Новиот државен субјект создава дисконтинуитет со асномската дефиниција на Република Македонија, „како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедуваат целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија, а со цел Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава“
Динамиката на активностите на Владата на Република Македонија за да го направи одржлив впечатокот на задоволство кај владејачкото мнозинство од постигнатиот и потпишан договор со Грција за конечно надминување на тридеценискиот спор, со чекорите за забрзана ратификација во Собранието, надежите за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ и експресен влез во НАТО… сѐ уште не се доволно уверливи за консензуално прифаќање од страна на македонската јавност, за, како што тврди владејачкото мнозинство, „добрите намери содржани во спогодбата“.
Дел од јавноста, но и некогашните европски дипломати што се детално во тек со грчко-македонскиот (наметнат) спор, констатираат дека договорот од Нивици е целосно асиметричен, на штета на Македонија, која речиси со секој член од договорот презема обврска со додавањето на географската одредница во името на државата да се откаже од, како што тие тврдат, „сите носечки елементи на својата државност“.
Јазот во врска со ова го продлабочува и долева масло на огнот грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за „Катимерини“. Тој експлицитно јавно тврди дека во договорот не се признава националноста, односно не се признаваат македонскиот народ и посебноста, туку дека во договорот е прецизно утврдено дека се признава државјанството.
– Каде во договорот гледате признавање на националноста? Договорот зборува за државјанство, што е различно од националност – вели Ципрас во интервјуто.
Толкувањето на грчкиот премиер Ципрас за разликата меѓу националноста и државјанството го потврдува и педантно го објаснува професорката по Уставно право, Гордана Силјановска-Давкова.
– Навистина, во правото, државјанството не подразбира националност. И како што е наведена одредбата за државјанство на втората страна во Преспанскиот договор, „граѓанин на Република Северна Македонија“, не го потврдува идентитетот на народот носител на суверенитетот на државата. Поимот „граѓанин“ во правото се однесува на индивидуа што е носител на човекови права – вели Силјановска-Давкова.
Професорката Силјановска-Давкова смета дека со Преспанскиот договор самите (македонската страна) си го суспендираме правото на самоопределување, загарантирано со повелбата на Обединетите нации, си го ограничуваме суверенитетот и дозволуваме мешање во внатрешниот поредок на државата, согласувајќи се со менување на Уставот, според желбите на грчката страна. Освен тоа, со неименувањето на народот – носител на суверенитетот на новоименуваната држава (Република Северна Македонија) се создава нов субјект, кој го губи континуитетот со сегашната Република Македонија.
– Новиот државен субјект создава дисконтинуитет со асномската дефиниција на Република Македонија, „како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедуваат целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија, а со цел Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава“. Со менување на преамбулата во Уставот, поради „спорноста“ на македонскиот народ како носител на суверенитетот (односно според Преспанскиот договор – „граѓанин на Република Северна Македонија“), различни правни субјекти се носители на суверенитетот на Република Македонија и Република Северна Македонија. Тоа повлекува и дилеми за правото на континуитет на новиот државен субјект со Република Македонија – размислува професорката Силјановска-Давкова.
Увереноста во дисконтинуитетот на новоименуваната држава со она што претставува сегашната Република Македонија повеќе се засилува и со одредбата во Преспанскиот договор, со кој втората страна треба да го преиспита, редефинира и означи како „хеленско“ светското културно наследство на својата територија, па дури и нови, авторски уметнички дела. Сомничавоста во добрите намери на договорот од Нивици се истакнува и со фактот што никаде во спогодбата не се споменува името на државата, дефинирана како втората страна.
– Преспанскиот договор не е договор на Република Македонија, читајте го внимателно текстот. Нашата држава – Република Македонија ја нема во тој договор. А погледнете во архивата на Собранието и ќе видите колку многу меѓународни договори ратификувало Собранието и на сите стои името на државата Република Македонија. Зарем ќе ратификувате меѓународен договор во кој не стои Република Македонија како договорна страна. Содржината на Преспанскиот договор не личи на договор, туку на еднострано дадени наредби од првата страна што мора да направи втората страна, за на крајот втората страна, откако ќе направи сѐ како што бара првата страна, да може да очекува и да добие нешто на „подарок“. Наредбите, пак, што првата страна ѝ ги дава на втората страна се грозни, недозволени во меѓународното право и со нив, меѓу другото, се крши повелбата на Обединетите нации, а во преамбулата на договорот се повикуваат и на неа. Не верувам дека постои држава што ќе прифати такви наредби, а нам Владата сака да ни ги продаде како пат кон светла иднина – заклучува поранешната судијка на Врховниот суд, Милојка Калкашлиева.