Процесот за проширување на „европските граници“ на балканскиот простор, кој долго време беше ставен на слеп колосек поради внатрешните разидувања во Европската Унија, повторно е откочен. Но тоа не значи дека во Западен Балкан се надминати сите проблеми што беа присутни пред појавата на епидемијата
Претходниот месец се случија два важни настана што претставуваат значаен напредок во евроатлантските интеграции на земјите од регионот. На 30 март, македонското знаме беше подигнато првпат пред седиштето на НАТО во Брисел. На 24 март министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија се согласија да дадат зелено светло за разговорите за пристапување со Македонија и со Албанија. Ова следуваше пет месеци откако францускиот претседател Емануел Макрон стави вето на раното гласање од ЕУ, за да започне преговори со двете земји. Процесот за проширување на „европските граници“ на балканскиот простор, кој долго време беше ставен на слеп колосек поради внатрешните разидувања во Европската Унија, повторно е откочен. Тоа се случува во период на пандемија на коронавирусот, кога сите национални влади се соочени со нови здравствени предизвици.
Политичките процеси се ставени на подолните места од листата на приоритети, како што е побрзото излегување од здравствената и економската криза. Но експертите предупредуваат на новите „опасности“ што му се закануваат на регионот, а тоа е засилување на автократскиот начин на владеење, отсуство на меѓусебна солидарност, но и пораст на нов бран национализам, во услови кога постојат ограничени финансиски и економски ресурси за излез од општата криза во која се најдоа Западен Балкан и светот.
Сепак, и покрај овие неодамнешни позитивни случувања и постојаното одобрување на Западен Балкан за евроатлантска интеграција, постојат и причини за загриженост, забележува аналитичарот Димитар Бечев во неговиот авторски текст објавен на „Ал џезира“.
– Во Западен Балкан, влијанието на западните институции е непроменето. Србија, која важеше за носител на влезот во ЕУ, во 2019 година беше деградирана од слободна до делумно слободна земја, според невладината организација „Фридом хаус“. Во Црна Гора, втората регионална ѕвезда, никогаш не се почувствува влијанието на опозицијата. Западен Балкан повеќе ги презема практиките од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, отколку од добро функционалните демократски политики во Северозападна Европа – пишува Бечев, истражувач на Атлантскиот совет и професор на Универзитетот во Северна Каролина.
Тој во разговор за Радио Слободна Европа дава свое видување за тоа дали рецесијата во еврозоната ќе доведе до стагнација на Западен Балкан и до уште поголем израз на непроменетата состојба што беше на Балканот претходно, но сега со поизразен вид на автократски начин на владеење и на национализам.
– По финансиските кризи во 2008 и 2009 година, беше поттикната голема миграција од регионот, слабеење на правната и јакнење на „заробената држава“. Ова не значи нужно и појава на конфликти, но, секако, ќе видиме радикални говори на омраза во јавната сфера, пораст на корупцијата и слабеење на улогата на ЕУ како промотор на демократијата. Тоа е најлошото сценарио, во кое економските последици на кризата ќе придонесат за влошување на состојбата – смета Бечев.
Независно од позитивните европски сигнали што беа испратени кон Македонија и Албанија, политичките состојби во другите земји од Западен Балкан се речиси непроменети. Аналитичарите од повеќе земји што учествуваа на неодамнешната видеоконференција отворено посочија на внатрешните проблеми низ кои поминува Косово, кое сега се соочува со три кризи: владина, уставна и здравствена криза, пренесува „Дојче веле“.
Поделбите на релацијата меѓу веќе сменетиот косовски премиер Албин Курти и претседателот Хашим Тачи се поизразени и не даваат надеж за надминување на разликите, кои се однесуваа за патот на решавање на спорот со Белград. Излегувањето на опозицијата во време на пандемија, како и распишувањето брзи парламентарни избори се исклучени, така што приштинските политички водства се ставени во една безизлезна состојба, која во овој момент најмногу му одговара на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој одложувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина го оправдува со „неподготвеноста на другата страна“ за преговори и во исто време ги обвинува за неисполнување на претходно преземените обврски.
Со позитивната одлука за почеток на преговори со Македонија и Албанија, европската администрација во Брисел се обиде да ги врати своите позиции на Балканот, по сѐ поизразената „антиевропска кампања“, која дојде до израз за време на корона-кризата. Колку тоа ќе влијае на другите земји во регионот останува неизвесно. Политичките разлики меѓу балканските држави, привремено се ставени настрана, но тоа не значи дека и целосно се заборавени.
Препирките меѓу Црна Гора и Србија за статусот на српското малцинство и прашањето за сопственоста на црковниот имот постојано се подгреваат. Нефункционалноста на централната власт на ниво на Федерација Босна и Херцеговина дојде до израз во времето на епидемијата, поради различните пристапи и стратегии на ентитетите и кантоните за справување со коронавирусот и последиците од него.