Вратата се отвори, тоа беше татко ѝ. Во рацете држеше кутија со чевли. Девојчето се насмеа од среќа и ја грабна кутијата што поскоро да ја отвори. Насмевката наеднаш исчезна од нејзиното лице. Од кутијата извади машки чевли и со насолзени очи го погледна својот татко. „Овие подолго ќе ги носиш“, како оправдување ѝ рече тој

Спомени од детството преточени во расказ

Во училиштето се одбележуваше празникот на Републиката, 29 Ноември. Сите се подготвуваа за приредбата, која се организираше во чест на големиот ден. Највозбудени беа учениците што учествуваа во приредбата. Нивните мајки им помагаа да се дотераат во бели блузи, црни здолништа и црни чевли.
На крајот од улицата живееше едно девојче, кое исто така требаше да настапи на приредбата, но наместо да биде радосно и возбудено, тоа беше многу тажно. Неговите чевли од неколкугодишното носење почнаа да се распаѓаат. Мајка ѝ загрижено шеташе низ собата, погледнувајќи де во тажното лице на ќерка си де низ прозорецот.

– Не грижи се, татко ти сега ќе дојде и ќе ти ги донесе најубавите нови чевли.
Вратата се отвори, тоа беше татко ѝ. Во рацете држеше кутија со чевли. Девојчето се насмеа од среќа и ја грабна кутијата што поскоро да ја отвори. Насмевката наеднаш исчезна од нејзиното лице. Од кутијата извади машки чевли и со насолзени очи го погледна својот татко.
– Овие подолго ќе ги носиш – како оправдување ѝ рече.
Без никаков приговор ги обу чевлите, врз кои се истураа солзи како река и ги мокреа врвките. Стана, ги избриша солзите и трчајќи успеа да стигне пред почетокот на приредбата.
– Ајде ученици, сега е на ред вашиот рецитал – им рече учителката.
Девојчето со машки чевли имаше најдолг текст во рециталот. По долгото ракоплескање сите ученици се симнаа меѓу публиката барајќи ги своите родители. Од сите страни на салата се слушаше:

– Браво, браво девојче, како успеа да научиш напамет толку долг текст и толку убаво да го изрецитираш!
Со тажна насмевка таа ги поздравуваше сите што ѝ се обраќаа плашејќи се да не погледнат во нејзините машки чевли.
Дојде и седна меѓу своите родители, кои ѝ честитаа прегрнувајќи ја. Тогаш таа тивко им шепна:
– Никој не ги забележа моите машки чевли.

Љубица Бошкова


За авторката

Светлината не доаѓа однадвор, туку однатре

Љубица Бошкова уште како дете го сакала пишувањето, еднакво поезија и проза, но по желба на нејзините родители целиот живот се занимаваше со бројки, вработена во осигурителна компанија и во своето биро за сметководство. По нејзиното пензионирање минатата година, како што вели, буквите ги избркаа бројките и почна да пишува песни и раскази во кои лесно и спонтано почнаа да протекуваат нејзините мисли. Инаку, Бошковска членува во повеќе поетски здруженија и во здружението „Борка“.
По повод Светскиот ден на литературата за деца, 2 април, таа доби идеја на децата да им подари еден расказ „Девојчето со машки чевли“, кој во себе го носи уште од своето детство.

– Во ова време, кога сите сме принудени на изолација во сопствените домови, сакав на децата да им ја пренесам пораката дека светлината не доаѓа однадвор, туку однатре. Иако од овој настан поминаа повеќе од педесет години, сѐ уште солзи ми течат низ образите кога ќе се сетам на тој ден. Со текот на животот, кога и самата почнав да се грижам за себе, бев во можност да си купам најубави женски чевли, но тие, сепак, не ги потиснаа чевлите од детството – се сеќава Љубица Бошкова.
Таа вели дека во времето кога таа била дете често се случувало родителите на девојчињата да им купуваат машки чевли, зашто траеле подолго, а тие кутрите ги носеле додека не се скинат.

– Признавам, толку многу посакував да се скинат, да ги снема, а јас да се спасам од тој срам. За жал, тоа им се случуваше само на сиромашните девојчиња, додека богатите секогаш носеа лакирани чевлиња, а во косите панделки, бели, црвени, розови… Затоа овој мој спомен од детството преточен во расказот „Девојчето со машки чевли“ го споделувам со вас, драги деца. Исто така сакам да ви порачам дека во животот можете да постигнете сѐ и да ги имате најубавите играчки, само треба искрено да го посакате тоа и со учење и надградување постојано да вложувате во себе – вели Љубица Бошкова. Ми.М.