Како преживува уметничката сцена во Северна Италија
Како што навлегува Италија во својот втор месец на изолација, така улиците стануваат потивки и почнуваат да се чувствуваат знаци на умор. Изолацијата и чувството на загуба се чини дека ги мелат духовите на оние што се познати низ светот по својата живописна и сензорна култура, особено во Северна Ломбардија, во Милано, каде што модата, дизајнот и уметноста се најважните индустрии.
„Миарт“, меѓународниот саем за уметност во италијанскиот град, беше презакажан од април во септември, а властите ја претворија неговата локација во привремена болница. Саемот за дизајн, пак, „Ил салоне дел мобиле“, кој носи илјадници туристи во Милано секој јуни, комплетно е откажан.
Сепак, зад сцената, дилерите на уметност, уметниците и кураторите даваат сѐ од себе за да останат ангажирани во својата работа и да се поддржуваат едни со други. Тие работат на идеи за тоа како да се соберат финансиски средства за оние што се најпогодени од здравствената криза и како да добијат поширока владина поддршка во културата.
– Од креативен аспект, првиот период не беше многу плоден, бидејќи преовладуваше вистински страв од нешто непознато. Но уметноста и културата не запираат, или барем одбиваат да запрат – вели уметничката двојка „Масбедо“ од Милано, која одамна почна да создава видеа и да врши интервенции преку своите мобилни телефони и компјутери.
Пандемијата ги откри слабостите на политичките и културните системи низ целиот свет, кои веќе беа присутни.
– Метафорично, ова е поп-квиз што бара, во блиска иднина, а не само денес, значителни напори и неколку месеци или можеби години работа – вели кустосот Доменико де Чирико.
За многумина на уметничкиот пазар, премногу е рано да се каже колку катастрофално би можело да биде изолирањето. Продажбата на интернет може да ги поттикне уметниците, кои се веќе барани, но за помалку познатите, промоцијата преку интернет не би можела да оди далеку.
– Голем предизвик е да се најдат клиенти што не можат да ги напуштат своите домови за лично да ги видат делата – вели Анамарија Маги, директорка на галеријата „Фумагали“.
Таа исто така забележува дека целата инвестиција во социјалните медиуми „не помага во трговската активност, која е речиси нула“. Таа претпоставува дека еден чекор понапред кон закрепнување е соработка помеѓу галерии и аукциски куќи, предлагајќи аукција преку интернет, посветена исклучиво на делата на италијанските галерии.
– Ваквата иницијатива би можела да ја подобри продажбата и да го врати во нормала годишниот буџет, кој ветува дека ќе биде катастрофален – вели таа.
Дилерот на уметност Џио Маркони посочува дека галериите ќе имаат итна потреба од ослободување од данок, откако ќе се случи острата криза.
– На пример, намалувањето на стапката на ДДВ би било добра идеја за да се зголеми продажбата на уметнички дела и да се поддржи уметничкиот сектор – рече тој за „Артнет њуз“.
Фумагали и Маркони не се единствените што чувствуваат болка. Николи Карди, сопственик на миланската галерија „Карди“, открива дека очекувал да заработи значителен приход на пролетните саеми „Арт Базел Хонгконг“, „Фриез Њујорк“, „ТЕФАФ Њујорк“ и „Миарт“, кои се откажани или одложени. Постои оптимизам дека уметничкиот пазар на Европската Унија може да отскокне побрзо од САД, но тоа ќе зависи од состојбата на ЕУ на крајот на кризата.
Иако постои солидарност помеѓу уметничките работници во градот, за жал не постои холистичка или сеопфатна власт или напори во индустријата за зајакнување на уметничката сцена. Наместо тоа, пријателите и колегите организираат аукции за основни придобивки и креативни проекти за да им помогнат на членовите да издржат. И Владата успеа да им обезбеди исплата од 600 евра, ослободена од данок, речиси на пет милиони работници, пренесува „Еурактив“. Парите, иако сигурно се добредојдени, покриваат само околу еден месец кирија во Милано.
Уметникот Франческо Јоао Скаварда, кој веќе 38 дена е дома и имал два проекти во Брисел, вели дека е импресиониран од напорите што ги направи уметничката заедница, вклучувајќи го и почнувањето кампањи за собирање финансиски средства, дистрибуција на боенки со слики од дела на уметници и составување плејлисти за времето поминато во карантини.
Но Лоренцо Џиусти, уметнички директор на Галеријата за модерна и современа уметност, вели дека набргу станало јасно дека неговата институција треба да направи повеќе од помагање на уметничката заедница. Тој започна да праќа апели со покана до следбениците на институцијата да донираат во локалната болница.
– Бергамо е буквално опколена територија. Повеќе од еден месец се обидувам да го направам ова лично, пишувајќи им на уметниците, кураторите и пријателите од различни делови на светот, барајќи од нив да не ја потценуваат опасноста од вирусот – вели тој.
Многумина се согласуваат дека по пандемијата, уметничкиот свет ќе изгледа многу различно од порано.