Креативен предизвик на Националната галерија на Македонија
Националната галерија на Македонија се приклучи на светскиот тренд по примерот на повеќе светски музеи, последен во низата е музејот „Гети“ од Лос Анџелес, САД, кои деновиве им даваат виртуелен предизвик на своите посетители да направат реплики на светски познати уметнички дела, од она што можат да го најдат во своите домови, каде што во моментот се во изолација поради пандемијата на коронавирусот.
На адресата на Националната галерија пристигнаа огромен број креативни фотографии, на кои луѓето ги пресоздаваат своите омилени слики од македонските и од светските уметници во безбедноста на своите домови. Љубителите на ликовната уметност и кај нас, како и во светот, со многу ентузијазам одговорија на предизвикот. Заслужено, овие уникатни фотографии деновиве ги преплавуваат социјалните мрежи.
– Националната галерија продолжува со активности во периодов во кој нашата верна публика не е во можност да нѐ посети, а најголемиот дел од времето е по дома. Започнуваме интересен предизвик. Земете како инспирација некое познато дело (доколку е автор од нашето поднебје, уште подобро) и претставете го во состојба на карантин и самоизолација – порачуваат од НГМ.
Прва го прифати предизвикот кустоската Ана Франговска, со делото на Никола Мартиноски (1903-1973), „Циганка со кафе“ од 1928 година, кое е сопственост на Музејот на Град Скопје.
– Снимете се, тагирајте ја Националната галерија, и ставате ги долните хаштагови, и предизвикајте некој ваш близок – велат од Националната галерија, која уметничкиот предизвик го наслови „Помеѓу уметноста и карантинот“.
Меѓу испратените дела е и она на Александра Ацеска, која прави рекреација на познатото дело на Леонардо да Винчи, „Дамата со херелимин“. Потоа уметницата Љупка Делева, која живее и работи во Венеција, прави своја интерпретација на перформансот „Уметноста мора да биде убава, уметникот мора да биде убава“ на уметницата Марина Абрамовиќ. Таа ја насловува својата фотографија „Уметницата мора да биде убава дури и ако е во карантин“.
Христина Крстеска го прифати предизвикот и направи одлична рекреација на дело од македонскиот доајен Никола Мартиноски (1903-1973), „Доилка“ од 1967 година. Нина Николиќ, пак, го пресоздава делото „Рак“ на Васко Ташковски…
На фејсбук-страницата на Националната галерија може да се погледнат сите предизвици, а ние ви прикажуваме дел од нив.