Кога првиот ден по Нова година на Гинеколошкото одделение во Клиничката болница во Битола се роди женско бебе, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, во изјава за медиумите најави вистински градежен бум и без воздржување нагласи дека веднаш по новогодишните и божиќните празници, доколку зимата биде блага, градежните машини ќе го раскопаат градот под Пелистер. Причина повеќе за ваквиот оптимизам на градоначалничката Петровска беше и тоа што општинската каса беше буквално (пре)полна и, од непотрошените средства од 2019 година, во годинашниот буџет беа префрлени околу 5 милиони евра.
Кога нешто подоцна од Владата во буџетот на општината се слеаја уште 2,5 милиони евра за купување инвертер-клими за битолчани, општинското раководство задоволно ги триеше рацете, чекајќи ја градежната сезона за да почне со големиот градежен бум, за изградба на неколку клучни објекти, како што се реконструкцијата на Офицерскиот дом, киното „Манаки“, (до)изградбата на градскиот стадион, затворениот базен, пречистителната станица, детски градинки, реконструкција на училишта, клучните сообраќајници во градот, влезовите за Битола, изградбата на експресниот пат за граничниот премин Меџитлија… Но старите рекле домашниот есап на пазар не излегува. По појавата на пандемијата на коронавирусот, никој во Битола веќе не зборува за градежната офанзива и средувањето на инфраструктурата во градот.
За реализацијата на големите инфраструктурни зафати во моментот молчи и градоначалничката Наташа Петровска. Соочена со пандемијата, и кај неа очигледно е спласнат оптимизмот. Како и во секој град, така и во Битола сега сите активности се насочени кон справувањето со коронавирусот и грижата за здравјето на луѓето. Откако е воведена вонредната состојба, Советот на општината едноставно замина во (само)изолација и нема буквално никакви активности. Од јавниот живот се повлекоа и советниците, како од власта, така и од опозицијата. Сега со градот раководи кризниот штаб, во кој, покрај градоначалничката Наташа Петровска, членуваат и првите луѓе на јавните комунални претпријатија, Центарот за јавно здравје, Клиничката болница во Битола…
Деновиве наместо градежните машини да работат на изградбата на експресниот пат од Прилеп за Битола и другите инфраструктурни зафати на битолските сообраќајници, градежните машини работеа на изградба на „санитарна јама“ преку која мора при влезот во Битола да се дезинфицираат сите автобуси и камиони што влегуваат во градот.
Јавните комунални претпријатија во Битола главно работат на миење и дезинфекција на улиците во градот и влезовите во станбените згради и градските установи. Во тоа имаат и голема помош од специјалните екипи за дезинфекција на РЕК „Битола“.
Овие денови, кога улиците во Битола главно се празни, навистина е прекрасна глетката колку улиците во Битола се чисти, и тоа не само во строгиот центар на градот туку и во Нова Битола, што пред појавата на пандемијата, рака на срце, не беше баш така.
Постојано се мијат и дезинфицираат и двата зелени пазари во градот, а вработените на комуналните претпријатија и голем број волонтери се грижат за дезинфицирање и на влезовите во станбените единици.
Сега наместо локалната самоуправа да размислува кога ќе ги заврши инфраструктурните проекти и на што ќе ги потроши „заштедените неколку милиони евра“, размислува кога ќе заврши пандемијата и колку битолчани ќе го прележат коронавирусот. Веќе подолго од еден месец Битола е буквално мртов град, во кој сѐ е на стендбај.
Сите угостителски објекти, ресторани и кафулиња се затворени, а катанци се ставени и на најголемиот број од дуќаните и продавниците во Старата битолска чаршија. Сега во Битола никој не прашува кој не работи, туку кој работи. Веќе подолго од еден месец не работи ни германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“, во кој беа вработени над 6.500 работници. Тоа што ги преокупира битолчани е колку од овие затворени бизниси ќе преживеат и воопшто ќе отворат откако ќе заврши пандемијата.
Во целата оваа несреќа, утеха може да биде тоа што Битола е меѓу градовите што немаат многу заразени од коронавирусот и барем засега инфицираните со тие од регионот се сместени во Клиничката болница, но се бројат на едната рака. Во една таква атмосфера битолчани ги дочекуваат велигденските празници со верба и надеж дека наскоро ќе се врати животот во градот, кој во моментот тивко умира.