Во извештајот на ООН за недостиг од храна, меѓу другото, се наведува дека бројот на луѓето што гладуваат значително е пораснат, во споредба со 2019 година, и дека од 113 милиони минатата година, сега таа бројка е искачена на 135 милиони луѓе. Причина за ваквите показатели, покрај пандемијата, се и меѓусебните судири, климатските промени, но и економските кризи во некои земји
Според извештајот на Светската програма за храна при ООН
Бројот на светското население што е на работ до глад би можел да се удвои поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, а до крајот на годинава таа бројка би можело да ја надмине и цифрата од 250 милиони луѓе. Ова завчера го објави директорот на Светската мрежа против криза со храната при (ООН) Дејвид Бизли, предупредувајќи дека поради тоа е возможно на некои локации низ светот наскоро да има и хуманитарни катастрофи, јави Би-би-си.
Во извештајот на ООН, меѓу другото, се наведува дека бројот на луѓето што гладуваат значително е пораснат, во споредба со 2019 година, и дека од 113 милиони минатата година, сега таа бројка е искачена на 135 милиони луѓе. Причина за ваквите показатели, покрај пандемијата, се и меѓусебните судири, климатските промени, но и економските кризи во некои земји.
Меѓутоа, според истражувањето на ООН, до крајот на 2020 година овие бројки од 135 милиони луѓе што гладуваат би можеле да се зголемат дури на над 265 милиони лица, поради дополнителните економски последици од пандемијата, предупредуваат проекциите на Светската програма за храна при ООН. Во четвртиот годишен глобален извештај за кризата со храна, ООН како најзагрозени држави ги наведува: Јемен, Демократска Република Конго, Авганистан, Венецуела, Етиопија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Нигерија и Хаити.
Според податоците на ООН, во Јужен Судан 61 отсто од населението уште минатата година било погодено од недостиг од храна. Дополнително пред пандемијата, делови од Источна Африка и Јужна Азија со децении се соочуваат со сериозен недостиг од храна, кој е предизвикан од долгогодишните суши.
Обраќајќи се пред Советот за безбедност на ООН за време на видеоконференцијата на почетокот од неделава, Бизли истакна дека светот мора да дејствува мудро и брзо.
– Можеме да се соочиме со библиски глад во рок од неколку месеци. Не се бориме само со пандемијата што го загрозува здравјето на луѓето низ светот туку и со хуманитарната катастрофа од планетарни димензии. На милионите цивили во земјите каде што има судири, од кои голем број се жени и деца, им се заканува глад и таа закана навистина е реална и опасна – истакна Бизли. Според него, во најлош случај со сиромаштија, но и со глад наскоро би можеле да бидат зафатени најмалку триесетина земји.
Ариф Хусаин, главен економист на „Светската мрежа против криза со храната“ и автор на студијата претставена во вторникот, изјави дека „коронавирусот не можеше да се случи во полош момент“, и оцени дека состојбата и натаму се влошува.
– Секој ден околу 21.000 луѓе во светот умираат поради причини што се во врска со недостиг од храна. Таквата состојба во светот беше вообичаена и пред пандемијата – рече Хусаин.
Инаку главните наоди на извештајот беа меѓу податоците презентирани пред Советот за безбедност на ООН од страна на генералниот директор на ФАО Кји Донгју и извршниот директор на Светската програма за храна Дејвид Бизли, во вторникот, за време на дискусиите за состојбата со безбедноста на храната во земјите погодени од конфликти.
Глобалната мрежа против кризи за храна е меѓународна алијанса, која работи на решавање на основните причини за екстремниот глад. Ја основаа Европската унија, ФАО и Светската програма за храна на ООН (ВФП) во 2016 година. Има 15 членки и се стреми кон подобро поврзување, интегрирање и водење на постојните иницијативи, партнерства, програми и процеси на политики за одржливо решавање на основните причини за кризите за храна.