Во лекувањето со музика треба да се истакнат и древните методи, како исцелувањето со звук од гонг или со помош на звучни вибрации од тибетските садови. И едниот и другиот метод создаваат вибрации, кои влијаат добро на умот и на телото на човекот, враќајќи му ја првобитната рамнотежа
Од праисторијата луѓето се служеле со музиката како со моќна алатка за исцелување на душевните и телесните проблеми и за постигнување општа хармонија. Питагора уште кон крајот на 6 век пред новата ера утврдил дека сѐ што постои во космосот подлежи на законите на хармонијата. Во согласност со тоа силно се залагал за примена на музиката во лекувањето. Музиката влијае на човековиот организам, но и на сите други суштества вклучувајќи ги билките.
Во денешно време е познато дека секоја клетка на човековото тело вибрира со одредена фреквенција.
Поедноставно речено, целиот наш организам произведува одредена мелодија. Ако таа мелодија е хармонична – ние сме здрави, ако не е – не сме. Токму во тоа се крие најголемиот потенцијал за лекување со музика. Имено, на организмот може да се гледа и како на инструмент, кој е нужно да биде наштиман на начин на кој се штимаат, на пример, клавир или гитара. Нашите мозочни бранови послушно реагираат на секоја фреквенција што ја примаат. Бидејќи звукот е вибрација, тој влијае на сите делови на човековото битие вклучувајќи го физичкото, емоционалното и духовното ниво. Затоа со музиката може да се лекуваат различни болести и тегоби, но со музика може да се поттикнува и креативноста и да се намали нивото на стресот. Музиката влијае поволно и на јакнење на имунитетот и на закрепнување по болест. Слушањето музика го поттикнува лачењето ендорфин, познат и како хормон на среќата, кој го подобрува расположението и ефективно ја запира болката.
Во лекувањето со музика треба да се истакнат и древните методи, како исцелувањето со звук од гонг или со помош на звучни вибрации од тибетските садови. И едниот и другиот метод создаваат вибрации, кои влијаат добро на умот и на телото на човекот, враќајќи му ја првобитната рамнотежа. Така, со помош на звук можете да отстраните голем број телесни и духовни блокади, да се ослободите од болки и стравови и да создадете позитивни чувства. Од занимливостите поврзани за музиката, вредно е да се издвои т.н. Моцартов ефект – име за низа позитивни ефекти што генијалните композиции на Амадеус ги имаат врз човечкиот ум.
Во последните дваесетина години повеќе угледни научници врз основа на голем број експерименти утврдиле дека неговата музика ги синхронизира десната и левата половина на мозокот. Поради тоа Моцартовата музика релаксира, побудува креативност и мотивација и ги подобрува концентрацијата и способноста за мислење. Музиката на салцбуршкото чудо од дете не е само пријатна за уво и смирувачка туку таа дури штити и од погубното влијание на стресот, влијае на подобрување на меморијата, ги подобрува изразувањето и способноста за донесување интуитивни заклучоци.
Со истражувања спроведени на животни во лаборатории, дојдено е до заклучок дека глодачите што биле изложени на музиката на Моцарт побрзо и полесно наоѓале излез од лавиринтот во кој биле ставени, отколку оние што истата задача ја извршувале во тишина или што биле изложени на некоја друга музика или бучава. Најзанимливо е тоа што глодачите, кои Моцартовата музика ја слушале уште во матката на мајката, по доаѓање на свет се покажале како поинтелигентни и поснаодливи од оние што ја немале таа привилегија. Ова сознание несомнено може да се примени и на човечката популација, па, така, идните мајки секако нема да згрешат ако за време на бременоста ги слушаат Моцартовите сонати.
Истражувачите откриле дека и билките сакаат музика. Според нив, музиката, особено класичната, еднакво поволно влијае и на растителниот и на животинскиот свет. Заклучено е дека билките под влијание на музика растат побрзо, а кравите даваат повеќе млеко. Во 2001 година тосканскиот винар Карло Кињоси, во потрага по еколошки начин на заштита на лозата од штетници, се обидел со музика. Во своето големо лозје поставил звучници и виновата лоза ја изложил на класична музика. Притоа, тој забележал дека грозјето побрзо созреало и било поздраво.
Сепак, ако сакате лично да се уверите во тоа дали и вашите градинарски или собни билки подобро ќе напредуваат со помош на музика, внимавајте на репертоарот. Имено, изгледа дека билките не сакаат поп-музика, рок и хевиметал, но „им се допаѓаат“ класична музика, џез и традиционална индиска музика, додека, пак, кон кантри-музиката се целосно индиферентни. И повеќе од тоа, звучните вибрации наедно ќе го прочистат и просторот во кој престојувате од сите облици на негативна енергија.
Има уште еден многу симпатичен, евтин и лесно достапен предмет, кој е многу добро да се држи внатре во просторот во кој престојувате. Тоа се кинеските ѕвончиња – висечки предмети од бамбус, метални цевчиња, школки и слично, кои при струење на воздухот произведуваат пријатни звуци. Особено се препорачува да ги држите во домот, градината или на работното место, оти нежните тонови, кои тие повремено ги произведуваат, го отстрануваат стресот, истовремено носејќи чувство на мир и задоволство. Исто така, се верува дека нивниот звук ја отстранува негативната енергија од просторот.
Калина С. Андонова