал на 4 март 1958 година во градот Понтијак, САД.


Според дневничките записи на академик Никола Кљусев

Денко Малески кон идејата за независна Македонија настапуваше иронично и со презир!

Во дневничките записи на академик Никола Кљусев, пишувани во времето додека ја извршувал функцијата прв премиер на самостојна Република Македонија, значи од 27 јануари 1991 до 17 август 1992 година, стои дека во политичкиот врв на Републиката во тоа време многумина не биле баш воодушевени од идејата за независност на Македонија. Додека едни ја живееле восхитувачката радост за идна независна држава, како што вели тој, други сѐ повеќе иронизирале со идејата за самостојност, не гледајќи излез надвор од Југославија: „Некои министри, како Денко Малески, во идејата за независна држава гледаа и настапуваа прво плашливо, па иронично, а најпосле и со презир.

Денко Малески тоа јавно го искажуваше: ’Независност само без мене’. Претседателот Киро Глигоров даваше ваква оцена за него: ’Оставете го човекот, да не го загубиме. Тој не мисли така’. Во секој случај, Малески несомнено беше интелигентна личност. Имаше критична, но корозивна мисла, која во себе ја нарекував цинична. Во тие мигови неговата мисла, исполнета со сомнеж и зајадлив, циничен тон што разорува, создаваше револт и одбивност кај другите членови на Владата, па дури и кај најмладиот министер Љубомир Фрчкоски, кој на една владина седница му дофрли да престане со својата ’свилена дипломатија‘. Неговата религиозна приврзаност кон Југославија, прекриена со сентиментален превез, дејствуваше зачудувачки пред поривот за формирање независна држава.“

Пишува: Блаже Миневски