Ова е коментар на најновиот медиумски прилог на залудување на црногорската јавност од перото на протојереј-ставрофор Гојко Перовиќ во подгорички „Вијести“ („Тајната на светата причест во Православната црква“). Иако е донесена уредничка одлука дискусијата на страниците на тој весник да се затвори, сметам дека темата е премногу важна за да се молчи за неа. Исто така, имам впечаток дека спомнатиот текст на Перовиќ е делумно и реакција на мојот поранешен прилог под насловот „Класика“. Тоа е дополнителна причина за овој коментар.
Текстот на Перовиќ го доживувам како продолжение на борбата започната со литии. Ковид-19 за верските поглавари е криза што не би смеела да се потроши во напорите што повеќе да се хомогенизира изборното тело на СПЦ во Црна Гора.
Перовиќ се обидува да го оствари невозможното: да покаже желба за почитување на световните правила (советите и наредбите на медицинските професионалци и на државните органи на Црна Гора) и да ги докаже исправноста и корисноста на верските обреди, кои се во директна спротивност со спомнатите наредби.
Како ни многумина пред него, тој не успеа да ги реши контрадикторностите што се интегрален дел од структурата на овие два света. Луј Пастер и божествениот дух се спротивните страни на магнетот на кој балансира човечкиот дух. Во обидот да го задоволи световното, а да го воздигне теолошкото, Перовиќ ги спротивстави лојалностите на граѓаните на Црна Гора: онаа кон верата и црквата, наспроти онаа кон државните органи и модерната медицина.
Тврдејќи дека, за вистинските верници, божествениот обред на причест е апсолутна заштита од секоја овоземна закана, Перовиќ ги повикува да се оглушат на упатствата од институциите на државата во време на пандемија. Легитимно е прашањето дали неговиот јавен повик претставува и акт на кршење на одредбите за ограничување на собирањата и за самоизолација. Се наметнува впечатокот дека тој и неговите колеги свештеници се подготвени поради своите верски убедувања да ги доведат во опасност здравјето на големиот број верници и нивните сограѓани што не се верници.
Освен што тврди дека е невозможно да се пренесе заразата преку божествениот чин, тој исто така не им придава голема важност на овоземните маки на верниците. Се заразиле или не, напуштањето на овоземната долина на плачот не би требало да ги загрижува вистинските верници, бидејќи, како што ни кажува Перовиќ, нив ги очекува вечна благосостојба, од онаа страна на виножитото.
За да нема забуна, сакам да нагласам дека не му го оспорувам правото на Гојко Перовиќ или кое било верско лице, од која било вера, својата паства да ја подучува на верски обреди, да им ги објаснува теолошките претпоставки и да го рационализира верскиот напор за да се елиминира, според мене, критичкото мислење.
Така прави секој посветен пастир, а за таа цел користи разновидни алатки, вклучувајќи и медиумски, со кои го опремила неговата верска институција.
Бидејќи сум професионален историчар и атеист што верува во вредноста на критичкото промислување на себеси и на светот, кој полага голема надеж во науката, рационалноста и овоземната медицина, презентацијата што ја понуди Перовиќ ја читав и како верско-пророчко-политички колаж на невтемелени тврдења, очигледни невистини и ирационални проекции.
Проекциите на Перовиќ се карактеристични за сите верски движења, било да се организирани или не. Нивната функција е да ја изместат индивидуата од секојдневието и, макар за кратко, да ја издигнат на небесно ниво на естетско битисување. Овие привремени изместувања помагаат да се совладаат непријатностите на секојдневието и да се пречекори границата меѓу двата света: барем за миг да се живее во поинаква реалност. Тој исчекор е неодолив, па луѓето постојано и одново ги проживуваат овие драгоцени мигови и чекаат да се повторат. Тоа е она што ја чини суштината на носталгичното сеќавање на „старите добри времиња“.
Перовиќ нуди атрактивна верзија на старите добри времиња во кои, според него, апсолутното верување во православното издание на божествената наклоност било гарант за здравје, сила, богатство и духовен мир. Тој ги повика читателите да зачекорат во тоа време на благосостојба и блаженство, па така да се заштитат од разните закани, вклучувајќи и од вирусот што беснее денес во светот.
Додека го читав овој текст, не можев да се ослободам од две ментални слики. Едната е сликата на пророкот Митар Тарабиќ, кој со секој нов параграф се претвораше де во вуковарската астролошка Сока де во Дедо Милое, пророкот од Поморавје. Втората слика е на мојата покојна баба Петруша, која веруваше во магичната моќ на два лека: едниот за рани, а другиот за несоница. На сите мои детски гребаници и повреди ќе завиткаше лист свеж орев, а за мирен сон на внукот на уво ќе му шепнеше: „…помогни боже и вечерашнава ноќ…“.
Гојко Перовиќ ја искористи значајната платформа за да заменува тези, да собира пословично „баби и жаби“ и од петни жили да се покаже како напредно мислечки верник. До неодамна тој фигурираше како „нормален“, „разумен“ и „трезвен“ глас во хорот верски екстремисти. Неговиот најнов текст покажува дека тој, за жал, сѐ уште не исчекорил од длабокиот верски подрум на умот.
Оваа најнова медиумска промоција на православната рајска градина на Перовиќ, од која чадот на темјанот и причеста не вистинските верници (со лажиче или без него) засекогаш ги протераа сите болести и вируси, исто така заслужува внимание и аналитички осврт. Но за тоа во некоја друга пригода, и под претпоставка дека како атеист ќе успеам да му побегнам на ковидов.
Д-р Срѓа Павловиќ
(Авторот е предавач на Катедрата за историја и класици на универзитетот „Алберта“ во Едмонтон, Канада)